Се разбира, дури и од една ваква ситуација постои излез, решенијата за тоа се познати. Но тие решенија не се остваруваат од страна на поединци или на групи, туку само со ангажман на целата заедница. Кога веќе сме се нашле тука, кога живееме во ваква средина, тогаш нема друг избор, мора заеднички да ги засукаме ракавите, да се сплотиме за надминување на оваа ситуација. Оттаму, се наметнува размислувањето – може ли токму овие празници, кои носат со себе толку работи што ги поврзуваат луѓето од различна верска определба, да бидат иницијалната каписла што би нѐ поттикнала сите заедно да го бараме решението
Пред нас е Велигден, ден на Христовото воскресение, најважниот празник во православниот календар. В недела православните христијани се поздравуваат со поздравот „Христос воскресна“ на што се одговара „Навистина воскресна“, во чест на воскресението на Исус.
А во тек е и светиот муслимански рамазански месец, кој завршува со голем исламски празник. Муслиманите се воздржуваат од храна и пиење од изгрејсонце до зајдисонце 30 дена. Верниците се молат во одредено време за нивно физичко и душевно прочистување, го читаат Куранот, донираат средства во добротворни цели, а членовите на семејството и пријателите се собираат на ноќна трпеза. Во текот на целиот свет месец треба да се воздржуваат од негативни искушенија и да работат на индивидуално и колективно издигнување, толеранција, уважување, помагање, соживот.
Идентична е сликата и кај христијаните. Славејќи еден од своите најголеми верски празници, Велигден, тие го слават животот, воскреснувањето на новиот живот чии столбови се универзалните вредности што луѓето треба да ги негуваат, меѓу кои и почитувањето, љубовта, толеранцијата, уважувањето, помагањето, соживотот…
Звучи познато? Звучи идентично?
Па, всушност, и така е. Во право сте. Најголемиот и највисок идеал на сите религии е постигнувањето сеопшт просперитет и благосостојба. И за верниците, па и за атеистите.
Велигден и Рамазан се убава можност, во спокојно расположение сите заедно, без разлика дали сме верници или не, да одвоиме некоја минута за себе и да размислиме малку повеќе за нас, за сето она што нѐ опкружува, она што ни го сочинува секојдневието. Да подразмислиме дека она што ни недостига е нашето единство, нашето обединување како жители на Македонија. Впрочем, и денот Велигден е таков, ден на повторно раѓање, ден за враќање кон некои изворни вредности.
Верувам дека не треба многу да се бараат аргументи за ваквото тврдење. Доволно е само да ги отвориме очите, да се расониме, особено оние што живеат во сон. Да се обидеме барем на миг да бидеме реални и да ги видиме состојбите какви што се навистина. Да ги тргнеме розовите очила и да престанеме едни на други да си ја наметнуваме својата вистина.
А која е всушност вистината, која е реалноста?
Реалноста е дека заеднички стагнираме на сите полиња. Реалноста е дека имаме низок стандард, за што, верувам, не треба многу објаснување, впрочем инфлацијата и секојдневните поскапувања сосема реално ни укажуваат каде сме на тој план. Реалноста е дека имаме нефункционалност на институциите со која се судираме секојдневно, доволно е само да се упатиме до кој било шалтер, без разлика кој на кој бог му се моли.
Ако на ова го додадеме секојдневното понижување што го доживуваме кога на секој однадвор што ќе му текне се осмелува да ни каже што и како да правиме, ако реално погледнеме на лошото образование, што директно влијае на лошата перспектива за вработување, односно на степенот на невработеност, тогаш, навистина, има ли потреба понатаму да набројуваме за некој да се увери дека стагнираме на сите полиња.
Да не спомнуваме дека сме сведоци како одвреме-навреме, за мали недоразбирања, се наоѓа некој што е подготвен да прави сериозен безбедносен проблем, што внесува вознемиреност во целата држава.
Се разбира, дури и од една ваква ситуација постои излез, решенијата за тоа се познати. Но тие решенија не се остваруваат од страна на поединци или на групи, туку само со ангажман на целата заедница. Кога веќе сме се нашле тука, кога живееме во ваква средина, тогаш нема друг избор, мора заеднички да ги засукаме ракавите, да се сплотиме за надминување на оваа ситуација.
Оттаму, се наметнува размислувањето – може ли токму овие празници, кои носат со себе толку работи што ги поврзуваат луѓето од различна верска определба, да бидат иницијалната каписла што би нѐ поттикнала сите заедно да го бараме решението.
За почеток, да кажеме стоп за криминалот, стоп за корупцијата, за невработеноста, за поскапувањата, за нефункционирањето на институциите…
Заеднички да бараме решенија за некое утре подобро да живееме.
Затоа што на тоа нѐ учат празниците, дека пораките што ги носат токму овие денови се универзални и токму тие вредности, кои веќе ги споменавме, треба да ги негуваме – почитувањето, љубовта, толеранцијата, уважувањето, помагањето, соживотот… На тоа нѐ учи верата, а ние имаме должност ова учење да им го пренесеме на младите генерации. Независно кој колку и дали воопшто е верник, да го продолжиме учењето, затоа што овие вредности се универзални и важат за сите вери и нации.