Потребна е нивелација на пензиите за сите пензионери

Исти се животните потреби и на професорот, правникот, новинарот или на лекарот што отишол во пензија пред 15-20 години и на оној што се пензионирал минатата или предминатите неколку години, а разликата е околу 10.000 денари!? Висината на пензијата не треба да зависи од среќата кога и под кои услови ќе заминеш во пензија

Во минатите три месеци, на пензионерите финансискиот антикризен пакет од по 1.000 денари месечно не им следуваше, иако во јуни, јули и август животните трошоци беа значително зголемени. Најновите податоци на Државниот завод за статистика укажуваат дека трошоците на животот во август оваа година, во споредба со претходниот месец, се зголемени на лебот и житата за 6,4 отсто, на свежото и разладеното овошје за 3,8 отсто, на млекото за 3,6 и на месото за 2,5 проценти. Во август, исто така, пораст на индексите е забележан и кај услугите за сместување за 27,6 отсто и централното греење за 14,2 проценти. Според тоа, индексот за трошоците за животот во август 2022 година, во однос на истиот месец минатата година, бележи зголемување од 16,8 отсто, а на цените на мало за 14,2 отсто.
Експертите сметаат дека скапотијата е повисока поради забрзаниот раст на цените, особено ако се споредуваат покачувањата единствено на основните прехранбени производи, на лебот, маслото, зеленчукот, млекото и млечните производи, како и на сметките за електрична енергија, комунални трошоци, лекарства и други неминовни потреби за нормален живот во секојдневието. Поради тоа, веста за линеарното зголемување на септемвриските пензии од 6,8 проценти не ги израдува сите пензионери, особено корисниците на пониски пензии. Овој пат за усогласувањето на пензиите е применета старо-новата методологија со порастот на трошоците за живот со 50 отсто и со ист процент со растот на просечната плата. Добиеното е далеку од популистички кажуваното историско и рекордно зголемување. Досегашните најниски пензии од 10.276 денари добија зголемување од само 699 денари и сега нивната септемвриска пензија изнесува 10.975 денари. Најдобро се офајдија корисниците на максималната пензија од 60.294 денари, кои добија зголемување од 4.100 денари, што е за околу шест пати поголема од најниските. Со ова, највисоката пензија кај нас сега изнесува 64.394 денари. Просечната пензија, која досега изнесуваше 16.348, е зголемена за 1.112 денари и ја достигна висината од 17.460 денари.

Меѓутоа и натаму загрижува јазот меѓу пензионерите во однос на примањата. Според августовските податоци на Фондот на ПИОМ, износ до 11.500 денари зеле 92.300 пензионери, а од 11.501 до 18.000 денари примиле 135.860 корисници на пензија. Бројките покажуваат дека од вкупно 330.000 пензионери во нашата земја, над 228.000 пензионери, односно 69 отсто, имаат пензија до 18.000 денари, кои се судираат со обезбедување основни средства за егзистенција, што за држава, во која со Устав е загарантирана социјалната правда, е сериозна опомена. Македонија веќе се наоѓа на високото шесто место по сиромаштија во Европа.
Во врска со ова, забележителна изјава објави проф. д-р Солза Грчева: „При официјална инфлација (поточно рецесија) од околу 17 отсто, незамисливо е некој да има пензија помала од 20.000 денари. Секоја година значително расте горната граница на најголемата пензија, а сите пензии помеѓу двете граници (долната и горната) не се индексираат, односно да се покачуваат со покачување на горниот лимит. Па, така, има луѓе од иста професија, со ист статус, со ист стаж, само затоа што се пензионирале во друга година да имаат разлики во пензиските примања за повеќе од 10.000 денари. Ова е лудо и никаде не е така. Не се знае основниот модел на нормален пензиски систем. И никој во законодавниот дом не дава нов предлог-закон за ова прашање.“
Ценетата професорка е во право. Поскапувањата се однесуваат на сите. Треба да потсетиме дека исти се животните потреби и на професорот или лекарот што отишол во пензија пред 15 години и на оној што се пензионирал минатата или предминатите неколку години. Како резултат на тоа, денес професор што се пензионирал пред 10-15 години има пензија приближно како хигиеничарка што станала пензионерка годинава, лекарот како медицинска сестра, инженерот како техничар. И никому не му пречи тоа. За подостоинствен живот на сите пензионери, потребна е нивелација, односно отстранување на евидентните разлики на пензиите. Вакви зафати има во некои земји од Европската Унија. Со измени на Законот за служба во армијата од минатиот месец веќе е овозможено повторно пресметување на пензиите на воените пензионери. Според податоците од август, тие имаат највисока просечна пензија од 23.507 денари, а најниска од 8.484 е кај корисниците на земјоделска пензија.
Често од популистички побуди се вели дека висината на пензиите зависи од индивидуално вложениот придонес во пензискиот фонд. Како да се заборава дека со посебни закони за армијата и за внатрешни работи на членовите на овие значајни државни институции пензиите им се одредуваат според висината на последната плата. Но на лица на кои пензијата им се пресметува според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, висината на пензиите изнесува околу 80 отсто од вложениот пензиски придонес за целиот работен век. На тој начин кај нив на самиот старт разликата на пензиите е за 20 и повеќе проценти помала.

А таа разлика со линеарното усогласување на пензиите постојано се зголемуваше. Во привилегирана состојба беа и тие што во пензија заминаа со избор на најдобри десет години, како и оние вработени што со приватизација на општествениот капитал се најдоа на работа во добри фирми со високи плати, а со тоа и уплатата за пензискиот фонд им беше поголема.
Посебна приказна се некои од вработените со Охридскиот рамковен договор, кои не работат, а примаат плата и им се уплатуваат средства за пензискиот фонд. Во најтешка положба се најдоа стотици стечајци што немаа 15 години работен стаж, кои и покрај утврдена уплата на средства во пензискиот фонд, не добија ниту денар надомест. Во слична ситуација се и голем број лица што не можеа да го потврдат работниот стаж поради транзициско згаснување на претпријатијата и ред други причини. Сето ова треба сериозно да се анализира во рамките на пензиските реформи. Во услови на зголемени трошоци на животот и намалување на вредноста на денарот, потребно е сериозно да се настојува и воведување на скалесто покачување на пензиите, и тоа 20 отсто на најниските пензиите до 20.000 денари, потоа 15 отсто на корисници на пензија од 20.001 до 30.000 денари и 10 отсто од 30.001 денар до највисоката пензија.
Потребни се и нови пакет мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, особено за најранливите категории, и за економската стабилност и ликвидноста на компаниите предизвикани од енергетската криза. Во тој контекст, во новиот број на „Пензионер плус“ е објавен Предлог на антикризни мерки што според Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија би помогнало за подобрување на животниот стандард на пензионерите и старите лица. Се предлага да продолжи финансиската помош за електрична енергија за лицата со ниски пензии, да се обезбеди парична помош преку разни форми за ранливи категории пензионери и стари лица, субвенции за плаќање на скапите лекови што не се на позитивната листа, олеснувања за набавка на ортопедски помагала, замрзнување на цените на основните производи за исхрана, суспендирање, односно запирање на Законот за извршители и друго. Истовремено се налага потребата од продолжување на поинтензивна финансиска помош од страна на СЗПМ и на здруженија на пензионери на осамени и загрозени пензионери.
Секако, пензионерската проблематика бара посериозен однос од сите фактори за побрзо надминување на проблемите и подобрување на стандардот на пензионерите и старите лица.

ДРАГИ АРГИРОВСКИ

(Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба)