Настани, симболи, алузии
Опијанетоста од постигнатите договори се претвори во тежок мамурлак што не се лечи ниту со „алкоселцер“ ниту со народната „клин со клин се избива“. На мамурливоста на власта потсетија и навивачите на фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Бугарија
Фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и на Бугарија, одигран во Скопје, на рефлекторско видело покажа дека залудни биле надежите дека спортот ќе ги приближи двете земји. Непријатните извици и свирежи на мнозинството од публиката на сметка на бугарската химна, колку и да сакаме да гледаме поинаку, го изразија мислењето на мнозинството Македонци, кои не се согласуваат со политиката што ја водат двете влади, како и со начинот што е избран за помирување меѓу двата народа. Ако не може со спортот, ако ништо не бидна од зближувањето со пропаднатата авиолинија, со лажно ветениот автопат и со сто години неградената железничка пруга, зошто не би се избрало и друго средство. Преку алкохол, на пример. Состојбата и вака и така е „пијана работа“.
Не сум сигурен дали Зоран Заев и Никола Димитров пиеле виски кога ги потпишувале Договорот за пријателство со Бугарија и Спогодбата за името со Грција, но сум сигурен дека трезни луѓе не би потпишале такви договори со штетни отстапки. Не знам дали Бујар Османи, Димитар Ковачевски и Стево Пендаровски пијат виски, но трезвени луѓе што ги прифатиле француската преговарачка рамка и протоколите за решавање на споровите со Бугарија не би седеле со крената глава. Најмалку би се чаламеле. „Ем кабаетлии, ем фурсатлии“, вели една народна поговорка.
Со шише вода на масата нашите политичари на цел глас пеат една фалш песна дека Северна Македонија е шампион на Балканот и пример во светот како се решаваат компромисно и на мирољубив начин спорови со соседните држави. Притоа ги наведуваат договорите со Грција и со Бугарија, иако секому му е јасно дека тие се постигнати со правење сопствена, македонска штета. Наводно, сѐ е направено „вин-вин“, што значи половина – половина. А не е исто кога половина земаш од половина кога даваш. Не е тоа само влашка измислица, навистина има разлика. А Македонија во двата случаја половина дава половина не зема.
Кога во погорните редови го спомнав алкохолот мислев на еден поинаков, спротивен пример за тоа како политички, воени и територијални спорови решаваат паметни, богати, демократски и развиени земји. Тој пример ми го откри и посочи син ми Кирил, кој една година живее со семејството во Канада, а овие денови користеше одмор во својата татковина. Познатиот случај не ми беше познат, верувам дека е непознат и за поголемиот број читатели. Затоа ја користам слободата да го соопштам со мои мали коментари и да ги објаснам асоцијациите со вискито.
Значи, примерот е таканаречената „Виски-војна“ меѓу Канада и Данска што траела тивко речиси еден век. Спорот бил околу еден пуст арктички остров. Преговорите меѓу двете држави се одвивале 50 години, а примирјето е потпишано дури во јуни оваа година, во сенката на војната во Украина и кризата во Европа. Тоа е типичен пример како добрите и разумни народи постигнуваат добри и разумни договори за ирационални и неразумни спорови. Имено, во таа војна единственото употребено оружје биле шишињата со алкохол и знамињата на едната и на другата држава.
Далеку на Арктикот лежи пуст, изолиран и неплоден остров со име Ханс. Островот е гол, ненаселен, нема вегетација, ниту природни ресурси, но и покрај тоа бил трн во окото и на едната и на другата држава, околу него се кршеле дипломатски копја надвор од очите на јавноста. Има должина од 1,3 км, ширина од 1, 2 км и го раздвојува Гренланд, кој е автономна територија на Данска од границата со Канада. Островот го добил името по гренландскиот истражувач Ескимот Ханс Хендрик, кој учествувал во првата експедиција на островот во 1853 година. На гренландски го носи името Тартупалук, што значи „во форма на бубрег“.
Според меѓународните закони, двете држави имаат право да ја бараат територијата што е оддалечена 12 милји, еднакво од двата брега, што технички значи дека е и во дански и во канадски води. По Меѓународниот суд на правдата на Лигата на народите островот ѝ припаднал на Данска во 1933 година. Но кога Лигата се распадна и била заменета со Обединетите нации, прашањето останало отворено, тлеело подзаборавено, иако во меѓувреме се одвивале две војни, Втората светска војна и Студената војна меѓу Истокот и Западот.
Но во 1971 година, ситуацијата повторно зоврела. Таа година островот го посетил некој министер на Данска и забил данско знаме со порака: „Добре дојдовте на данскиот остров“. Во таа пригода покрај знамето оставил шише виски. Подоцна дошле Канаѓаните, кои, исто така поставиле знаме, донеле шише виски и напишале: „Ова е канадски остров“. Едната верзија вели дека први дошле Канаѓаните, другата дека први биле Данците, но никогаш не кревале врева да докажуваат кој стапнал прв, кој втор и да има кавга околу тој факт.
Но, како и да е, оттогаш Канада и Данска ја водат таканаречената „Виски-војна“ околу островот Ханс. Во текот на половина век, војници и цивили стапнувајќи таму оставале шише алкохол. Данците од своето национално „бренди“, а Канаѓаните шише од нивното познато виски „канадиен клуб“. Последните посетители го опишувале островот како море од излитени знамиња и тешко читливи натписи со разни национални пораки. Никој не рекол дека тие пораки биле израз на национализам или говор на омраза. Напротив, сите сметале дека е тоа шеговита игра без национални фрустрации.
Во долгите преговори што се воделе меѓу двете влади, по секој состанок официјално се соопштувала реченицата: „Се согласуваме дека не се согласуваме“. Конечно, со подавање на рацете, спогодбата со која се решил спорот е потпишана во јуни годинава, тивко, без шум и без славење од едната и од другата страна. Островот е поделен на половина во должина по неговиот расек и сега Канада и Данска официјално ја имаат најдолгата поморска граница на светот, долга близу четири илјади километри. А во неа делат едно копно од еден на еден километар, кое едновремено ја означува и копнената граница меѓу двете земји среде северниот дел на Атлантски Океан.
На финалната конференција, претставниците на Канада, Данска и на Гренланд порачаа дека нивниот договор е добра поука и пример како сите спорови мора да се решаваат на основа на меѓународното право, а не по закон на силата. Нивната „Виски-војна“ не зеде ниту една жртва, цело време беше прашање на добра волја, малку сериозно, малку на шега, со трпеливост и без ширење меѓудржавна омраза. Луцидните новинари го опишуваа овој настан како „најпријателска војна“ и како најдолга „пасивно-агресивна погранична конфронтација во историјата на светот“.
Ете каква политичка, дипломатска и меѓудржавна функција изврши вискито. Што може да се каже по еден ваков пример за нашите преговори и договори со Грците и со Бугарите? Особено што и ние, а и добар дел од меѓународните фактори споровите меѓу нашата и двете соседни држави ги сметаме за ирационални, неразумни, средновековни, антиевропски. Но и покрај сите наведени квалификати се потпишани и прифатени во духот на законот на посилниот, а не според меѓународното право.
Нашите лидери можеби не пијат алкохол, но не мора да значи дека се трезвени. Опијанетоста од постигнатите договори се претвори во тежок мамурлак што не се лечи ниту со „алкоселцер“ ниту со народната „клин со клин се избива“. На мамурливоста на власта потсетија и навивачите на фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Бугарија. Грдо, непријатно, но вистинито.