Откритија на скорашно истражување во Велика Британија
Студијата што ја спроведе Мрежата за рурални услуги покажува дека жителите на селата трошат многу повеќе за основни потреби, како што се греењето, транспортот и домувањето. Извештајот наведува дека овие луѓе се соочуваат со „значително повисоки“ трошоци и заработуваат „многу помалку“ од своите градски сограѓани. Исто така, од почетокот на пандемијата, цената на селските куќи скокна многу повисоко од онаа во градовите. Имено, студијата објави дека цените на руралните куќи во Англија се за речиси 40 отсто повисоки од цените на куќите во урбаните области (со исклучок на Лондон), додека во некои рурални населби цените се дури и до 55 отсто повисоки.
Во меѓувреме, селските домаќинства со ниски приходи сега трошат речиси половина од својата заработка на кирија, што е околу пет отсто повеќе од домаќинствата со ниски приходи што живеат во урбани средини.
Семејства што страдаат од „огревна сиромаштија“
Куќите во селата трошат многу повеќе за загревање, бидејќи повеќето од нив немаат добра изолација и не се приклучени на гасната мрежа. Во истражувањето се вели дека на руралните семејства им требаат повеќе од 500 фунти за да се извлечат од „огревната сиромаштија“, што е двојно повисока сума од онаа што е потребна за едно урбано семејство.
Според кампањата за подобар транспорт, патните трошоци се исто така зголемени, бидејќи се излезе со процена дека во период од една деценија, околу 3.000 селски автобуски линии се „изгубиле или редуцирале“. Понатаму, податоците покажуваат дека поради зголемената зависност од автомобили, селските домаќинства во просек неделно трошат 114 фунти на превоз, додека кај градските домаќинства трошокот изнесува 80 фунти. Тоа „нагризува“ голем дел од расположливиот домашен буџет.
И покрај нивните повисоки трошоци за живот, вработените во селските области со најниски примања се соочуваат со плати што се за 12 отсто пониски од оние на вработените во урбани средини. Греам Бигс, извршен директор на Мрежата за рурални услуги, која ги претставува руралните локални управи и другите даватели на услуги, за „Би-би-си“ објасни дека застарената инфраструктура и другите наследени фактори, како што се лошото транспортно и широкопојасно поврзување, шансите за вработување и станбената побарувачка, укажуваат дека голем дел рурални области се поизолирани одошто покажуваат мапите и сите заедно придонесуваат за повисоки генерални животни трошоци.
Тој апелира дека британската влада мора да развие интегриран пристап, кој ќе ги распознава повеќекратните форми на неповолни состојби со кои се соочуваат руралните подрачја. Тоа би требало да вклучува подигање на нивото на руралната економија, со што би се гарантирало зголемување на ниските плати, како и поддршка за селските домаќинства во однос на зголемена енергетска ефикасност, со што би им се помогнало на семејствата да се извлечат од „огревната сиромаштија“.
Од друга страна, портпаролот на британската влада соопшти дека се свесни дека луѓето се загрижени поради сметките за енергија и токму затоа беа најавени дополнителни детали за Гаранцијата за цената на електричната енергија, која на секое просечно домаќинство ќе му заштеди 1.000 фунти годишно, доколку како основа за прогноза се земат актуелните октомвриски цени. Во месеците што следуваат, Владата ќе продолжи со поддршка на руралните подрачја, вклучувајќи ги и акциите што ги презеде како помош за земјоделците, како на пример аванс во висина од 50 отсто од фондовите на основната шема за плаќање, поевтинување на државното осигурување на работодавците или, пак, драстично намалување на царината за горива.