Во оваа пригода сакам да извлечам и да изнесам неколку констатации со кои ќе го направам актуелен идеолошкиот и акциски профил на Гоце Делчев. Имено, дехуманизацијата, шовинизмот и антимакедонизмот, кои катадневно се промовираат во времето во кое живееме, сметам дека ја наметнуваат потребата за реафирмирање и усвојување на некои принципи што Делчев упорно ги следеше!
- Судирот меѓу левицата и десницата во македонското револуционерно движење беше судир на два концепциски и стратегиски погледи на македонската борба и на целите што треба да се достигнат. Тие погледи и цели беа толку различни што заемно се исклучуваа. Имено, едните се бореа за автономна и самостојна Македонија, а другите за присоединување на Македонија кон Бугарија. Оттука, кога денешниве препрочитувачи на македонската историја ги ставаат во ист кош сите револуционери од минатото и велат дека сите се бореле за иста цел – независна и обединета Македонија – воопшто не се во право
- Гоце Делчев: „Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога да се прави востание ќе реши народот. Нема да оставиме да командувате оттука… Знајте, ние не бараме покровители, а уште помалку господари!“
Клучни за разбирање на Гоцевата позиција за врховизмот се неговите зборови: „Македонија има свои интереси и своја политика, таа им припаѓа на сите Македонци. Кој копнее, кој работи да ја присоедини кон Бугарија или Грција, тој може да се мисли за добар Бугарин или Грк, но не и за добар Македонец“. Ваквата негова идејна определба, за она што може да се нарече македонски политички сепаратизам, подоцна стана основната карактеристика на македонската левица во македонското револуционерно движење. Всушност, таа идејна позиција востановена од Делчев, со текот на времето стана гранична линија од која лево и десно се позиционираа македонските револуционери. Притоа, левицата стоеше на ставот за самостојна борба и извојување самостојна македонска држава преку првично стекнување автономија во рамките на турската држава. Наспроти тоа, десницата се застапуваше за содејство во борбата со бугарските официјални и неофицијални политички и воени кругови, а пак автономијата ја сфаќаше само како неопходна прелиминарна фаза кон присоединувањето на Македонија кон Бугарија.
Оваа разлика, која денес ревизионистите и мистификаторите на историјата се обидуваат да ја избришат, всушност, е разликата меѓу македонизмот и врховизмот замаскиран во лажен македонски патриотизам, разликата меѓу вистинските македонски национални интереси и големобугарскиот национализам! И тие разлики, колку некои и да се трудат да ги затскријат зад тезата „сите се бореа за ослободување на Македонија“, нема да успеат. Најпрво, поради тоа што судирот на левицата и десницата во македонското ослободително движење немаше „личен карактер“, или тоа не беше некаква борба на суети, па да може да се направи простување, помирување и изедначување. Натаму, судирот меѓу левицата и десницата во македонското револуционерно движење беше судир на два концепциски и стратегиски погледи на македонската борба и на целите што треба да се достигнат. Тие погледи и цели беа толку различни што заемно се исклучуваа. Имено, едните се бореа за автономна и самостојна Македонија, а другите за присоединување на Македонија кон Бугарија. Оттука, кога денешниве препрочитувачи на македонската историја ги ставаат во ист кош сите револуционери од минатото и велат дека сите се бореа за иста цел – независна и обединета Македонија – воопшто не се во право.
Што се однесува до конкретната дејност на Делчев во борбата против врховизмот, треба да се имаат предвид барем неколку моменти. На пример, мора да се знае дека уште во февруари 1896 г., Гоце Делчев во својство на емисар на Централниот комитет на Македонската револуционерна организација се состана со генералот Данаил Николаев, кој во тие моменти е претседател на Врховниот комитет во Софија и кој набрзо како близок човек на бугарскиот кнез официјално стана негов аѓутант. Бидејќи генералот со својата, како што вели професорот Димески, „големобугарска насоченост“ и неговиот Врховен комитет ја интензивираа дејноста за да го разнебитат и покорат внатрешното македонско револуционерно движење, Гоце Делчев во разговорот јасно кажа: „Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме, и кога. Кога да се прави востание ќе реши народот. Нема да оставиме да командувате оттука… Знајте, ние не бараме покровители, а уште помалку господари!“
Е, сега е прашањето, дали денес овој бугарски генерал со кого Гоце разговараше на овој начин, односно со кого беше и идејно и концепциски крајно различен, треба да го ставиме во редот на борците за македонска слобода? Можеби треба тука да ги вброиме и Цончев и Сарафов и сите претседатели и истакнати активисти на Врховниот комитет од Софија? Можеби на сите нив треба да им изградиме споменици, со нивните имиња треба да именуваме улици?
Во секој случај, институцијата „Задгранично претставништво на Македонската револуционерна организација“ во Софија, кога беше предводена од Гоце Делчев и од Ѓорче Петров, претставуваше најсилниот одбранбен бедем на чистотата и самостојноста на македонското ослободително дело. Во тој период сите обиди на големобугарскиот врховизам да го потчинат внатрешното македонско ослободително дело остануваа без никаков успех. Оттаму, Христо Андонов Полјански во една пригода оправдано истакна: „Македонската револуционерна организација не можеше да најде попогоден тандем од нив двајцата да раководат со една таква важна институција каква што била Задграничното претставништво. Тие од него направиле непробојна тврдина на македонската самостојна борба, заштитник на македонската вистина и слобода. Решението на Централниот комитет да упати во средиштето на врховизмот такви силни креатори на македонската политика и заштитник на македонските интереси, таму каде што се вдахнувала и кроела антимакедонската завојувачка политика, се покажало мошне далековидо зашто великобугаризмот правел сè да навлезе во Македонија, да ја преземе однатре револуционерната организација.“ Како потврда на ваквите констатации се двете окружни циркуларни писма на Гоце и Ѓорче Петров од март 1901 г. и од јуни 1902 г. со кои се бараше целосен бојкот на врховистичките експоненти и на врховистичките чети испраќани во Македонија.
Сепак, и покрај сите напори на Гоце Делчев лично, но и на македонската левица во македонското револуционерно движење, чии претставници честопати во историографијата се именуваат како централисти, предвременото востание не беше спречено. При ова мора да се има предвид дека спротивставувањето на решението за кревање востание воопшто не беше популарно среде македонското население. Врховизмот, поддржан и финансиски и морално од бугарската политичка елита и Бугарската егзархија, веќе имаше фатено длабоки корени. Многу македонски дејци, па дури и поголемиот дел од Централниот комитет на Македонската револуционерна организација веќе беа приврзаници на врховистичките тези. Впрочем, Централниот комитет веќе беше предводен од Иван Гарванов и од Димитар Мирчев, кои беа отворени приврзаници на големобугарската идеја. Фактички, како што тврди професорот Димитар Димески, во 1902 г. бугарскиот кнез и бугарската политика ја имаа контролата врз Македонската револуционерна организација на чело со Иван Гарванов, врз Задграничното претставништво на чие чело беа Христо Татарчев и Христо Матов и, секако, врз Врховниот македонски комитет. Згора на сето ова, големобугарската просветна пропаганда спроведувана преку Егзархијата, веќе ја имаше наметнато свеста за истородноста, односно за националната идентичност на словенското население во Македонија и во Бугарија.
Сосема ретки, како на пример Крсте Мисирков, беа приврзаниците на македонскиот национален сепаратизам. За жал, сосема е точна констатацијата дека левицата на Македонската револуционерна организација имаше свест дека територијата на Македонија и самата револуционерна организација се напаѓаат од надворешни фактори и се спротивставуваше на таквата „физичка загрозеност“, но немаше свест дека е загрозен македонскиот национален и духовен простор. Во таква атмосфера диктирана од големобугарската политика, востанието за ослободување од тиранијата на турската власт имаше голема популарност и голем број приврзаници среде македонското население.
Но токму во една таква атмосфера доаѓа до израз една од најсилните карактерни црти на Гоце Делчев, а тоа се неговата спремност и смелост „да плива наспроти струјата“, смелост да не се вклопи во општоприфатените шаблони и смелост да не ги застапува, брани и оживотворува врховистичките „вистини“. Имено, тој, како впрочем и поголем дел од левицата во македонското ослободително движење, поаѓајќи од неподготвеноста на Револуционерната организација и македонското население за едно општо востание, како и неповолната меѓународна клима за таков чекор, и по цена на губење на својата популарност се спротивставуваа на решението за востание. Ним им беше јасно дека кревањето на едно недоволно подготвено востание, во такви услови ќе значи само жртвување на народот и трошење на Револуционерната организација и дека сето тоа ќе биде од полза само за личните интереси на малкумина раководители на Организацијата и во полза на големобугарската политика за да го стави македонското ослободително дело под целосна своја контрола. Впрочем, како што подоцна и се случи. Оттаму, крајно време е од примерот и визионерството на Гоце да научиме дека македонските национални интереси се бранат не преку избрзани и непромислени чекори и не со лажен патриотизам, кој бесмислено и губитнички би војувал против сите, туку со макотрпна работа и рационална политика!
Во оваа пригода сакам да извлечам и да изнесам неколку констатации со кои ќе го направам актуелен идеолошкиот и акциски профил на Гоце Делчев. Имено, дехуманизацијата, шовинизмот и антимакедонизмот, кои катадневно се промовираат во времето во кое живееме, сметам дека ја наметнуваат потребата за реафирмирање и усвојување на некои принципи што Делчев упорно ги следеше!
Најнапред, во време во кое се чини дека моралните вредности се мртви, односно во време во кое материјалната корист стигна на вредносната скала повисоко од хуманизмот, Делчев со својот јасен космополитизам, со својата непоткупливост и со својата доследност во одбрана на правдата како општочовечка вредност е позитивен пример на личност што поседува цврста морална вертикала. Затоа, сосема е извесно дека тој може да послужи како личност врз основа на која правилно ќе се воспитуваат денешниве млади генерации!
Натаму, Делчевиот антиврховизам е нешто што насушно ни е потребно во секојдневниот наплив на антимакедонски појави! Не треба човек да е многу информиран и паметен за да сфати дека денес низ македонскиот духовен простор повторно пустошат старите врховистички тези за непостоење македонски национален идентитет и за неспособност за егзистирање на македонската национална држава. Сите сме сведоци на најгрубо враќање на отворените антимакедонски идеолози од минатото на пиедесталот на херои и борци за Македонија.
Значи, сакам да кажам дека повторната актуализација на принципите врз кои дејствуваше сета македонска левица и која фактички секогаш низ историјата се спротивставуваше на секаков вид врховизам ни е потребна за да ја направиме разликата меѓу вистинскиот и лажниот патриотизам, меѓу македонизмот и неоврховизмот! Гоце Делчев како најистакната личност во антиврховистичката борба и како вистински патриот е оној репер што најјасно и најразбирливо може да ја покаже таа разлика! Секако, свесен сум дека ваквата задача воопшто не е лесна, но многу потешко им беше своевремено на Гоце, Јане, Ѓорче, Влахов, Кузман Јосифовски-Питу и безбројно многу други македонски борци од левицата во македонското ослободително дело.
Сè на сè, нагласувајќи ја актуелноста на Гоце, на неговиот светоглед и на неговата дејност, всушност, настојувам да укажам дека македонските национални интереси се загрозени, а македонскиот национален идентитет поткопан! Едноставно, сакам да кажам дека сме исправени пред реалната опасност постепено да биде неповратно загубено сето она што во минатото беше спечалено во интерес на македонската нација!
Автор: Проф. д-р Александар Литовски