Македонската поетеса Гордана Каракашевска со уште тројца поети од Македонија ќе учествува на најголемиот интернационален поетски фестивал во Саранда, Албанија. Поетскиот фестивал е во организација на „Јонскиот креативен клуб“, а ќе се одржи во периодот од 29 септември до 1 октомври.
На шеснаесеттото издание на фестивалот „Тритреме оф иониан поетри“ ќе настапат педесетина учесници од целиот свет. На ова издание на фестивалот ќе биде промовирана антологија во која се застапени учесниците со творби во превод на албански јазик.
Гордана Каракашевска е застапена со три творби од стихозбирката „Куќа од хартија“, нејзина втора збирка поезија, а четврта книга по ред. Гордана Каракашевска е авторка и на книгата раскази „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата и за некои други, ситни зрнца“ (2021), стихозбирката „Скршен поет и други поеми“ (2021) и на романот „Разголување во годината на козата“ (2021).