Еден од најголемите, но и најзначајни нафтоводи (продуктоводи) на светот е линијата што се протега низ три држави, и тоа Азербејџан (Баку), Грузија (Тбилиси) и Турција (Чејхан). Должината е околу 1.700 км, од кои околу 450 км се во Азербејџан, околу 240 км во Грузија и остатокот од околу 1.070 км во Турција. Должината на цевките што се спојуваат е околу 12 метри, или се поставени околу 150.000 цевки на различни терени.
Азербејџан има долга традиција во вадење нафта (уште од 18 век), а првата рафинерија за нафта била изградена во Баку во 1859 година. Фабриката била изградена од Џавад Меликов во Баку 1863 год. и за првпат во светот биле користени машини за рафинирање нафта. Во 1867 год. работеа 15 рафинерии за нафта. Постојат неколку етапи во развојот на нафтената индустрија на Азербејџан. Но она што ги издигна во самиот светски врв е договорот над договорите како што го нарекуваат или договорот за изградба на цевководот „Баку – Тбилиси – Чејхан“, кој бил потпишан во 1994 г. Изградбата почна во 2003 г. и заврши во 2005 г., а првото количество нафта потече при крајот на 2005 година. Во 2006 г. достигнува капацитет од околу 700.000 барели на ден, за денес да може да се пофали дека дневното количество достигнува и до 1,2 милион барели на ден. Само за споредба, во Македонија дневната средна потрошувачка на нафта за 2021 г. изнесувала 24.000 барели на ден (извор CEIC).
Целата нафта се вади на околу 100 км оддалеченост од Баку на длабочина од околу 120 – 170 метри на нафтени платформи поставени во Касписко Море, кои се нарекуваат Azeri, Chirag and Gunashli (ACG) офшор-полиња. Тоа се неколку нафтени платформи, и тоа: 1. Chirag. 2. West Chirag 3. East Azeri 4. Central Azeri 5. West Azeri 6. Deepwater Gunashli. Се претпоставува дека овие наоѓалишта содржат резерви од околу 5,5 милијарди барели. Најголемото наоѓалиште на гас Shah Deniz 1 во Азербејџан се наоѓа на околу 70 км јужно од Баку во Касписко Море. Се вади од длабочина од околу 550 метри. Кондензатот заедно со нафтата од ACG офшор-полиња се пренесува преку истиов цевковод. Терминалот за преработка на гасот и нафта преку кој се почнува со транспорт се наоѓа на 45 км од Баку на самиот брег на Касписко Море и се вика Sangachal. Оваа постројка, но и овој цевковод го користат и Туркменистан (мало количество), но и Казахстан (од 2023 г.) за пренос на нивна нафта до светскиот пазар. Целиот проект чинел околу 3,8 милијарди американски долари (зададената вредност е за 2006 г., но со инфлацијата денешната цена би изнесувала за околу 48 отсто повеќе или околу 5,6 милијарди американски долари) и било раководено од конзорциум под раководство на „Бритиш петрол“ (БП) со 30 отсто удел. Други членки на конзорциумот се азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR (25 отсто), Amerada Hess (2,36 отсто), ConocoPhillips (2,5 отсто), Eni (5 отсто), Inpex (2,5 отсто), Itochu (3,4 отсто), Statoil (8,71 отсто), Total-FINA-ELF (5 отсто), TPAO (6,53 отсто) и Unocal (8,9 отсто).
Со гасоводот управува конзорциумската компанија Баку – Тбилиси – Чејхан нафтоводна компанија (BTC Co). Банките, инвестициските куќи што застанале зад проектот се BNP Paribas – Франција, Citi – САД, Crédit Agricole – Франција, Dexia Group – Франција, ING – Холандија, Intesa Sanpaolo – Италија, KBC-Белгија – Јапонија, NatWest – Велика Британија, Natixis – Франција, Société Générale – Франција, UniCredit Group – Италија, WestLB AG – Германија.
Крајот на цевковод се наоѓа во турското место Чејхан, од каде што со големите танкери се пренесува насекаде низ светот. Транзитната заработувачка на државите низ кои поминува цевководот годишно изнесува – за Грузија околу 80-100 милиони американски долари, а за Турција од 200-300 милиони американски долари, а Азербејџан остварува неверојатни суми.
Стандардите и технологиите што помогнале да се дизајнира, изработи, конструира, тестира и да се пушти во употреба целиот нафтовод се во согласност со барањата на американскиот ASME 31.3 и неговото објаснување на примената во ASME 31.4 (1999) дополнети со други избрани меѓународни стандарди како Американ петролеум институт (АПИ), Британски институт за стандарди (БСИ), Меѓународна организација за стандарди (ИСО), Институтот за нафта (ИП), Здружението за стандардизација на производството (МСС) и Националното здружение на инженери за корозија (НАЦЕ).
Цевките кога се спојуваат, всушност, се заваруваат, е тоа заварување е проверено според ASME, ASTM и британските стандарди. Управувањето со отпадот својата основа ја наоѓа во Европските директиви – Landfill Directive (1999/31/EEC), а местата за складирање отпад, нивната конструкција и управување се во усогласеност со меѓународно признаените стандарди, вклучувајќи ги релевантните барања од Директивата на ЕЗ 75/442/ЕЕЗ и 91/156/ЕЕЗ. Другите контаминирани отпадни води се третираат според утврдените стандарди во ЕУ-директивата за третман на урбани отпадни води (1991/271/ЕЕЗ). Заштитата на околината својата основа ја наоѓа во групата на ИСО 14 000 стандардите. За сигурноста на цевковод се грижат над 3.000 специјално тренирани припадници на армијата, приватни компании, како и системи за надгледување.
Геополитичките случувања, политичките влијанијата, економските придобивки, промената на структурата што управуваа со овој проект, прашањето за примена на европски, руски, американски, германски технологии и стандарди, паѓањето на владите на државите, тектонски нарушувања што се случуваа и што сѐ уште се случуваат се интегралниот дел на ваков тип изградба на енергетски објекти или на пронаоѓање нови извори. Тој дел за овој гасовод ќе се обидеме да го разјасниме во наредната колумна.
Љупчо Давчев
(Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетското машинство)