Не е сѐ така црно доколку се стартува со нешто. Првите чекори се најтешки, иако требаше да се направат многу одамна. Но дијагнозата е поставена!
Таа е сосема чиста и јасна. Ете, со дијагнозата за нашата разболена економија е веќе направен првиот чекот кон лекувањето. Знаеме што нѐ мачи. Е, кога знаеме, тогаш да почнеме да се лекуваме. Почнувајќи од нас самите, потоа сите работоспособни граѓани, со силно залагање на државата и носителите на јавни функции и институциите. Тоа значи, пред сѐ и над сѐ, да ги засукаме ракавите и да работиме!
Нивото на економски развој на Македонија и на другите земји се огледа низ висината на бруто-домашниот производ. Овој макроекономски индикатор ја искажува вредноста на сите производи и услуги што се создадени во текот на една календарска година. Нивната вкупна вредност, која се искажува во долари, служи за да се изрази и потенцијал за развој на определена национална економија, а преку стапките на раст се гледа дали некоја земја напредувала или назадувала во однос на претходните години или во однос на другите земји. Во економската теорија, БДП едноставно се преставува како збир на личната потрошувачка, државната потрошувачка, инвестициите и разликата меѓу увозот и извозот. Развиеноста на една земја се мери преку БДП по жител, кога вкупната создадена вредност во една земја се дели со бројот на жители. Според него, можат да се споредуваат поединечните земји и нивниот степен на развој.
Македонија, која во изминатите триесет години поминуваше низ тежок политички период и беше изложена на многу внатрешни и уште потешки наметнати надворешни влијанија, покажуваше големи годишни осцилации во однос на БДП. Тоа го покажува и графичкиот преглед за годишните стапки на раст на БДП по жител, објавен од Светската банка, на кој се гледаат многу длабоки падови по осамостојувањето во 1991 година од минус 5,8 и дополнително од -6,5 отсто во 1993 година. Потоа следуваат години на раст до 2000 година, на ниво на годишен раст од 1,1 отсто, за потоа во кризната 2001 година повторно да падне на -3,5 отсто. Во 2007 година е остварен највисок раст од 6,3 отсто. Во 2020 година повторно имаме голем пад од минус 5,9, за во 2021-та да оствариме раст од 4,3 отсто. На кое ниво на економски развој е сега Македонија може да се види низ номиналниот износ на БДП по жител, споредено со другите земји од нашето опкружување. Македонскиот граѓанин во 2021 година остварил БДП од 6.695 долари (зад нас се Албанија со 6.493 долари и Косово со 5.270 долари БДП по жител). Другите држави од Балканот имаат повисок БДП пер капита: Босна и Херцеговина остварила 7.143 долари, Хрватска 17.685, Црна Гора има 9.465 долари БДП по жител, Србија 9.230 долари, Словенија има 29.291, а Бугарија 12.221 долар, Романија има 14.858 долари БДП по жител.
Македонија останува во „неразвиените подрачја“ на Балканот. Овие регионални споредби на БДП јасно ни покажуваат дека нашата држава, по осамостојувањето, не успеа да направи поголем економски раст, со што би ја намалила разликата во економскиот развој во однос на поранешните југословенски републики, а и барем малку да се приближи на БДП на ЕУ, чиј просек е шест пати повисок од нашиот. Надворешните влијанија, како што се глобалната финансиска криза или сегашната енергетска, не можат да бидат единствениот изговор за слабите економски достигнувања на нашата држава. Низ последната криза еднакво се изложени и другите балкански земји, но нивните економии покажуваат подобри знаци на заздравување. Македонија, според податоците на Светската банка, во 2021 година има најнизок раст на БДП од четири отсто, додека другите земји имаат раст од 7,4 до 13 отсто. За нашата земја има и најмала процена на раст од два отсто во 2022 година.
За да може Македонија во наредните години да оствари повисоки стапки на економски раст, потребно е донесување долгорочни и издржани економски политики, со кои би се поттикнало подобро искористување на расположливите ресурси по сите основи, за подобрување на економските индикатори што го формираат БДП. За мотивациски и оптимистички потстрек, а не само црн и песимистички. Досегашните мерки на развој на Македонија беа насочени кон краткотрајни резултати и вклучуваат само една димензија на проблемот, или привремено „гаснење“ на социјалните тензии во земјата, предизвикани поради нискиот стандард на граѓаните.
Еден крупен фактор за подигање на развојот е подобрување на потенцијалот за привлекување странски директни инвестиции, за што очигледно ја губиме трката во однос со другите земји од опкружувањето. Малиот апсорпциски капацитет на македонските институции е лош сигнал за инвеститорите. Уште полош сигнал е непредвидливоста на економскиот амбиент што го креира државата, со непредвидливи, па дури и ретроактивни давачки, кои се непростлив „економски грев“ за инвеститорите. Заостанувањето на социоекономски план, заедно со малиот домашен пазар, е плус сериозна пречка за привлекување ДСИ, кои се сметаат за важен извор на акумулација на капитал во земјата.
Енергетската криза во минатата година ја исфрли на површина нашата најголема слабост, а тоа е високата зависност од увоз на енергија. Домашните компании, кои се извозно ориентирани, ја покажаа ранливоста на македонската економија, која беше принудена да ја набавува електричната енергија по многу повисоки цени на меѓународните пазари.
Недостигот од стратегија во енергетскиот сектор во претходниот период се одрази катастрофално и долгорочно на економијата. Земјата е сиромашна со домашни енергетски ресурси и зависи од увоз на енергија. Во недостиг од домашни извори, вкупните потреби од нафта и природен гас, како и на дел од нафтените деривати се задоволуваат од увоз. Во последните години ситуацијата се влошува поради сѐ поголемиот увоз на струја. Повисоките трошоци влијаеја и на производствените трошоци, што влијаеше на стагнација на индустрискиот развој во Македонија, особено на тешката енергетски интензивна индустрија. Домашното производство на струја е доволно да се покријат потребите на домаќинствата, па затоа се ограничуваат индустриски активности. А енергијата е основен предуслов за сите производствени процеси, па се разбира и за создавањето на сите економски добра. Македонските компании трошат повеќе енергија за производство на единица производ, што ги прави неконкурентни на странските пазари. Увозот на скапа енергија постојано притиска на зголемување на трговскиот дефицит на земјата.
Во претходните документи, кои се однесуваат на остварување одржлив развој, нотирани се и другите слабости на домашната индустрија: низок технолошки развој, слаби производствени фактори, слаби човечки фактори, ниска продуктивност, неефикасни институции, недоволна финансиска поддршка, неприспособена легислатива и неразвиена инфраструктура. Во малите и средните претпријатија, кои се еден од столбовите во реалната економија, има недоволни инвестиции за развој и набавка на современа опрема и слаба имплементација на стандардите за квалитет на ЕУ. Поврзаноста и соработката со развиените странски компании се недоволни. Ниската ефикасност на производствениот процес се должи на: мало искористување на капацитетите, застарена опрема, мало искористување на индустрискиот отпад и нови ресурси, што води кон ниска продуктивност, ниска конкурентност, мал извоз на добра и услуги. Потенцијалите што ги имаме во земјоделството не се искористуваат, а продуктивноста во оваа гранка е многу пониска во однос на другите извозници на храна. И на крајот, не е сѐ така црно доколку се стартува со нешто. Првите чекори се најтешки, иако требаше да се направат многу одамна. Но дијагнозата е поставена! Таа е сосема чиста и јасна. Ете, со дијагнозата за нашата разболена економија е веќе направен првиот чекот кон лекувањето. Знаеме што нѐ мачи. Е, кога знаеме, тогаш да почнеме да се лекуваме. Почнувајќи од нас самите, потоа сите работоспособни граѓани, со силно залагање на државата и носителите на јавни функции и институциите. Тоа значи, пред сѐ и над сѐ, да ги засукаме ракавите и да работиме!