Со тотално отсуство на лично чувствување на каков и да е облик на омраза кон бугарските научници и кон другите припадници на бугарската етничка заедница, но со присуство на морално легитимен револт, како и на лична потреба од должно остварување човечки, научнички и патриотски детерминирана обврска, а во насока на мојот личен обид за придонесување во заштитата, зачувувањето, одржувањето и развивањето на научничката етика; заштитата на интегритетот на една моја конкретна интелектуална и индивидуална творба изразена во форма на научен труд од областа на општествените, односно безбедносните науки, односно мое спротивставување на менувањето, деформирањето и сакатењето на изворниот текст на еден мој научен труд; како и во насока на мојот личен обид за придонесување во заштитата на македонскиот национален идентитет – НАУЧНИЧКИ И ПАТРИОТСКИ РЕАГИРАМ!
Реагирам и се спротивставувам на некоректниот и хостилен облик на когнитивна и афективна политичка манипулација и на противправниот облик на злоупотреба, односно противправно менување, деформирање и сакатење од страна на бугарската историчарка д-р Јорданка Стојанова-Тонева на изворниот текст на еден мој (рецензиран) научен труд, кој се однесува на формирањето и обликувањето на македонскиот безбедносен идентитет (како и на проектирањето на безбедносниот профил на македонското општество и на македонската држава), а труд што, односно дел од неговите изворни теориски содржини, на недопуштен, противправен и хостилно мотивиран начин, спротивно на меѓународните научни стандарди и правни норми со кои е уредено користењето на делови на авторски дела (библиографско цитирање во обем и до степен потребен за конкретна научна намена во научната дејност!) – од страна на бугарската историчарка д-р Јорданка Стојанова-Тонева – неточно, недоследно и невоедначено е цитиран во една нејзина коавторска геополитичка студија, која е во официјално (службено) издание на „Геополитичкиот институт“ на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
Имено, станува збор за противправен и хостилен облик на злоупотреба, односно противправно менување и деформирање на дел од изворниот текст на мојот научен труд (во натамошниот текст: македонскиот научен труд) со наслов „Безбедносниот идентитет на македонското општество и држава (синтеза на суштинските елементи на македонскиот безбедносен идентитет)“, публикуван во рамките на Зборникот на трудови „Научно-стручна конференција – Безбедноста, еколошката безбедност и предизвиците на Република Македонија (Охрид, 17 и 18.09.2010 година)“, Универзитет „Св. Климент Охридскиˮ, Факултет за безбедност – Скопје, Скопје, стр. 368-385 [достапен на: http://fb.uklo.edu.mk/…/10/2021/10/2010-bezbednosta.pdf]), изворен текст што е злоупотребен од страна на д-р Јорданка Стојанова-Тонева со неточно, недоследно и невоедначено цитирање во нејзиниот авторски дел од (коавторската) бугарска официјална геополитичка студија со наслов „Република Македония в съвремената балканска геополитика и мястото на българския национален интерес там“, Министерство на външните работи на Република България, Дипломатически институт, външнополитически изследвания, яануари, 2018. (достапна на: https://bdi.bg/data/paper/WEB_Book_Makedonia_03-2018.pdf), чии автори се бугарските научници (историчари) – д-р Воин Божинов (д-р Войн Божинов) и споменатата д-р Јорданка Стојанова-Тонева (д-р Йорданка Стоянова-Тонева). Инаку, и покрај публикувањето на бугарската официјална геополитичка студија во јануари 2018 година, за истата таа бев информиран дури неодамна, односно во оваа, 2022 година, што наедно е и причината за сегашното јавно и должно патриотско и научничко реагирање од моја страна.
Имено, бугарската историчарка д-р Јорданка Стојанова-Тонева, користејќи го македонскиот научен труд, наместо на научно коректен начин да наведе веродостоен библиографски цитат (во согласност со меѓународните научни стандарди и правните норми со кои е уредено библиографското цитирање во обем и до степен потребен за конкретна научна намена во научната дејност), истата таа намерно, ненаучно, навредливо и со хостилен мотив и намера ги конструира следниве неверодостојни наводи:
1) На страницата 124 од споменатата бугарска официјална геополитичка студија, бугарската историчарка д-р Јорданка Стојанова-Тонева намерно пласира фалсификувана реченица, на тој начин што истата таа додава непријателски детерминирана придавка „таканаречениот“, односно, фалсификувано и неверодостојно наведува (со отсуство на правилно библиографско цитирање): „таканаречениот македонски безбедносен идентитет“, наместо веродостојно библиографски да го цитира оригиналниот и изворен текст на македонскиот научен труд, кој гласи: „македонски безбедносен идентитет“. Имено, во првата глава од бугарската официјална геополитичка студија насловена како „Република Македонија и геополитичката ситуација на Балканот на крајот од XX век“, во делот 1.4, насловен како „Комплексна оценка на системот за национална безбедност на Република Македонија“, бугарската историчарка д-р Јорданка Стојанова-Тонева наведува: „Политиката за национална безбедност на РМ претставува елемент од таканаречениот македонски безбедносен идентитет“ (односно, истата таа на бугарски јазик наведува: „Политиката за национална сигурност на РМ представлява елемент от т.нар. македонски идентитет за сигурност“);
2) Понатаму, бугарската историчарка д-р Јорданка Стојанова-Тонева продолжува со развивање и довршување на противправниот облик на злоупотреба, односно противправно менување и деформирање на изворниот текст на македонскиот научен труд, спуштајќи на текстуалната композиција – фуснота број 29, исто така на страница 124 од бугарската официјална геополитичка студија, односно, наместо веродостојно да го цитира изворниот текст со следниов (целосен и полн!) наслов: Гоце Аризанкоски, „Безбедносниот идентитет на македонското општество и држава (синтеза на суштинските елементи на македонскиот безбедносен идентитет)“, бугарската историчарка д-р Јорданка Стојанова-Тонева, во фуснотата (бр. 29, на страница 124), го фалсификува веродостојниот наслов, односно, неверодостојно и нецелосно наведува: „безбедносниот идентитет на општеството и државата“, односно на бугарски јазик, истата наведува: Аризанкоски, Гоце. Безбедносниот идентитет на обштество и држава: Синтез на суштинските елементи на македонскиот безбедносен идентиттет / Зборник на трудови от ФБ на Универзитетот „Св. Климен Охридски“- Битоля, Научно-стручна конференциja: Безбедноста, еколошката безбедност и предизвиците на Република Македониjа. – Охрид 17-18.09.2010 г. Скопje, 2010, с. 368-389; при што во нејзиното хостилно цитирање отсуствува суштинскиот елемент на насловот од изворниот текст на македонскиот научен труд: (безбедносниот идентитет на) „македонското општество и држава“.
Дополнително, од аспект на отсуството на истоветно и воедначено цитирање на изворниот текст на македонскиот научен труд, за разлика од цитирањето на другите консултирани трудови во бугарската официјална геополитичка студија, бугарската историчарка д-р Јорданка Стојанова-Тонева, во следната, 30-та фуснота (на страница 124), библиографски цитира на веродостоен начин, конкретен американски (научен) извор (без да го фалсификува и без да го преведува на бугарски јазик, односно, наведен е следниот библиографски цитат): (sad) Jenkins, BM 2007, ‘Basic Principles for Homeland Security, Testimony presented before the House Appropriations Committee, Subcommittee on Homeland Security on January 30, 2007, RAND Corporation, Santa Monica, CA, USA.
Значи, во авторскиот дел од бугарската официјална геополитичка студија на бугарската историчарка д-р Јорданка Стојанова-Тонева не се работи за отстапување од нормалната јазична употреба во пишувањето и цитирањето, односно не се работи за психолингвистичка, дактилографска, печатна или друг вид грешка, туку се работи за организирано, конкретно, наменско, ненаучно, навредливо и на хостилен начин – отстапување од правилно, точно и веродостојно библиографско читање на изворниот текст на македонскиот научен труд со комбинирана злоупотреба, односно со хостилно додавање на придавката „таканаречен“ (македонски безбедносен идентитет), комбинирано со организирано и конкретно наменско (антимакедонски насочено) отсуство на користење на клучниот збор „македонски“, кој е клучен збор што е користен во изворниот текст на македонскиот научен труд.
Заклучувајќи го овој краток оглед за заштитата на: научничката етика; на интегритетот на мојата интелектуална и индивидуална творба; како и на македонскиот национален идентитет; а повикувајќи се на националните и пошироки (општоопштествени) европски детерминирани факти, односно, врз основа на: (1) фактот според кој секое авторско право, кое го содржи и моралното право кое го штити секој автор по однос на неговата лична и интелектуална врска со неговото авторско дело (во случајов, научен труд од областа на општествените, односно безбедносните науки), уживаат кривична, граѓанска и прекршочна заштита; (2) повикувајќи се и на европското право (според кое, терминот „национален идентитет“ за првпат е внесен во Договорот од Мастрихт [1992 година], следствено, во Договорот од Амстердам [1997 година] и заклучно, во Договорот од Лисабон [од 2009 година]), односно, независно што македонската држава – Република Македонија не е членка на Европската Унија (ЕУ), повикувајќи се на утврдената обврска (во согласност со европското право) за почитување на националниот идентитет на земјите-членки од страна на Европската Унија (ете, како и за земјите-членки на ЕУ, така и за македонската држава – Република Македонија, потребно е сеопфатно почитување на македонскиот национален идентитет!); како и (3) врз основа на нормираната стратегиска определба, според која, траен интерес на македонската држава е зачувување и унапредување на нејзиниот државен идентитет со слободно изразување на етничкиот идентитет на сите граѓани на Република Македонија – НАУЧНИЧКИ И ПАТРИОТСКИ РЕАГИРАМ НА ПРОТИВПРАВНОТО МЕНУВАЊЕ, ДЕФОРМИРАЊЕ И САКАТЕЊЕ НА ИЗВОРНИОТ ТЕКСТ НА МАКЕДОНСКИОТ НАУЧЕН ТРУД, вклучувајќи, барам и извинување од страна на бугарската историчарка д-р Јорданка Стојанова-Тонева на сите граѓан(ки) на македонската држава – Република Македонија за нејзиниот научно некоректен и противправен начин на јавно соопштување, односно изложување на наведените неверодостојни текстуални содржини во бугарската официјална геополитичка студија, со кое јавно изложување за потребите на службена публикација на бугарска државна институција – бугарското Министерство за надворешни работи, истата таа: 1) изврши противправно дејство на повреда на моето авторско право над мојата интелектуална и индивидуална творба изразена во форма на македонски научен труд; и 2) се вклучи во одамна воспоставената и развиена, поширока хостилна матрица на проблематизација и оспорување на основните белези на Република Македонија, односно, истата таа се вклучи во пошироката безбедносно-загрозувачка проблематизација на битието на македонската држава, до тој степен што постоењето на македонскиот јазик, име, симболи, историја, црква, култура, па и територија, се предмет на постојани затскриени или откриени геополитички преиспитувања во поновата историја.
Гоце Аризанкоски, поранешен претседател на Форумот
за безбедност, дипломиран криминалист