Ние како нација сме целосно непотребно опседнати со сето она што ќе дојде како изјава или информација од бугарска страна. Па, така, со динамика 24/7 дознаваме, па сакале ние или не, бидејќи медиумите се преплавени со такви информации – што рекол претседателот, што кандидатот за премиер, а што претседателот на Собранието, министерот за ова или она, па дури и како размислува портирот во тамошното собрание, оти, нели, од тоа ни зависи судбината на државава и на нацијата. Во период на ретко видена парламентарна и владина криза, Бугарите си добија тема на која го билдаат својот патриотизам или додворувањето на гласачите. Кога не можат да им кажат на своите гласачи никаква убава работа во врска со животниот стандард, со човековите права, со некаква перспектива, на политичарите им е најлесно да плукаат и да ѝ се закануваат на Македонија. А ние го голтаме сето тоа без никаков критериум. Како животот да ни зависи од тоа кој што рекол
Бомбардирани од сите страни, најчесто со сосема неважни информации, но кои вешто ни го заматуваат погледот и ни го замајуваат нормалното расудување, доаѓаме во ситуација да ги игнорираме оние информации што се од суштинско значење, кои во нормални околности би требало да се високо на пиедесталот на нашето внимание. Деновиве веста што сериозно ме загрижи, која не би требало никого да остави рамнодушен, дојде од истокот на земјава.
Имено, на почетокот на второто полугодие, само мал дел медиуми објавија дека само во Штип и Кочани околу 150 ученици исчезнаа од статистиката во нивните училишта, односно не го продолжија своето школување тука, туку со своите родители ќе си ја побараат среќата во нова средина.
Според веста, околу 80 ученици од штипските средни и основни училишта не тргнаа на училиште во почетокот на второто полугодие, поради тоа што со своите семејства заминале во странство. Најалармантна е состојбата во основните училишта, од каде што се испишани 69 ученика. Само во училиштето „Димитар Влахов“ од септември до декември исписница побарале триесет ученика.
Негативниот тренд е присутен и во Кочани, каде што бројот на ученици од прво во второ полугодие само по основа заминување во странство е намален за 63. И таму најголем процент се основци. За алармантната ситуација во Кочани, за белата чума што коси, зборува податокот дека првото бебе во градот овој пат се роди на тринаесеттиот ден во годината.
Тоа се бројките што се закануваат. Тоа е реалноста. Државава ни се празни а ние се правиме недоветни. Ако си одат, нека им е со здравје. Ние ќе сме донеселе нови работници, овој пат од Пакистан, Авганистан, којзнае од каде. Како да се работи за изгубени играчки, па тато ќе им купи нови на децата.
Наместо сериозно да се загрижиме поради неповратното заминување на нашите луѓе одовде, наместо да подготвиме сериозна стратегија и да почнеме да ја спроведуваме, ние си дремеме.
Наместо тоа, ние како нација сме целосно непотребно опседнати со сето она што ќе дојде како изјава или информација од бугарска страна. Па, така, со динамика 24/7 дознаваме, па сакале ние или не, бидејќи медиумите се преплавени со такви информации – што рекол претседателот, што кандидатот за премиер, а што претседателот на Собранието, министерот за ова или она, па дури и како размислува портирот во тамошното собрание, оти, нели, од тоа ни зависи судбината на државава и на нацијата.
Во период на ретко видена парламентарна и владина криза, Бугарите си добија тема на која го билдаат својот внатрешен рејтинг или додворувањето на гласачите. Кога не можат да им кажат на своите гласачи никаква убава работа во врска со животниот стандард, борбата со лоповлукот, организираниот криминал и корупцијата, со човековите права, со некаква перспектива, на политичарите им е најлесно да плукаат за нешто што им е евергрин-тема, историски препознатлива, се лепи за уши, а им е гајле дали е анахрона или не, дали меѓународното право кажува сосема нешто спротивно од нивните ставови… Тоа воопшто не е важно, поради тоа што во екот на длабоки кризи, популизмот се храни од ретроградните ставови. А ние го голтаме сето тоа без никаков критериум. Како животот да ни зависи од тоа кој што рекол.
Па, дали сме ние нормални – да цитирам еден висок владин функционер од не толку дамнешен состав на екипата на Илинденска бб, која во меѓувреме доби и свој број. Претеравме, навистина претеравме. Па, на тие човечиња таму тоа им е политичка храна, тие си се борат таму за нови позиции во утрешната бугарска влада, се борат за фотелји во нивното собрание, се борат за доброплатена позиција во Брисел, Стразбур, Виена и каде ли уште не членуваат по меѓународни организации и форуми… Нормално е дека тие ќе играат на нивниот најсилен адут – Македонија, оти знаат дека тамошното гласачко тело веќе е запалено со неоснованата поддршка по тоа прашање од страна на „нивното семејство“ – ЕУ.
И дека ќе ги поддржува и натаму: сепак станале семејство… со право или не…
А до каде во Софија се загазени во калта на самобендисаност и комфорност, доволно зборува фактот што почнаа и отворено да се закануваат, како во некоја кавга во кафеана на периферијата од градот во три часот наутро. Еден бивш премиер се заканува со силата на мускулите, а едно друго човече, којзнае како да го оквалификуваме, дури се заканува со атентат, демек ете каков мангуп е тој, па ни порачува да се чуваме од него.
Е па, ако е ова таа Европа, за која толку сонуваме, нека ни е со среќа… изгледа пак мора да се судираме со онаа старата поговорка „сила бога не моли“. Но ние сме трпеливи… години, децении, столетија, па и милениуми…