Со денешната акција за садење дрвја, пензиските друштва го отворија седмиот „Пензиски парк“ во средното училиште „Марија Кири Склодовска“.
По неодамнешната најава за продолжување на активностите за раззеленување со кампањата „Засади желба за поубава иднина“, Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје организираа еколошка акција со која заедно со учениците од средното хемиско училиште засадија уште еден зелен парк.
– Имајќи ја во предвид девизата Заедно сме посилни дозволете најнапред да се заблагодарам за топлото добредојде и што ја прифативте иницијативата да бидете дел од едукативната кампања на пензиските друштва „Засади желба, за поубава иднина“, активно да учествувате во реализација на нашата идеја и заедно да придонесеме за едно поубаво утре за сите нас. Желбата за поубава иднина е присутна кај секој од нас, оттука и стремежот да направиме нешто повеќе, да дадеме свој придонес во насока на обезбедување на подобра иднина. Ние како пензиски друштва сме обединети во идејата дека иднината зависи од нашите активности и постапки во сегашноста, секој мал потег денес ќе го одбележи нашето утре. Нашата заедничка цел е со овој тип на активности да ја покренеме вашата свесност и да ве насочиме и мотивираме да не застанете тука, туку постојано да трагате по нови информации и континуирано да вложувате во својата и иднината на вашите најблиски, бидејќи иднината е посигурна кога знаете повеќе. Секое засадено дрвце кога ќе го погледнете од вашите училишни клупи нека ве потсети на одговорната улога што ја имаме сите ние, и дека секој чекор и најмала инвестиција ќе ни се врати во иднина. Сите ние посакуваме и работиме овие активности да прераснат во традиција и да бидат наш заштитен знак кој постојано ќе не потсетува на нашата одговорна улога во планирањето на иднината – изјави Сунчица Нешовска од Триглав пензиско друштво а.д. Скопје во своето обраќање до учениците.
Во оваа прилика до присутните се обрати и директорот на СУГС „Марија Кири Склодовска“, Дарко Спасев.
– Особена чест и задоволство ми претставува тоа што нашето училиште е избрано за учество во кампањата „Засади желба, за поубава иднина“ и изразувам голема благодарност до пензиските друштва. Најпрвин сакам да напоменам дека нашето училиште е единствено училиште во Градот Скопје, а едно од неколкуте училишта во државата во коишто се изучува образовниот профил – техничар за заштита на животната средина од хемиско – технолошката струка. Сакам да напоменам дека оваа организирана акција за засадување на дрвјата е од големо значење за училиштето и општеството, а со тоа се испраќа и порака до младите генерации за поубава и подобра иднина за сите. Апелирам овие акции да се организираат сѐ почесто за да се допре до свеста на граѓаните – изјави Спасев.
Откако соодветно ја подготвија почвата, претставниците од трите пензиски друштва заедно со средношколците засадија 15 средно созреани листопадни садници од пет видови.
Во периодот што следи, во рамки на едукативната кампања „Засади желба за поубава иднина“, покрај акциите за информирање и едуцирање на младите за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд, пензиските друштва ќе продолжат да создаваат „Пензиски паркови“ на различни локации низ земјава.
Сите информации и активности поврзани со кампањата „Засади желба за поубава иднина“ се достапни на веб страната www.penzija.mk
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk