Европа веќе ги спроведува донесените мерки со месеци, почнувајќи од субвенции на струјата за граѓаните и фирмите во Грција, Полска ќе го субвенционира греењето на граѓаните, Чешка ќе ги намалува давачките за комуналии за да му помогне на населението, а и Велика Британија и Франција ќе им помагаат на своите граѓани со субвенции во делот на потрошена струја. Грција ќе издвои 1,9 милијарда евра за помош на стопанството и на граѓаните. Што треба да направиме ние?
Очигледно светот влегува во тешка декада, од која нема да закрепне пред 2030 година, па затоа не звучи нималку наивно неодамнешното предупредување на белгискиот премиер Александер де Кро, кој рече дека Европа ја очекуваат од пет до десет тешки зими.
На ова уште пред година и повеќе предупредија сите светски експерти, а војната во Украина само дополнително го забрза целиот процес. Од тие причини, речиси сите европски земји почнаа да преземаат мерки за заштита на стандардот на своето население уште од лани, а на почетокот на оваа година беа донесени и првите мерки за субвенционирање на високите сметки на енергентите што беа во најава.
И додека сите се обезбедуваа со резерви на енергенти и бараа начини како да најдат долгорочни решенија, кај нас државата продолжи со краткорочни козметички решенија и препораки, со кои не се решава хроничниот проблем со недостиг од електрична и топлинска енергија. За да се купи социјален мир, ланската зима државата им покри дел од сметките на корисниците на топловодно греење во Скопје, но ги остави на цедило сите други, кои сами мораа да се справуваат како знаат и умеат.
Сега решението се гледа во прогласување нова кризна состојба, небаре со тоа ќе ги снема енергетската криза и последиците што таа ги носи со себе.
Имено, прогласувањето кризна состојба во енергетиката би имало оправданост само ако се донесат вистински мерки, кои ќе им бидат од полза на граѓаните и на стопанството и со кои ќе им се помогне полесно да ја пребродат оваа, но и следните неколку зими. Што значи тоа? Тоа значи во семејниот буџет да остане понекој денар повеќе за основните потреби, додека за стопанството повеќе од потребна помош за да не се затворат еден куп фирми и да не се отпуштат илјадници работници.
Европа веќе ги спроведува донесените мерки со месеци, почнувајќи од субвенции на струјата за граѓаните и фирмите во Грција, Полска ќе го субвенционира греењето на граѓаните, Чешка ќе ги намалува давачките за комуналии за да му помогне на населението, а и Велика Британија и Франција ќе им помагаат на своите граѓани со субвенции во делот на потрошена струја.
Кај нас дури сега ќе се распишува оглас за избор на оператор што ќе раководи со топланите и греењето на скопјани. Знаејќи ги нашите практики, најверојатно два-три огласа ќе пропаднат, оти прво се гледа да се задоволи нечиј тендерски интерес, а потоа сè друго. Така нема да биде воопшто чудно и на почетокот на грејната сезона, кој е за месец и половина, да нема избрано оператор, па радијаторите да останат студени.
Како и да е, едно треба да е јасно, прогласувањето кризна состојба во енергетиката не подразбира давање одврзани раце на Владата да прави што сака, како што беше при прогласувањето кризна состојба за време на пандемијата. Тогаш, наместо мерки во полза на граѓаните, обезбедување бесплатни тестови, лекувања и слично, се носеа уредби со сила на закон што немаа врска со пандемијата, туку некој ги користеше за лични цели и профит.
Токму затоа сега прогласувањето кризна состојба во енергетиката треба да се стави во функција на справување со енергетските предизвици во следниот период, односно да биде во функција на граѓаните и на компаниите. Тоа значи да се носат мерки што ќе им помогнат на граѓаните и на економијата да ја преживеат тешката зима, но и да се постават темелите за изградба на енергетска стратегија, која ќе значи и постабилни енергетски состојби во следните десетина години, но и на многу подолг рок. Тоа, ако се сака, е многу едноставно да се направи, особено ако во целиот процес се вклучат енергетските експерти, кои земјава ги има, но кои никој не ги слуша.
Ако сите уште сега апелираат да се олесни процедурата за поставување фотоволтаични системи, тогаш нема никакви пречки државата да не го направи тоа, освен ако некому не му одговара граѓаните и компаниите сами да си произведуваат струја, наместо тој да им ја продава по енормно високи цени и дебело да заработува врз нивната мака. Тоа е решливо буквално прекуноќ. Ако можеше министерот за економија за едно попладне да најде решение за граѓаните што беа исклучени од страна на ЕВН поради неплаќање на сметките за струја со години, истиот тој министер може за едно попладне да најде решение како Македонија од увозник на скапа струја, да се претвори во извозник. Имено, еден таков фотоволтаичен систем за задоволување на дневните потреби на едно просечно домаќинство чини 7.500 евра, а Владата треба да покрие минимум 50 отсто од овие трошоци, па зошто не и 70 отсто.
Истото тоа да им се дозволи и на компаниите, кои се подготвени и сами да инвестираат ако државата не ги кочи со нелогичните административни бариери. А ги кочи затоа што дебело заработува од продажбата на индустриска струја. Тоа треба да престане, како што треба да престанат кражбите на струја во одредени делови на земјата каде што организирано се „рударат“ криптовалути.
Исто е и со ветерниците. Каде што има услови, односно каде што има ветер, да се дозволи поставување ветроцентрали и тоа да се субвенционира за домаќинствата.
Понатаму, истата таа држава што ги натера граѓаните да го заменат нееколошкото греење со инвертори и печки на пелети, да им го субвенционира греењето. Цената на пелетите од 180 отиде на 360 денари за вреќа, така што единствени оштетени во целата ситуација се граѓаните. Сега Владата во оваа кризна состојба треба да донесе уредба со која ќе им ја покрие разликата во цената на сите оние што се греат на пелети. На оние што се греат на инвертори, да им овозможи приоритетна монтажа на фотоволтаични системи, ако веќе не е сигурна дека може да им обезбеди непречено снабдување со електрична енергија.
Премиерот Ковачевски најави дека се подготвувало ново законско решение со кое ќе се олеснат процедурите за обновливи извори на енергија и дека многу скоро тоа ќе се нашло пред пратениците.
Имајќи ја предвид ефикасноста на македонското собрание, тоа значи дека македонските граѓани нема да видат никаква бенефиција од ваквите најави уште долго време. Токму прогласувањето на кризната состојба во енергетиката ќе ѝ овозможи на Владата веднаш да донесе уредба со која овие олеснувања ќе стапат во сила веднаш, без долгото тегавење низ собраниските процедури.
Прогласувањето кризна состојба е најлесното решение во момент кога три децении никој не водеше сметка за енергетскиот сектор, туку секој гледаше од него да профитира колку што може повеќе. Заработката се слеваше во приватни џебови под партиска контрола, а она што остануваше беа празни акумулации, матни тендери со ископот на јаглен, постојани дефекти и гасовод наречен желба.
Едноставно кажано, прогласувањето енергетска криза е резултат на нашата неспособност да обезбедиме евтина енергија за македонските граѓани затоа што со години не се инвестираше во ниту еден домашен капацитет за производство на електрична енергија. РЕК-Битола остана без јаглен и со застарена технологија, која постојано откажува и никогаш не може да работи со полн капацитет, гасификацијата на енергетските постројки не се случи никогаш, не се изгради фамозниот воден потенцијал „Чебрен и Галиште“, така што сегашните капацитети ни оддалеку не се доволни да ги задоволат потребите на граѓаните и стопанството. Дополнително, огромни пространства државно земјиште им се даваат на странски компании што ќе произведуваат струја од македонското сонце, а ќе ја продаваат на европскиот пазар по високи цени. Се уништува квалитетно земјоделско земјиште за странски профит, а во меѓувреме земјава не само што ќе увезува скапа струја туку ќе увезува и скапа храна. Од тоа државава нема профит. Од јануари се најавува и повисока цена на струјата, што, се разбира, ќе повлече уште поголем инфлаторен бран, кој ќе го платат граѓаните од својот џеб.
Што е тоа што треба да се направи сега, веднаш за време на кризната состојба? Значи целосното олеснување на сите процедури и државна помош за инсталирање соларни централи на покривите на индивидуалните куќи е прво, потоа олеснување на процедурите и за компаниите, истото тоа се однесува и за инсталирање ветерници. Тоа е краткорочно што може да се направи, но кризната состојба треба да ги постави темелите и за подолгорочни инвестиции во енергетскиот сектор.
Значи, веднаш да се започне со реализација на сите домашни потенцијали за производство на домашна струја, за да не зависиме енергетски од странство. Потоа, треба да се дозволи и примена на нови технологии во производството на струја, кои ги има сѐ почесто низ Европа, како користењето на сметот за производство на струја, сметот со кој буквално е затрупана целата земја.
Ова е само еден мал дел што може да се иницира, за да може Македонија да стане енергетски независна и да можат македонските граѓани да живеат подостоинствено, а не сите пари од платите и пензиите да им одат на сметките за струја и греење.
Затоа кризната состојба не треба да се злоупотребува, туку да се постават основите за изградба на сериозен енергетски систем, во кој никој нема да биде повластен, каде што нема да се крадат енормни количества струја, кои повторно ги плаќаат преостанатите граѓани, оти ниту една приватна компанија не е солидарно друштво, па да дозволува некој да краде, а таа тоа да не го наплати. Го наплаќа од државата, а државата го наплаќа од нас. Значи, кризната состојба не значи можност за уште едно „профитерство“, туку можност вистински да им се помогне на граѓаните. Сè друго е само сеење ветер и магла.