Една од ретките, ако не единствена работа што ја прави добро Владата на ДУИ и СДСМ е усогласеноста на надворешната политика на Македонија со таа на ЕУ, вклучувајќи ги и санкциите кон Русија и воената помош на Украина
Минатата недела, во коментарот што го продолжувам сега, напишав дека во мала земја како Македонија геополитиката е далечна како можеби ракетната наука, но баш поради малата големина, и политички, и економски, и демографски, и воено, Македонија мора со внимание да ја следи геополитиката. Позната американска изрека вели „кога слоновите се борат, страда тревата“, на што Ли Куан Ју, основачот на Сингапур, додал „но и кога (слоновите) водат љубов, пак тревата страда“. Се чини овие изреки одлично ја отсликуваат важноста на геополитиката за малите земји. Со започнувањето на војната во Украина, неколку геополитички коментатори, како Велина Чакарова, сметаат дека започнува „втората студена војна“, каде што на една страна е Западот предводен од САД, а на другата страна е „Змејот-мечка“ (Dragonbear), или Кина и Русија. Со почетокот на годината „Ле фигаро“ објави интервју со водечкиот француски интелектуалец Емануел Тод, кој станува познат во 1976 година, кога само на 25 години во свој есеј го предвидува колапсот на СССР врз основа на демографски показатели. Според Емануел Тод, третата светска војна започна со војната во Украина. Тој вели „очигледно е дека конфликтот, кој започна како ограничена територијална војна и ескалира до глобална економска конфронтација, меѓу целиот Запад од една страна и Русија и Кина од друга страна, стана светска војна“. Според Тод, војната е егзистенцијална не само за Русија туку и за Соединетите Американски Држави, и двете не можат да се повлечат од конфликтот и „тоа е причината зошто ние сега сме во бескрајна војна, во конфронтација чиј исход мора да биде колапс на едното или другото“.
И доколку ваквите оцени на Емануел Тод за трета светска војна се претерани, бидејќи и покрај сѐ уште постои воздржаност за директна конфронтација, сепак, во најмала рака, доколку не може да се говори за трета светска војна, може да се говори за втора студена војна. Тогаш прашањето за нас е што значи тоа за Македонија.
Емануел Тод се повикува на книгата на С. Џаишанкар, индиски министер за надворешни работи (The India Way), објавена пред војната во Украина. Според индискиот министер, САД се во опаѓање, но и покрај американската слабост сѐ уште се најголема светска сила и конфронтацијата меѓу Кина и САД нема да има победник. Од униполарност или апсолутна доминација на САД на светот, ќе се појави можност за мултиполарност, која ќе им даде простор на земји како Индија и многу други. Тоа и не би било новина, бидејќи во претходната или првата студена војна на двата блока на САД и СССР постоеше простор за трети земји. Дел од тој простор беше Движењето на неврзаните, а СФРЈ на Јосип Броз-Тито многу умешно го употребуваше просторот меѓу двата блока. Тоа што индискиот министер сега го посакува, веќе било правено од Тито, Насер и Нехру.
Но, според Емануел Тод, колку повеќе се отвора простор за трети земји во мултиполарниот свет, толку повеќе ќе расте притисокот на САД врз сојузниците. Додека се гледа слабеење на САД, пример кои земји спроведуваат, а кои не спроведуваат санкции против Русија, тоа не се гледа во Европа и Јапонија. И тоа е очекувано, колку опаѓа моќта, толку да се зголемува притисокот за консолидација на својот блок. Според Емануел Тод, првите што ќе ја изгубат сета национална автономија ќе бидат (или веќе се) Англичаните и Австралијците. Интернетот создаде човечка интеракција на САД во англосферата со таков интензитет што нејзините академски, медиумски и уметнички елити се, така да се каже, припоени. „На европскиот континент сме донекаде заштитени со нашите национални јазици, но падот на нашата автономија е значителен и брз. Да се потсетиме на војната во Ирак, кога Ширак, Шредер и Путин одржаа заеднички антивоени прес-конференции“.
За зголемување на притисокот врз сојузниците не мора да бараме примери во ЕУ, како во набавките на гас, примери има и во регионот. Деновиве со заедничка изјава се обратија високи дипломатски претставници на САД, кои наведуваат дека сега е време за основање Здружение на српски општини (ЗСО) во Косово.
Претходно, Габриел Ескобар, заменик на помошник-државниот секретар на САД, еден од гореспоменатите дипломати, имаше недипломатска изјава дека ЗСО мора да се дозволи, а ако тоа не го направи Албин Курти, премиерот на Косово, има кој да го направи тоа. Речиси истовремено Александар Вучиќ, претседателот на Србија, ѝ се обрати на нацијата, дека ќе го прифати франко-германскиот план за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, поради голем притисок и закани. Затоа што Србија не е СФРЈ, а ни Вучиќ е Тито, и мора да избере страна.
Македонија има јасна стратегиска ориентација, и политички, културни, образовни, економски, трговски односи со ЕУ и САД. И Македонија е членка на НАТО. Една од ретките, ако не единствена работа што ја прави добро Владата на ДУИ и СДСМ е усогласеноста на надворешната политика на Македонија со таа на ЕУ, вклучувајќи ги и санкциите кон Русија и воената помош на Украина. Но тоа е полесниот дел, поради истоветноста на интересите. Многу покомплициран е почетокот на преговорите со ЕУ поради сенката на билатералните односи со Бугарија. Во светло на последната негативна ескалација на односите со Бугарија, Македонија мора да бара внимателен баланс во своите национални интереси, наспроти слепото постапување на Владата.
Авторот е аналитичар. Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични