По голем број успешно реализирани културни настани се доаѓа до заклучок дека публиката е гладна за култура, или во потрага по културна оддишка. Вистинско бегство од дневно стерилната политика, патетичните изјави и соопштенија на политичарите, од безизлезните проблеми… Народот е презаситен од проблеми, политики и бајати изјави. За „долгата зима“ што се најавува, културата се чини како миговен остров за спас да се издржи „загадениот воздух“. И вистинска среќа е што културната сцена доживува вистински процут
Ова две илјади дваесет и второ лето беше зашеќерено со плејада културни настани, кои можеби не се растопуваат во сечиј вкус, но дефинитивно се светла точка на летната ноќ. Барем публиката што ги препознава се насладува со нив.
И по еден супер реализиран „Македокс“, кој и покрај тоа што има рафинирана публика го полнеше „Куршумли-ан“ секоја вечер (со плус програма и во другите објекти), по уште еден фасцинантен „Манаки“, „Синедејс“, како и „Скопско културно лето“, „Охридско лето“, книжевниот фестивал „Друга приказна“, „Фестивалот на нем и класичен филм“, „Скопскиот фестивал на поезијата“… (листа што навистина е долга, а не би должела)…, се доаѓа до заклучок дека публиката е гладна за култура, или во потрага по културна оддишка. Вистинско бегство од дневно стерилната политика, патетичните изјави и соопштенија на политичарите, од безизлезните проблеми, системски грешки што се стиснати на „повторување“, економската криза што се засилува, енергетскиот дефицит за кој се нема поим како да се нивелира…
Народот е презаситен од проблеми, политики и бајати изјави, неостварени ветувања, ликови што се губат во своите мисли, кои читаат реферати напишани, препишани (и потоа забораваат што прочитале)…
За „долгата зима“ што се најавува, културата се чини како миговен остров за спас да се издржи „загадениот воздух“.
А сега, зајдисонцето на летото носи нов бран, ни ги носи „Скопје филм фестивал“, Фестивалот на книгата, мултимедијалниот фестивал „Артерија“, фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, фестивалот на планински филм „Ехо“, фестивалот на античка драма „Стоби“…
Ако ги споиме слоганите од фестивалите веќе знаеме дека „Од високо подобро се гледа“, дека луѓето претпочитаат „Лупење идеи“, желни се за „Нова писменост“ и во ова секојдневие „Реалноста не е доволна“.
И вистинска среќа е што културната сцена доживува вистински процут. Бележиме невиден книжевен квалитет и квантитет. Авторите и нивните внатрешни светови полесно испливуваат на сцената. Некои ќе забележат дека не секому му чини перото, но затоа е тука и публиката да процени и оцени. Филмовите, краткометражни, долгометражни, документарни ни станаа главни културни амбасадори. Македонското име се виори на Меѓународниот филмски фестивал во Токиo, „Санденс филм фестивал“, меѓународниот филмски фестивал „Хјустон“ во САД, Канскиот филмски фестивал, Филмскиот фестивал во Венеција, Филмскиот фестивал во Карлови Вари, Филмскиот фестивал во Пула, Англија, Берлин… И не само што македонскиот филм имаше фестивалско прикажување туку и собра голем број статуетки.
Наши реномирани и афирмирани уметници остварија голем број самостојни изложби. „Чифте-амам“, „Даутпашин амам“, МСУ, Мала станица, „Ко-ра“, „Јадро“ имаат бујност од уметност на репертоарот. А не е занемарувачки и бројот на уметници што изложуваат и надвор од линијата на Македонија. На површина испливуваат визуелни уметници, концептуални уметници, мултидисциплинарни… Се мултиплицираат претстави и независни театри… Независната сцена е во подем.
Индивидуалците – иницијатори на ваквите културни фестивали, настани и проекти – се инспирирани токму од поривот да му се понудат на градот поинаква слика и поинаква содржина, стимулирани од сопствената силна желба. Но често сѐ е оставено само на ентузијазмот на тие творци, сами да бараат начин да истрчаат до целта, сами да ископаат бунар за својот плод.
Во меѓувреме имаат икс сопки, сами создаваат услови, инфраструктура, логистика, организираат и импровизираат…
Поддршката од државата за културата, за уметниците сѐ уште е мала, минорна, невидлива.
И во меѓувреме ако некаде нешто закочи, со ребалансот прво се крати буџетот за култура. Први на удар се независните… Како тотално небитно да е намалувањето на културната продукција. Култура се третира како луксуз. И не се зема предвид дека некој живее од неа, живее за неа и дека во некои моменти е вистинска терапија.
Културњаците од искуство веќе знаат дека ако ја префрлат реализацијата на идејата на друго рамо, таа ќе остане во виртуелниот облак. Затоа многу од нив идеите ги прекројуваат во планови и сами трасираат маршрута кон целта.
На крајот, буџетски освежени или не, приказната има среќен крај, со куп фотографии, суперзадоволна публика, ласкави критики, пакуваш импресии и си одиш уморен и среќен, затоа што на соништата и про боно работиш, и прекувремено, и со непроспиени ноќи, но со полно срце.
Културата ни е непроценлив капитал, безмерно наследство. Во последно време често се истакнува на зборови важноста на културниот идентитет, наследство, историја, јазик, но остануваат само зборови, недостигаат докази и дела. Ако сакаме да се ја зачуваме културата, мораме да продолжиме да инвестираме во неа, да ја создаваме.