Русија е подготвена официјално да го соопшти припојувањето на четирите украински региони, Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје кон нејзината територија, наспроти противењето на украинските власти и на Западот. Предвидено е рускиот претседател Владимир Путин да ја соопшти одлуката попладнево, на церемонија во големата сала во Кремљ.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера најави дека Путин ќе ги потпише документите за анексија во присуство на лидерите на четирите региони кои се назначени од Москва, а потоа ќе одржи и говор, додека за вечерва е планиран концерт на Црвениот плоштад.
Путин синоќа ги потпиша указите за признавањето на Херсон и Запорожје како независни држави, што е предуслов регионите да поднесат барање за приклучување кон Руската Федерација. Регионите Луганск и Донецк веќе се признати од него како независни држави уште во февруари годинава, кога Русија ја почна својата инвазија на Украина.
Проруските власти во Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон минатата недела одржаа референдуми за напуштање на Украина и приклучување кон Русија. Украина и западните сили го осудија петдневното гласање што заврши во вторникот, соопштувајќи дека нивниот резултат од повеќе од 99 отсто поддршка за отцепување никогаш нема да биде меѓународно признат.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски изрази надеж дека процесот за припојување на регионите кон Русија сѐ уште може да биде сопрен.
– Ова може да биде сопрено. Но, за да се сопре, ќе треба да го сопрете оној во Русија што повеќе ја сака војната отколку животот. Вашиот живот, граѓани на Русија – порача Зеленски во синоќешното обраќање.
Путин минатата недела изјави дека Москва ќе ги смета украинските напади врз припоените региони како напади врз самата Русија и дека ќе ги искористи сите средства за да ги одбрани – продлабочувајќи ја загриженоста дека Русија може да го употреби своето нуклеарно оружје.
САД, пак, соработуваат заедно со Албанија за предлог-резолуција за осуда на референдумите спроведени во Украина, повикувајќи ги државите да не ја признаат сменетата состојба во Украина. Се смета дека Русија речиси сигурно ќе ја искористи можноста за вето во ОН за да ја блокира мерката, што ќе им овозможи на земјите-членки да бараат осуда во Генералното собрание. Слична беше ситуацијата и по анектираењто на Крим од страна на Русија во 2014 година.
Се проценува дека територијата што Русија ќе ја анектира претставува 15 отсто од вкупната површина на Украина.