Добро е да се знае дека со францускиот предлог власта ја извлекла државава од балканскиот вител и ја лансира на патот на европеизација. Ако не ми го кажеше ова „северномакедонскиот“ министер за надворешни работи, сѐ уште ќе бев во заблуда дека длабоко сме забраздени во балканскиот вител на историјата и идентитетското обезличување.
Арачиново дополнително ми потврди дека европските вредности секогаш биле и се дел од нашата култура. Затоа треба да ѝ се верува на власта. Дури и тогаш кога здравиот разум ви кажува дека во оваа какофонија на гласови за европската иднина на Македонија и улогата на францускиот предлог во заживување на процесот гледате сѐ подлабока поделеност во општеството, национално обезличување и безизлезност.
Тоа е таа различна диоптрија со која се гледаат работите во Македонија. Она што за нас е безизлезност, за оваа власт е можност. Она што за нас е историско, културно и јазично обезличување, за власта е решение на историското македонско прашање. Тоа е таа визија за иднината, која ние, на кои им „нема спас“, никако не успеваме да ја видиме. Очигледно тешко е целосно да се разберат успешните владини перформанси, кога медиумите, политичкиот и академски дискурс за политиката и управувањето се заситени со извештаи за промашувања и неуспеси. Ќе прифатам дека успехот, како и „неуспехот“ на политиките на власта, не е само прашање на факти туку и перцепција, вредности и интереси. Важно е да се признае дека нејзините перформанси (во смисла на „испорачување на добрата“) не се единствениот фактор што ги потхранува перцепциите за (не)успехот.
Силните критики за скандали, неспособност и корумпираност на власта се секојдневие во „нивната“ држава, кои асоцираат на фијаско на политиката на секое поле, но најмногу на надворешнополитички план. Затоа генералната перцепција е дека оваа власт е исклучива и неспособна да ги акомодира разликите во мислењата, во контекст на некој имагиниран општ консензус за стратегиските одлуки и да нѐ извлече од длабоката политичка и економска криза во која нѐ втурна.
Влада што е свртена кон иднината и чиј пат е поставен од други не се тревожи премногу за мислењето на рајата. Тоа што мнозинството „заблуден“ и „необразован“ народ не ѝ верува, не ја спречува да си владее. Тоа што народот ја доживува власта како наметлива, неспособна, сервилна, расипничка и корумпирана не е доволно да ја натера да владее одговорно во партнерство со народот. А и зашто би. Оваа власт никогаш и не била на народот, од народот, за народот. Оваа власт е марионета на нашите стратегиски партнери. Затоа не потклекна пред петициите, писмата и коментарите на академскиот и интелектуалниот дел на македонското општество.
Зарем ќе излезевме од балканскиот вител и ќе почнувавме безусловни преговори за ЕУ секоја година, власта да го слушаше гласот на „секого“ во оваа држава или, не дај боже, да дејствуваше како слуга на народот? Секако не. Кој ни е крив на нас заблудените што не можеме да го ослободиме нашиот ум од романтичните поими за моќта и мотивите на демократски избраните политичари. Ние што сме осудени нашата перцепција за власта да ја градиме врз претпоставката дека владините функционери имаат цел преку личниот интерес да ја промовираат сопствената благосостојба, максимизирање на нивниот мандат на функцијата, наместо да се стремат алтруистички да ја подобрат јавната благосостојба, никако не успеваме да ја разбереме државничката и историска димензија на нивното владеење.
Лошите и неспособни влади се присутни во практика. Барем ние знаеме како изгледа тоа веќе подолго време. Власт во која успеваат неспособните и корумпираните не може да умре. Никако на избори. Демократските избори можат да ја дестабилизираат ваквата власт и да го дестабилизираат востановениот систем на некомпетентност и неспособност. Затоа изборите не се и не смеат да бидат решение и вистинска перспективна за лоша и корумпирана влада. Каква што е денешнава. Избори не смее да има, зашто оваа власт има неограничен капацитет за лошо владеење. Зарем власта треба да дозволи едно бизарно гласањето, кое се сведува на индивидуална акција извршена во тишината на гласачката кабина, да го смени курсот на нашата иднина?
Не се важни владината импотенција и политичката парализа, како и широкораспространета недоверба на јавноста. Избори не смее да има. И нема да има. Не смеат граѓаните да добијат шанса да ја обликуваат својата судбина и судбината на државата, зашто тоа не е државен интерес. Тоа да ти бил партиски интерес. Изгледа јас, како и многумина, никако да разберам дека власта не гледа потреба да ја ажурира нашата демократска технологија при толку „успеси“ на владините политики. Очигледно сѐ е лесно со ваква власт. Затоа ерес е да барате избори денес, кога власта може и повеќе и полошо.