Американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на средбата со палестинскиот претседател Махмуд Абас на окупираниот Западен Брег, изјави дека е тажен поради смртта на недолжните палестински цивили во израелско-палестинското насилство.
– Дозволете ми на почетокот да изразам сочувство и тага поради смртта на недолжните палестински цивили кои ги загубија животите во ескалацијата на насилството во минатата година – рече тој во седиштето на палестинската управа во Рамалах на Западниот Брег.
ОН процениле дека минатата година бројот на жртви на Западниот Брег бил најголем од 2005 година. Израел во некои случаи призна дека неговите сили по грешка убиле цивили во рациите.
– Палестинците и Израелците имаат се поголемо чувство на несигурност, стравот се шири се повеќе и повеќе во нивните заедници и во нивните места за богослужба. Сметаме дека е важно да се усвојат мерки за деескалација, да се запре насилството и да се намали напнатоста – додаде Блинкен, повикувајќи да не се презема ништо што може да го загрози решението во форма на две држави, израелската и палестинската.
Тој ги спомна „проширувањето на населбите, легализацијата на илегалните колонии, уривањето и иселувањето“ спроведени од израелската Влада.