Фото: Емил Јовановиќ

Српската страна се држеше до конститутивната теорија (од меѓународното право), според која актот на признавање од Србија за Косово не мора да биде даден де јуре- имено со постоење на посебен формален правен акт, туку може признавањето да биде и де факто – преку воспоставување политички, економски и културни односи, односно со каков било друг меѓународен договор склучен меѓу Косово и Србија. Со какво било потпишување документ во Охрид, според меѓународното јавно право, ќе му дадеше на Косово меѓународноправен легитимитет, односно меѓународен карактер на признаена држава од страна на Србија. На тоа стриктно се придржуваше Вучиќ, кој издвои и дека „од некој несоодветно применет термин можат да излезат несакани импликации во иднина!“ На тој начин српскиот претседател сакаше уште еднаш да покаже државничка одговорност дека во дипломатијата и во меѓународните односи секој збор, па дури и секој интерпункциски знак, си има свое значење и треба строго да се води грижа за нив

Што донесе викендов средбата во Охрид
меѓу Белград, Приштина и Брисел

Полека се смируваат страстите и со студена глава можат да се анализираат заклучоците од 12-часовната маратонска средба меѓу Белград и Приштина, која под посредништво на ЕУ се одвиваше во Охрид изминатиот викенд. Како што е познато, состанокот беше свикан за да се усогласат ставовите за анексот на договорот за нормализација на односите.

За Европа – договор имаше,
за Србија – договор не е
потпишан, за Косово –
статусот од преговорите да биде меѓународноправно обврзувачки

За шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, како медијатор во дијалогот, преговорите биле тешки, но сепак договор имало.
– Косово и Србија се договорија за анексот за имплементација на Договорот за патот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Договоривме кога, кој и како да се реализира тоа. Во рамките на анексот, страните се согласија да ги исполнат сите членови од договорот и да ги спроведат сите обврски без одложување и со добра волја – изјави Борел, кој практично беше организатор и домаќин на состанокот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во својата прва изјава беше дециден дека не потпишал ништо, бидејќи не склучувал никакви меѓународни договори со Косово, затоа што Србија е меѓународно признаена земја, за разлика од Косово. Вучиќ не се согласил да не се попречува членството на Косово во меѓународни организации, но се согласил на нормализација на односите. Тој потврди дека текстот, кој го менувале дури 12 пати, ќе биде дел од преговарачката рамка за двете земји.
Од друга страна, Албин Курти го обвини Белград дека го одолжува времето за потпишување. Тој соопшти дека по целодневните преговори се обврзал да ја спроведе заедницата на српски општини, но и најави дека ќе се залага за правата на сите граѓани на Косово.
– Постигнавме јавен договор за анексот што ќе води кон спроведување на основниот договор. Останува на Европската Унија да најде механизам статусот на овој договор да биде правно и меѓународно обврзувачки. Дојдов во Охрид со намера да го потпишеме основниот договор со анекс, но српската страна и овој пат избегна негово потпишување, исто како на последната средба во Брисел на 27 февруари – рече Курти.

Дали постигнување каков било договор, макар и усна согласност, е де факто признавање на Косово од страна на Србија

Косовскиот премиер Албин Курти беше дециден дека е постигнат јавен договор, а дека Србија бега од потпишување. Но, сепак, тој смета дека и самото постигнување усна согласност значи меѓусебно признавање на Косово и Србија. Тој рече дека сега останува на ЕУ да најде механизми за да ја принуди Србија да го потпише договорот.
– Основниот договор е де факто меѓусебно признавање. Значи, ова е признавање меѓу Косово и Србија. Србија, исто како и на последната средба во Брисел, го избегна потпишувањето на Договорот и сега на анексот. Останува на ЕУ да најде механизам договорот да го направи правно и меѓународно обврзувачки – рече Албин Курти.
На прашањето дали ќе дозволи формирање на заедницата на српски општини (ЗСО), Курти рече дека станува збор за „адекватно ниво на самоменаџирање на српската заедница“, а не за самоуправа.
– Тоа не е самоуправа, туку самоменаџирање, второ јас сум премиер на сите граѓани, затоа се обврзувам не само за Албанците туку и за Србите и другите малцинства. Во овој аспект има параграф што зборува за соодветно ниво на самоменаџирање на српската немнозинска заедница или на српското малцинство во Косово, секако дека ќе се водиме според највисоките стандарди за Србите во Косово да нема никакво загрозување, никаква дискриминација – додаде Курти.

Вучиќ, како претседател на Србија, внимателно води сметка за секој збор што го изговара

Откако мина првичната медиумска еуфорија околу состанокот во Охрид и се врати во Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ свика прес-конференција на која подетално ги образложи заклучоците. Притоа уште еднаш повтори дека не го потпишал Имплементацискиот анекс на Договорот за патот кон нормализација на односите на Косово и Србија од неколку причини, меѓу кои е и желбата да не прави меѓународноправни договори со Приштина.
– Не потпишав поради неколку работи. Србија е меѓународноправно признаена држава, а она што тие го нарекуваат Република Косово, за мене не е. Поради тоа не сакам да правам меѓународноправни договори со Република Косово – рече Вучиќ.
Но она што е особено важно и во голема мера ги објаснува неговите постапки е изјавата на Вучиќ пред новинарите во палатата „Србија“ дека неговите изјави, со оглед на тоа што е претседател на државата, се обврзувачки и затоа „внимателно води сметка за секој збор што го изговара“.
– Се разбира, во формалноправна смисла, тешко ќе покажете дека договор постои без потпис, но по секој самит, за секој случај, недвосмислено зборувам за нашите црвени линии, кои значат дека нема да ја признаеме косовската независност, ниту да прифатиме членство на Косово во ОН – рече Вучиќ.
Тој рече дека Србија не ги потпишала ни договорот ни анексот, но дека е „подготвена да работи на имплементација до своите црвени линии“. Според него, Србија „веќе не зависи само од добрата волја на Приштина туку и од тоа колку Белград е „подготвен да направи одредени работи“.
– Секогаш зборував дека го прифаќаме концептот, дека ќе работиме на имплементација, дека сме подготвени на многу повеќе од Приштина, која е подготвена да потпише зашто оттаму би произлегла формалноправна обврска за Србија да се согласи со косовската независност. За тоа и тоа како водиме сметка кога повторувам одредени работи како папагал, тоа не го правам затоа што сум глупав, туку затоа што добро знам што правам – рече Вучиќ.
Уште еден момент го привлече вниманието на медиумите, кога српскиот претседател објасни дека во врска со прашањето за исчезнатите лица, ги прифатил „сите дополнителни барања на Приштина, освен едно“.
– Не можевме да го прифатиме терминот присилно исчезнување, зашто од тоа би произлегле обврски за Србија во поглед на плаќања воени оштети на Косово – рече тој.
Во тој контекст Вучиќ потенцираше дека особено во овој дел внимавале буквално на секој збор, затоа што од некој несоодветно применет термин можат да излезат несакани импликации во иднина. На тој начин српскиот претседател сакаше уште еднаш да покаже државничка одговорност дека во дипломатијата и во меѓународните односи секој збор, па дури и секој интерпункциски знак, си има свое значење и треба строго да се води грижа за нив.


САД го поздравија договорот што го постигнаа
Косово и Србија во Охрид

САД го поздравуваат договорот што Косово и Србија го постигнаа во Охрид со посредство на ЕУ за имплементација на Договорот за патот кон нормализација на односите, соопшти Стејт департментот.
„Ги пофалуваме претседателот на Србија и премиерот на Косово за нивното лидерство во постигнувањето договор. Исполнувањето на обврските на Косово и Србија од Основниот договор, во рамките на трајната определба за помирување, ќе обезбеди значителни можности за граѓаните на двете земји и да го забрзаат нивниот пат кон членство во Европската Унија“, се вели во соопштението на американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Во соопштението се додава дека САД ќе продолжат да бидат активно ангажирани, во соработка со партнерите од ЕУ, „да ги поддржат Косово и Србија во нивната работа на имплементација со цел да се постигнат предвидливи и мирни односи“.
„Ќе продолжиме да ги поддржуваме подобрувањето на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан“.
Во соопштението, се заблагодарува на Европската Унија за посредувањето во преговорите и на Владата на Македонија што била домаќин и поддржала финализирање на договорот.