Во својата суштина, Европската Унија е демократска и антифашистичка творба и не смее да остане нема на отворените изблици на фашизам внатре во самата унија. Европа треба да се определи кои вредности ги споделува, на Моне и на Шуман или на Хитлер, Ванчо Михајлов и на царот Борис Трети. Скринингот на Европската Унија треба да покаже и каде се недоследностите и застранувањата на Унијата и од аспект на меѓународното право и малцинските прашања
Европската комисија деновиве го презентираше извештајот за Македонија. И овој пат клучен збор што преовладува во извештајот е усогласување. Во принцип целиот наш пат кон Европската Унија се базира на принципот на усогласување и приспособување со европските барања и очекувања и нашата способност и приспособливост да одговориме на истите тие.
Во одредени области, Македонија и сега е во добар процент усогласена со политиките, вредностите и стандардите на Унијата. Можеби и многу повеќе усогласена од некои други земји во моментот кога пристапувале кон Унијата, па дури и сега кога се нејзини полноправни членки.
Еве, на пример, на полето на надворешната и безбедносната политика. Македонија е многу повеќе усогласена со политиките и барањата на ЕУ отколку, да речеме, нејзините членки Бугарија и Унгарија. И тоа е нотирано и пофалено во извештајот. Или на полето на човековите права, слободата на изразување, малцинските права – Македонија веројатно би била рангирана на самиот врв, и тоа не во европски, туку во светски рамки. Зашто правата, слободите и привилегиите што ги уживаат малцинските заедници во Македонија ги нема никаде во светот. И тука сега доаѓаме до еден парадокс што народот го нарекува – преку леб погача. И покрај дадените права и слободи на сите малцински заедници, од Македонија и понатаму се бара и се очекува да прави нови отстапки и да го менува Уставот. Иако според сите релевантни статистички податоци припадниците на, наводното, бугарско малцинство во Македонија може таканаречено на прсти да се избројат, од Брисел пристигнуваат пораки дека требало и тие грст луѓе да влезат во Уставот, за да можеме да продолжиме по европскиот пат.
Веројатно и тоа за една демократска, мултикултурна и мултиетничка држава, како што е Македонија, не би претставувало проблем во скоро време, но само доколку сигналите, реториката, пораките и потезите што доаѓаат од Бугарија се навистина добрососедски, добронамерни, со еден збор европски. За жал, тоа воопшто не е така. Односот на Бугарија кон Македонија по редица прашања е негаторски, односно асимилаторски.
Европската Унија мора да се врати на своите вистински вредности и идеали поради кои е и основана. Токму Македонија треба да ѝ ги отвори очите. Паралелно додека трае европскиот скрининг кон Македонија, треба да отпочне и внатрешен скрининг во самата Европска Унија за сите досега пројавени недоследности и отстапување од темелните вредности на Унијата
И тука доаѓаме до клучниот проблем поради кој тешко ќе можеме да се усогласиме со барањата и очекувањата на Унијата, поточно на Бугарија. Еве и зошто…
Добро е што во најновиот извештај на ЕК е нагласена усогласеноста на надворешната и безбедносна политика на Македонија со ЕУ, но клучното прашање е колку Европската Унија е усогласена сама со себе, односно колку Унијата држи до своите прокламирани вредности и критериуми. Генерален впечаток е дека токму ЕУ драматично отстапи и ги потисна сопствените Копенхашки критериуми за проширување, кога станува збор за Македонија, наметнувајќи ни услови спротивни на нејзините стандарди, кои претходно никому не му биле поставени. Услови што се спротивни на меѓународното право, Виенската конвенција за човекови права, повелбите на ОН и редица други меѓународни стратегиски документи и декларации.
Она што е уште потрагично и позагрижувачки е фактот што Европската Унија длабоко загази во едни минати матни води, во жива кал, која може цела да ја проголта. Со европското премолчување на бугарските отворени и сѐ погласни обиди за прокламирање и оживување на фашизмот, се чини дека ЕУ отстапи и од идеалите за антифашизмот на кои самата почива. Е, со такво нешто не можеме да се усогласиме. Никогаш и со никого. И не врз грбот на Македонија. Зашто тоа е како да барате жртвата да се усогласи со својот џелат. Да се усогласи со него на кој начин да ѝ ја откине главата?!
Затоа на ЕУ треба да ѝ се помогне, да ѝ се подаде рака да се извлече од калта во која ја туркаат некои земји-членки, кои на овој начин сакаат да ги исперат своето мрачно минато и својот историски срам. Европската Унија мора да се врати на своите вистински вредности и идеали поради кои е и основана. Токму Македонија треба да ѝ ги отвори очите. Паралелно додека трае европскиот скрининг кон Македонија, треба да отпочне и внатрешен скрининг во самата Европска Унија за сите досега пројавени недоследности и отстапувања од темелните вредности на Унијата.
Зашто во моментов е сосема нелогично, би рекол апсурдно, ЕУ да очекува некој да се усогласи со неа, во која било област, а притоа таа е целосно неусогласена со самата себе.
Крајно нелогично и зачудувачки е ЕУ да се потпира на вредности прокламирани од авторитети како што се Жан Моне, Роберт Шуман и други великани, а истовремено да премолчува и да одобрува озлогласени историски отпадници и соработници на нацифашистичкиот режим на Адолф Хитлер. Европа треба да се определи кои вредности ги споделува, на Моне и на Шуман или на Хитлер, Ванчо Михајлов и на царот Борис Трети.
Во таа насока, провокативната бугарска кампања на отворање на таканаречените бугарски клубови во Македонија со имиња на соработници на Хитлер, како Ванчо Михајлов, царот Борис и други, треба што поскоро да биде отфрлена и осудена токму од страна на самата Европска Унија. Зашто нејзиниот молк и нереакција може да се протолкуваат како одобрување и поддршка.
Во својата суштина, Европската Унија е демократска и антифашистичка творба и не смее да остане нема на отворените изблици на фашизам внатре во самата унија. Одиме понатаму.
Скринингот на Европската Унија треба да покаже и каде се недоследностите и застранувањата на Унијата и од аспект на меѓународното право и малцинските прашања.
Зашто неоспорен факт е дека вредностите на самоопределување, достоинство, заштита на идентитетот (кои, според ЕУ, сега се на удар во Украина) веќе се напуштени токму од страна на ЕУ со францускиот предлог за Македонија.
Дволично, лицемерно и патетично е кога ЕУ зборува и ја брани Украина од агресија, кога безмалку истото тоа, само без гранати, ѝ го прави на Македонија. Токму францускиот предлог и бугарските условувања и уцени ќе доведат до целосно обезличување на македонскиот народ и неговиот идентитет. А тоа не е ништо друго, освен отворена агресија кон еден посебен народ и држава на јавна меѓународна сцена. И уште нешто.
Сѐ додека Брисел силно не притисне да се признае македонското малцинство во Бугарија (земајќи ги притоа предвид пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур), а инсистира во Македонија да внесеме „грст“ Бугари во нашиот устав, ЕУ е надвор од сите свои стандарди. Со такви ставови и вредности не можеме да се усогласуваме.
Затоа сѐ додека Унијата не се врати на своите изворни принципи, сите нејзини извештаи и барања се само празни зборови и обичен памфлет, без тежина и без употребна вредност. Крајно време е да се врати Унијата на вистинскиот колосек. Или ќе исчезне во неповрат.