Да ни е „вечна“ Северна Македонија, татковината на „северномакедонците“

Во секоја пригода, оправдано или не, постојано можеме да слушнеме Северна Македонија, Северна Македонија, Северна Македонија и сѐ така до бесконечност. Вистина е дека некои веруваат дека преименувањето на Македонија е потегот што ќе донесе посветла иднина, но најголемиот дел од пофалните слова е за лична полза, за награда

Честопати нештата не се онакви како што ги воспримаме, а тоа го потврдуваат четириесет и трите писма на Николај Бухарин испратени до советскиот диктатор Сталин. По враќањето од Париз, Бухарин во писмото до Политбирото, а всушност упатено до Сталин, нагласил дека е добро што Зиновјев и Каменов се стрелани, „одлично е, воздухот веднаш стана чист“. Во едно друго писмо од 1936 година, Бухарин му се обратил лично на Сталин и го известил дека напишал поема за него. Му ја испратил на увид и го замолил да не се објавува. Во писмото од 1937 година, Бухарин му се доверил на советскиот диктатор дека кон него почнал да го чувствува она што го чувствувал и кон Ленин, „блиско роднинско чувство дека има некој кому може да му каже сѐ, да му напише и да му се пожали“. Бухарин исто така соопштил дека работи на една книга и го замолил Сталин да напише еден краток предговор. Во последното писмо, непосредно пред својата смрт, Бухарин го замолил Сталин да го испрати во Америка за да се бори со троцкистите, во придружба на способен чекист, а како гаранција ќе ја оставел својата жена, сѐ додека не покаже „колку добро го удира Троцки по муцката“. Писмото завршува со следните зборови: „Јас психолошки се подготвувам за разделба со оваа долина на солзите и чувствувам за тебе, за партијата, за делото во целина, само голема и безгранична љубов. Те прегрнувам во мислите, збогум, не го споменувај по лошо својот несреќен Н. Бухарин“.
Бухарин во своите писма изразува неизмерна љубов кон Сталин, но тоа не било вистината. Уште во 1928 година, Бухарин во разговор со Каменев нагласил дека Сталин е непринципиелен и бескрупулозен интригант. Но навредите до Сталин не завршувале тука. Пред да се врати од Париз, Бухарин во разговор со Дан, водач на меншевиците, истакнал дека советскиот диктатор е „мал злобен човек, не човек, туку ѓавол“. По враќањето во Москва, Бухарин осознал дека е во немилост кај Сталин, а тоа значело смрт или гулаг. Затоа Бухарин во писмата се обидува да ја добие наклонетоста на диктаторот, но сѐ било залудно. Бухарин бил убиен во текот на т.н. Голема чистка, кога многумина без основа биле обвинети за шпионажа, уривање на поредокот, антисоветска агитација и подготовка на државен удар.

Писмата до Сталин многу повеќе ни кажуваат за психологијата на Бухариновата личноста, отколку за советскиот диктатор. Наместо достоинствено и принципиелно да се соочи со реалноста, тој му пишувал „љубовни“ писма на Сталин, клеветејќи ги своите пријатели. Неговата бескрупулозност одела дотаму што, за да го спаси сопствениот живот, како залог ја понудил сопругата. Некој може да ни дофрли дека кога човекот се соочува со смртта, сосема е природно сите инстинкти да се во насока на преживување. Но ова е карактеристично за животинскиот свет, човечкото суштество е многу повеќе од природни инстинкти, има морал. Следствено, останува прашањето дали треба да пишуваме пофални слова само за да му се допаднеме некому. Одговорот гласи не, затоа што таквите пофални слова се неетички и неморални, и како такви се насочени кон задоволување на личното его.
Доволно мудрувавме, да се насочиме кон суштината! Со Преспанскиот договор, Република Македонија беше преименувана во Република Северна Македонија. Многумина потоа објавија пофални слова за споменатиот договор. Но апсурдноста не заврши тука. Во секоја пригода, оправдано или не, постојано можеме да слушнеме Северна Македонија, Северна Македонија, Северна Македонија и сѐ така до бесконечност. Вистина е дека некои веруваат дека преименувањето на Македонија е потегот што ќе донесе посветла иднина, но најголемиот дел од пофалните слова е за лична полза, за награда.

Како велат, ако не можеш да ги победиш, придружи им се. Да напишеме и ние едно пофално слово: Да ни е „вечна“ Северна Македонија, татковината на „северномакедонците“, можеби ќе спечелиме нешто. Но воспевањето на Северна Македонија е квазиреално, затоа што „Северна“ не направи магично да исчезнат корупцијата, партизацијата, невладеењето на правото, нефункционалниот судски систем, слабите економски перформанси, непотизмот и сѐ така до бескрај. Затоа, наместо да пишуваме пофални слова за величината на „Северна“ и нејзините магични дејства, треба да ѝ погледнеме на реалноста во очи.
Реалноста вели дека на нашата Македонија ѝ недостигаат државни атрибути. Очигледен е патот по кој треба да се движиме како општество, суштински реформи што ќе ја унапредат и видоизменат државата, а не славопејки за „Северна“.