Македонија ја завладувале и царства и империи, но никој не ја освоил за постојано и не останал на неа. Ќе ги издржиме и ќе ги надживееме со сите посегања и по земјата и по црквата и по сѐ што е наше, порача во една пригода поглаварот на МПЦ-ОА
Македонците од сите возрасти на двата пола, вчера, масовно ги посетија и ги исполнија црковните храмови во градовите и во селата, духовните светилишта во Македонија, а во древните македонски манастири учествуваа на сеноќното бдение со светата архијерејска литургија пред Богородичната плаштеница во цветниот епитаф во чест на Сечесното успение на пресвета наша Владичица Богородица, еден од 12-те најголеми христијански празници.
Зошто го празнуваме празникот што меѓу народот е познат и како Голема Богородица? Одговорот го наоѓаме во црковното предание. Мајката Божја својот живот го завршила тивко и мирно, без никакви болести. Заедно со апостолите често се молела Господ Бог да ја земе нејзината душа и да ја пресели на небото, при што доживеала длабока старост. На овој голем празник симболиката е да не се плашиме од смртта, бидејќи таа е само премин од еден во друг живот. Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага да добијат рожба и при породувањето. Празникот Успение открива пред нашиот празничен поглед и едно прекрасно божјо чудо. Тој на чудесен начин ѝ овозможил на Пресвета Богородица да се пресели во небесата. Значи, на чудесен начин ја пројавува божествената сила во животот и делата на светиите. Со неговата благодатна моќ им помага да ги остварат своите спасоносни желби, да ги надминуваат искушенијата и тешкотиите и на крајот ги прославува, како што ја прославил Пресвета Богородица, покрај другото, и со нејзината чудесна смрт.
Слободно можеме да констатираме дека последниве неколку години црковните празници во Македонија беа предизвик и поттик верниците да се ангажираат во обновување, реконструкција, заштита на црковните храмови и на манастирите. Иницијаторите и носителите на црковните активности, заедно со свештенослужителите, помогнати од верниот народ и финансиски поддржани од приватните фирми, успешно завршија многу активности за уредување на црквите и на духовните светилишта во градовите и во селата. Тоа придонесува за враќање на животот во напуштените села, почнаа да се отвора приватен бизнис: ресторани со преноќишта, фарми за одгледување ситен и крупен добиток, овоштарници, преработувачки мини-капацитети, се организираат културни и спортски манифестации, што придонесува за враќање на животот и за развивање на манастирскиот, селскиот и алтернативниот туризам. Во многу средини пред, за и по празниците се чувствува зголемена раздвиженост на домашни и странски туристи, за што веќе се создадени пристојни услови. Природните потенцијали се големи, сѐ уште не се искористени, а тоа дава можност за нови вложувања, нови вработувања и подобрување на стандардот.
Верските празници го обединуваат народот, го поттикнуваат да ги продолжи вековните традиции и обичаи, со додаток на нови современи содржини, кои ги негувале и чувале нивните предци и го создавале црковното македонско градителство и уметничко и културно богатство
Верските празници го обединуваат народот, го поттикнуваат да ги продолжи вековните традиции и обичаи, со додаток на нови современи содржини, кои ги негувале и чувале нивните предци и ги создавале црковното македонско градителство и уметничкото и културното богатство. Секако, ако се направи споредба со првите години на плурализмот и по три децении, напредокот е забележителен во сите сфери, што дава гаранција за уште позабрзан развој во наредниве години. Значајно е тоа што божествените литургии ги посетуваат млади луѓе, кои правилно ја толкуваат и ја применуваат православната христијанска вера, а некои од нив учествуваат во процесијата, во црковното хорско пеење, во зависност од афинитетот учествуваат во одржувањето на сакралните објекти, како помош и придонес на сопствената вера. Во Македонија се негува култот на Мајката Божја, над 200 цркви и манастири го носат нејзиното име, а секое петто македонско семејство како куќна слава ја празнува Богородица.
Во една пригода, пред неколку години, неговото блаженство г.г. Стефан, поглавар на МПЦ-ОА, за празнувањето на црковните празници, на верниците собрани во црквата ги потсети: „Со празникот треба да се живее, истиот да се доживее! Празнувајте, за да ви бидат душите полни со радост! Радоста во Господ и радоста од Господ не може ништо да ги намали или замени. На празникот празнува секоја македонска православна душа, празнуваат и иселените Македонци, кои постојано доаѓаат во посета на татковите огништа, празнуваат и покојните, празнуваат сите“. Поглаварот г.г. Стефан на Македонците што се немаат иселено од родните места им порача: „Останете во родните места, со нас да останат и верата и црквата, и народот и државата македонска, дотаму до каде што било и до каде што треба да остане нашето македонско! Доста ни земаа и разграбуваа. Останавме земја што самата со себе се граничи и како уште некому да му е малку!? Македонија ја завладувале и царства и империи, но никој не ја освоил за постојано и не останал на неа. Ќе ги издржиме и ќе ги надживееме со сите посегања и по земјата и по црквата и по сѐ што е наше“.
Во чест на празникот Голема Богородица, насекаде се чувствуваа празнично расположение и радост. Тоа беше дополнето и со одржување на традиционалните придружни културно-уметнички манифестации. На летната сцена во манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ и „Пресвета Богородица“ во селото Лешок, викендов одекнуваа фестивалските милозвучни песни што го негуваат македонскиот народен мелос. На фестивалот настапија 17 интерпретатори, кои исполнија толку новосоздадени македонски песни.
Насекаде во црквите и манастирите во Македонија празнувањето на празникот Голема Богородица заврши со црковно-народен собир и секој посетител беше почестен на трпезата на љубовта.