За литературното дело, во присуство на авторот Александар Прокопиев, пред публиката во КИЦ на Македонија во Софија ќе говорат издавачот
Пламен Тотев и познатиот бугарски писател Алек Попов
Денеска, од 18 до 21.30 часот, во 18 града низ Бугарија ќе се одржи „Европската ноќ на литературата“, која ќе ги собере љубителите на европската литература по единаесетти пат. Настанот има цел да ја популаризира добрата европска литература преку литературни читања на нестандардни места, во таканаречените „читателски гнезда“, во кои познати личности читаат еден ист дел од книга на секои 30 минути. Публиката има можност да ги менува местата каде што се читаат делови од различна литература и да се запознае со современото творештво на различни европски автори.
Организатори на настанот се амбасади и културни центри во Бугарија.
Читателското гнездо во Софија на Културно-информативниот центар на Македонија во Софија ќе биде во центарот за уметности „Арт лабораторија“.
На единаесеттото издание на „Европската ноќ на литературата“ ќе биде претставена книгата „Човечулец“ од македонскиот писател Александар Прокопиев. Оваа збирка раскази излезе во превод на бугарски јазик оваа година, во издание на издателство „Книги за сите“. Преводот од македонски на бугарски јазик го направи Деница Проданова, а во читателското гнездо во Софија делови од книгата ќе читаат актерите Ѓорги Георгиев–Антика и Игор Дамјанов. За литературното дело, во присуство на авторот Александар Прокопиев, пред публиката во КИЦ на Македонија во Софија ќе говорат издавачот Пламен Тотев и познатиот бугарски писател Алек Попов.
Со овој литературен настан, КИЦ на Македонија во Софија симболично го одбележува Денот на независноста на македонската држава – 8 Септември.
Оригинален, со чувство за хумор и интелектуален, автор за сите поколенија, Александар Прокопиев напишал шармантна и духовита книга што ќе нѐ придобие и ќе ни даде уникатно доживување како читатели. Тој раскажува за вината и простувањето, за тежината на победите и поразите. Неговите сижеа преплетуваат современи наративи со приказни, легендарни и митолошки митови. Така, писателот прави свои интерпретации на „Дивите лебеди“ и „Снежана“ или ни го покажува светот преку погледот на грозното вонбрачно дете, на човек со едно крило што се претворил во цар на птиците, на странец што припитомил змијче, на алхемичар што се обидува да создаде човече во стакленица.
Роден во 1953 година во Скопје, Александар Прокопиев завршува компаративна книжевност и теорија на литературата. Тој го олицетворува постмодернистичкиот флуид во Северна Македонија. Има издадено дваесетина книги, преведуван е на многу јазици. Името му е споменато во Енциклопедијата на Сорбона, заедно до имињата на Орхан Памук, Херта Мјулер, Елфриде Јелинек. Уметнички директор е на меѓународниот литературен фестивал „Про-за-Балкан“, член е на Македонскиот ПЕН и на Друштвото на независни писатели.