Огранокот на ДУИ од Сарај, предводен од градоначалникот на општината, Блерим Беџети, и чаирскиот огранок предводен од пратеникот Изет Меџити, денеска во Мала Речица имаа средби со лидерот на партијата Али Ахмети. Незадоволните членови на ДУИ се познати и како „огнена група“.
Пратеникот Арбен Зибери во изјава за телевизија „Канал 5“ истакна дека на средбата имало конструктивна дебата на која разговарале и за несогласувањата во партијата, посочувајќи го обидот за изнаоѓање решение со кое би се надминале разликите, како повод за средбата.
Беџети и Меџити остануваат на првичните ставови, судејќи според нивните објави на Фејсбук, при што и двајцата високи партиски функционери споделија фотографии на кои се со Ахмети, а во прилог на кои напишаа оти се „цврсти во ставот против извршната власт“.
Ахмети, пак, во изјава за медиумите нагласи дека е нормално да има незадоволство во меѓучовечките односи, додавајќи дека ќе се разговара за да се поправат односите. Тој нагласи дека ДУИ е национално богатство на Албанците во Македонија, зборувајќи токму за односите во партијата.