Овој скандал е сѐ поголем и поголем. Според последните информации, станува збор за 100 милиони евра од словенечката државна енергетска компанија ГЕН-И, за која постојат основи на сомнение дека ја финансирала кампањата на Курти преку подружница во Тирана, каде што биле префрлени 14 милиони евра
На повидок расветлување на колосални злоупотреби на релацијата Словенија – Косово
Балканската јавност беше во недоумица кога првпат срамежливо излезе во јавноста политичко-енергетско-финансиската афера во која „изборната кампања на косовскиот премиер Албин Курти била финансирана со пари од Словенија“.
Според одредени индикатори, носител на таквите поведенија бил новиот словенечки премиер Роберт Голоб. Аферата протече во јавноста минатиот април, но со новите сознанија од деновиве, сега таа станува сѐ поочигледна.
Словенечкиот премиер Голоб дава сѐ од себе да ја амортизира аферата, а во тоа му помагаат поголем број влијателни медиуми. Но низа новооткриени елементи, според кривичноправните експерти, ги потврдуваат „основите на сомневање“ за вмешаноста на Голоб во „сомнителни трансакции со косовски политички претставници“.
Словенечки и хрватски медиуми направија значаен исчекор во истражувањето на аферата
Веста повторно се актуализира деновиве, откако се вклучија и хрватски медиуми, кои пласираа нови сознанија дека изборната кампања на косовскиот премиер Албин Курти била финансирана со пари од Словенија.
Актуелниот премиер на Словенија, Роберт Голоб, во минатото постојано негираше дека се познава со косовскиот амбасадор во Хрватска, Мартин Беришај, а ја негираше и својата поврзаност со една компанија во Црна Гора, која се спомнува во тој контекст на „нелегални финансиски трансакции“. Но сега на виделина излегуваат фактите дека станува збор за многу поголема афера отколку што се претпоставуваше. Изборната кампања на Албин Курти со словенечки пари стана централна тема на словенечките и хрватските медиуми, а сега за неа почнаа да пишуваат и косовските, откако бурно реагираа тамошните политичари.
Претставниците на Демократскиот сојуз на Косово го обвинија косовскиот премиер Албин Курти дека е вмешан во финансиска афера, за која веќе подолго време пишуваат медиумите во Словенија, заедно со косовскиот амбасадор во Хрватска, Мартин Беришај. Џафер Тахири, член на претседателството на Демократскиот сојуз на Косово, на прес-конференција рече дека последната изборна кампања на Курти била финансирана со сомнителни пари.
– Овој скандал е сѐ поголем и поголем. Според последните информации, станува збор за 100 милиони евра од компанијата ГЕН-И, која е осомничена дека ја финансирала кампањата на Курти преку подружница во Тирана, каде што биле префрлени 14 милиони евра – рече Тахири.
Тој потоа ја повика извршната власт да ги истражи овие наводи, кои, според него, го поткопуваат интегритетот на косовската влада.
И потпретседателката на Демократската партија на Косово, Влора Читаку, побара објаснување за аферата во која, според медиумите, наводно бил вмешан и косовскиот амбасадор во Хрватска, Беришај. Таа побара и негово разрешување, велејќи дека тој е под заштита на косовскиот премиер Албин Курти.
Сомнеж за вмешаност меѓу власта и енергетската мафија на земјите од регионот?!
Потпретседателката на Демократската партија на Косово, Влора Читаку, смета дека зад амбасадорот Бериша стои многу подлабока поврзаност меѓу власта и енергетската мафија на земјите од регионот. Беришај е пријател со премиерот Курти, кој лично го назначи за амбасадор. Сега тој се соочува со овој скандал и е под директен надзор на некои институции, а и под засилено медиумско истражување.
Исто како што Голоб сакаше да ја прикрие аферата, така и косовската влада се обидува да го стори истото тоа, но, како што рече Читаку на конференција за новинарите, „скандалот се продлабочува и води кон откривање крајно загрижувачки факти, кои ги надминуваат прашањата за дипломатски и личен интегритет или дури и кривично гонење“.
Таа повика оваа афера да се расчисти докрај, за да не се наруши дополнително имиџот на Косово. Според неа, владата на Курти се обидува да го прикрие овој скандал од почетокот на април 2022 година.
Читаку потсети дека деновиве медиумите објавија и други информации што докажуваат дека компанијата ГЕН-И уплатила 1.470.000 евра на сметката на амбасадорот Беришај.
Косовските медиуми објавија и други факти за деловниот однос на Беришај со компанијата ГЕН-И, за кои Беришај не беше искрен при своето појавување пред истражната комисија. Според овие информации, компанијата ГЕН-И на сметката на Беришај депонирала 1.470.000 евра, кои Беришај не ги пријавил во комисијата.
Словенечките и хрватските медиуми што пишуваат за скандалот потенцираат дека спорниот момент е тоа што словенечката државна енергетска компанија ГЕН-И, додека на нејзино чело беше Голоб, пратила во Приштина милионски суми. Вреди да се напомене дека Роберт Голоб веднаш откако ја презеде премиерската функција се соочи со големата финансиска афера, поради сомнителните парични текови на државната енергетска компанија ГЕН-И, на чие чело помина 16 години.
Според медиумите, потврдено е дека од оваа компанија додека на нејзино чело бил Голоб, меѓу другото, биле користени и повеќемилионски трансакции за финансирање на предизборната кампања на Курти.
Подготвил: Mарјан Велевски