Камион повторно пропадна во подната фонтана на плоштад „Македонија“. Службите од ЈП „Водовод и канализација“, во чија надлежност е одржувањето на фонтаните, најавија известување за инцидентот откако ќе проверат што конкретно се случило. Од Град Скопје, пак, известија дека камионот немал дозвола за влез на плоштадот.
– Приватен субјект со возило камион без дозвола неовластено влегол на плоштадот „Македонија“, по што е причинета штета на плочникот. Градот Скопје остро го осудува овој чин, ќе ги преземе сите законски мерки за извршување на инспекциски надзор како и за санкционирање, по што за причинетата штета врз јавните добра на плоштадот ќе се бара надомест на штета. Ваквото однесување од страна на поединци е недозволиво и за истото ќе се спроведат најстроги санкции – најавија од Град Скопје.
Не е првпат камион да пропадне во подната фонтана. Камион на градските комунални служби пропадна во фонтаната на во јуни 2017 година, пред бината која се поставуваше за дочек на ракометарите на Вардар кои станаа европски клупски прваци.
Лани во март во истата фонтана пропадна камионче на „ЈП „Комунална хигиена“ десетина дена откако беше промовирано како дел од возниот парк на јавното претпријатие, кога промотивно го повози и тогашниот премиер Зоран Заев.
Поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, во чиј мандат беше изградена подната фонтана неколкупати им порача на градоначалниците што го наследија дека таа е заштитена со и означена со топки на плочникот кои укажуваат дека со возила не треба да се чисти оградениот дел.
– Фонтаната е квалитетно направена и ги има сите одобренија. Никаде во светот по линиски фонтани не се движат тешки возила. Околу линиската фонтана имаше поставено гранитни топки кои укажуваа и оневозможуваа да се движат тешки возила. Нив ги ставивме откако пропадна возило на „Улици и патишта“. Кога Папата го посети Скопје ги тргнавте и добар дел сега ги нема околу фонтаната. За чистење на фонтаната набавивме две електрични метларки кои поради малата тежина без проблем се движеа и ја чистеа фонтаната. Каде се сега тие метларки, зошто не ги користите? Оваа фонтана неколку години се чистеше и функционираше без проблем, очигледно е дека сега грешката е човечка и организациска – објасни поранешниот градоначалник Трајановски, минатата година откако во фонтаната пропадна возило за чистење.
Подната фонтана беше пуштена во употреба во 2015 година како дел од проектот „Скопје 2014“.