Јас не разбирам зошто токму сега и токму вака се иташе да се прифати еден недостоинствен и несозреан предлог, неправедно наречен „француски предлог“, а во суштина предлог на премиерите Ковачевски и Петков. Штом нема јасно придвижување на Западен Балкан кон ЕУ, нема потреба од самоубиствени потези
Ивица Боцевски
Постои ли, сепак, некаков скратен пат на Македонија кон целосната европска интеграција којшто се исцртува заради европскиот одговор на војната во Украина? Треба да сме начисто дека постојат две крупни прашања со македонската европска интеграција. Првото е огромно стратегиско прашање и тоа воопшто не зависи од Македонија, а второто прашање се однесува специфично само за Македонија.
Стратегиското прашање на кое сè уште нема јасен одговор е што се случува со европската интеграција по 1 јули 2013 година? Дали Хрватска е последната земја што ќе влезе во Европската Унија или, пак, процесот продолжува? Дали европската интеграција на Западен Балкан е во привремен или траен ќор-сокак? Што значи предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за европската политичка заедница, односно предлогот на Шарл Мишел за европска геополитичка заедница?
Одговорот на ова прашање воопшто не е едноставен. По британскиот референдум за излез од ЕУ, популарно наречен брегзит, се чинеше дека Унијата ја научи лекцијата, па реторички се тргна кон збивање на редовите, постоеше стремеж кон федерализирање на клучните европски институции (како Фронтекс, на пример), па дури и за влез во многу поцврста европска безбедносна, воена, политичка и разузнавачка соработка. Меѓутоа, малку од тоа се материјализира во практиката. Во меѓувреме, проширувањето веќе се востоличи како најголем виновник за сите актуелни европски проблеми, а особено „преуранетото“ членство на Романија и Бугарија. Иако, ако бидеме реални, и покрај сите сериозни внатрешни проблеми, и Романија и Бугарија не го заслужуваат овој понижувачки третман од еден бучен дел на европското јавно мислење, а да не зборуваме, пак, колку е трагикомично кога во Скопје или во кој било главен град од земјите на Западен Балкан им се потсмеваат на Романија или на Бугарија. Македонските граѓани треба да се сосема начисто дека европската јавност нас нè замислува многу полошо од Романија и од Бугарија, а, за жал, во Скопје уште не пристигнала веста дека во последниве неколку години единствена позитивна вест од Балканот е малото „романско економско чудо“. Но тоа е тема за една друга колумна.
Најдобар пример дека ЕУ нема идеја што да прави со Западен Балкан е евроинтегративниот процес на Црна Гора и на Србија. По безмалку цела деценија преговарање, веќе се истопи целиот ентузијазам и во двете земји дека процесот на нивното зачленување во Унијата има јасна конечност, односно датум на нивни влез во ЕУ. Тие се наоѓаат во некој чуден меѓупростор на започнати, но заборавени преговори.
Во меѓувреме, руската инвазија доведе до солидаризација на сите земји од ЕУ и на кандидатите со Украина, па ентузијазмот заврши со потреба итно да се стори некој чекор за помош на Украина, односно политички исчекор што ќе ја смести земјата во европската орбита. Одговорот беше најден во форма на кандидатски статус за Украина, Молдавија и, веројатно, наскоро и Грузија. Јасно е дека целиот процес е исклучиво политички и дека Украина и Молдавија не поминаа низ филтерот наречен „прашалник“ онака како што тоа се случуваше во земјите од Западен Балкан, но тие се стекнаа со кандидатскиот статус. За мене е сосема неразбирливо и надвор од паметот како е можно Босна и Херцеговина да нема статус кандидат, а Украина и Молдавија да се веќе кандидати. Со сите свои недостатоци, Босна и Херцеговина е светлосни години пред Украина и Молдавија во својата европска интеграција, а не треба ни да се зборува колку граѓаните, општеството и културата на БиХ се интегрирани во европските текови. Но вчудовидувачки сега Сараево е подалеку од Киев во европската интеграција. Апсурд! Да не зборувам, пак, за визното гето во кое се наоѓа Косово, повторно целосно неразбирливо.
Ете, ова е тоа клучно стратегиско прашање… Јас не разбирам зошто токму сега и токму вака се иташе да се прифати еден недостоинствен и несозреан предлог, неправедно наречен „француски предлог“, а во суштина предлог на премиерите Ковачевски и Петков. Штом нема јасно придвижување на Западен Балкан кон ЕУ, нема потреба од самоубиствени потези.
Токму тука доаѓаме до второто прашање. Срамното гласање на 19 јули само даде едно големо орудие за уцена на Македонија и ја претвори нашата држава во некаква постмодерна бугарска колонија. За мене реакцијата на јавноста е сосема оправдана и сосема очекувана, а никако не можам да го разберам самоубиствениот потег на власта со прифаќањето на преговарачката рамка.
Совршено е јасно дека Македонија не ги започна преговорите, дека сите бугарски барања станаа и европски барања, дека нема никакви гаранции дека отсега натаму евроинтегративниот процес ќе тече исклучиво преку објективни мерила, односно приспособување на македонското законодавство и институциите кон правилата на заедничкиот европски пазар. Напротив, ние влеговме во нова голгота и во ново национално предавство.
Сега ќе биде ѓаволски тешко да се симнат овие тешки вериги од вратот на Македонија и да се доведе ЕУ повторно на преговарачката маса, но за нас нема никаков друг избор. Под овие услови не смее да продолжи патот на Македонија кон ЕУ. Впрочем, за македонскиот народ целосната европска интеграција треба да значи крај на сите предизвици, а не да биде орудие за разградување на македонската држава, за разнебитување на македонскиот идентитет и за наметната бугаризација.
Но зрак надеж внесува последниот говор на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. На 14 септември таа го одржа своето годишно обраќање пред Европскиот парламент, помпезно и претенциозно наречено „Состојба на Сојузот“, исто како и годишното обраќање на американскиот претседател пред двата дома на Конгресот. Во делот на говорот каде што зборуваше за европската интеграција на Украина, Урсула фон дер Лејен рече „(Европската) комисија ќе работи со Украина за да ѝ овозможи беспрекорен пристап кон Единствениот пазар и обратно“. Па, продолжи со заклучокот дека „нашиот Единствен пазар е една од најуспешните приказни на Европа и сега е време да ја претвориме и во успешна приказна и за нашите украинска пријатели“. Во Киев овие две реченици на претседателката на Европската комисија ги прочитаа како ветување за итен украински влез во Заедничкиот европски пазар и украинско стекнување со ист статус како и Норвешка, Исланд и Швајцарија, односно итна примена на четирите слободи на европскиот пазар (слобода за проток на стоки, капитал, услуги и лица) за сите граѓани на Украина. Да бидат нештата уште поинтересни, во Киев, и тоа среде војна со нуклеарна сила, зборуваат дека не сакаат Украина да пропадне во „балканската интеграциска замка“ и „балканскиот европски пат кон никаде“, па бараат итен влез на Украина во Заедничкиот европски пазар и неодложна примена на четирите слободи на Европската Унија за сите украински граѓани, институции, компании и невладини организации.
Нормално, обземени со нашите сопствени проблеми со надоаѓачката стравотна енергетска криза, ние на Балканот не го забележавме овој дел од говорот на Урсула фон дер Лејен, а не им придадовме никакво значење на одгласите што овој говор ги имаше во Киев. Иако можеби изгледа апсурдно, но вреди да се направи обид за да се исцрта алтернативен балкански пат кон ЕУ преку Киев. Така ќе се стави на тест и европската заложба дека во Украина се води војна за вредности, за демократија и за европскиот начин на живот. Има ли Брисел подобра порака за целиот свет од итниот прием на Украина и на сите земји од Западен Балкан во Единствениот пазар и од неодложната примена на четирите слободи на Европската Унија кон Украина и кон Западен Балкан? На тој начин ќе се испрати јасна порака кон целата планета зошто Европската Унија толку силно ја поддржува Украина во нејзината војна со Руската Федерација, а Западен Балкан конечно ќе излезе од „балканската интеграциска замка“ и „балканскиот европски пат кон никаде“.