Крајно време е да се заборави на балансерите, етничките процентуални математики и комбинаторики и да се ослободат институциите од паразитите што ги нагризуваат однатре со години. Време е за мудри луѓе, мудри одлуки и способни раководители што од институциите ќе направат двигатели на државата и на општеството. Ако продолжиме како досега, тогаш сè ќе отиде во неповрат. А веќе тргнало
во таа насока
Ниту по три децении самостојност Македонија не воспостави функционални институции што се одлика на секоја држава, туку напротив, наместо да оди кон професионализација на луѓето во тие институции, оди кон масовна партизација.
Овој процес започна многу одамна, но се чини дека иницијалната каписла беше Охридскиот рамковен договор, кој ја отвори Пандорината кутија за вработувања во државната администрација по етнички клуч, што доведе таа да се полни со нестручни партиски кадри, наместо со компетентни луѓе што со своето знаење и способност ќе можеа да придонесат во градењето функционални државни институции што ќе бидат во функција на граѓаните и воопшто на македонското општество.
Но како што споменавме, се случи тоа несреќно решение за вработувања според некаква процентуална етничка застапеност и одеднаш државата се претвори во најголемиот работодавач во земјава, вработувајќи илјадници луѓе, за кои ниту има работни места, ниту, пак, пари во буџетот да се покриваат нивните плати и придонеси. Но партиските врхушки, немајќи што друго да им понудат на граѓаните, и натаму им нудат само вработувања во јавната администрација.
Кога стана јасно дека бројката на административци станува огромна, а процентот е одамна исполнет, почнаа да се измислуваат некои нови математики, како онаа на министерот за администрација и информатичко општество Алити, според која, отсега во државните институции ќе се вработуваат 31,54 отсто Албанци, иако според бројките од последниот попис, Албанците се 24,3 отсто од резидентното население. Алити не само што ги додаде нерезидентите во оваа бројка туку придодаде и седум отсто од административно попишаните. За него не е воопшто проблем што ваквата „математика“ е во спротивност со Законот за вработените во јавниот сектор, бидејќи за некого во оваа држава очигледно законите не важат.
Директорот на Државниот завод за статистика веднаш реагираше на ваквите изјави на министерот Алити, јасно истакнувајќи дека нерезидентното население и административно попишаните не можат да бидат вклучени во оваа „математика“ за етнички вработувања, но како и претходно, повеќе од веројатно е дека конечниот збор ќе го има заменик-директорот на статистика, кој како и пред пописот ќе каже кое население влегува, а кое не во статистиката.
Сето ова говори за степенот на нефункционалност на државните институции, кои се до таа мера девастирани, што повеќе не можат да спроведат ниту една обична законска одлука. Тука не станува збор за никакво владеење на правото, туку само за правото на владеење на партиите. Доволно беше да се види разврската на неколкунеделната сага на релацијата јавен обвинител – обвинител за гонење организиран криминал – директор на финансиска полиција за секому да му стане јасно дека во оваа земја борбата со криминалот и корупцијата е само обична фарса пред народот, кој веќе не верува ниту во правосудниот систем, ниту во државните институции, а веќе ја загуби и довербата во сопствената држава.
Таа македонска држава повеќе никој не ја препознава бидејќи се претвори во берза за партиски пазарења, тендери, трошење државни пари за антимакедонски манифестации, за руинирање на сето она што значи Македонија. Тоа руинирање, освен со институционалното и финансиското пустошење на земјата, се прави и со уништување на сета традиција што опстојала тука со години. Зарем во време кога Охридскиот пливачки маратон одбележува 60 години државата не најде пари да ја помогне оваа манифестација, а од друга страна, пред некое време „шаком и капом“ истури милиони евра за Општина Арачиново за да ги покрие трошоците за неплатени даноци, законска обврска на секој граѓанин. Веројатно ќе треба да додаде уште некој милион да ги покрие и кражбите на струја, кои годишно достигнуваат и над 50 милиони евра. Колку маратони се тоа? Зачудува и односот на надлежните институции кон ваквите настани со голема традиција, кои на некој начин се и обележје за македонската традиција и за богатото спортско, историско, културно или какво и да е наследство. Такво нешто не смее да се препушти на заборавот, бидејќи самите се казнуваме и се осудуваме на исчезнување.
Со ваквиот лежерен и неодговорен однос, ние самите си ја прекинуваме традицијата, си ги прекинуваме корените, едноставно самите се бришеме, како да сме народ и држава од вчера, што се вели, а не нашиот корен да е со векови наназад. Па Охрид и Македонија беа познати во светски рамки по овој настан и тоа беше еден вид промоција на земјава. Го бришеме Охридскиот маратон, Струшките вечери на поезијата одамна не се тоа што беа, ништо чудно в година да снема пари и за фестивалот „Браќа Манаки“, средства нема одамна за промоција на македонските народни песни и ора, на носиите, на фолклорот воопшто, на сето она што е алка со македонското историско минато. Бугарите веќе почнаа да ги препејуваат македонските песни и да ги промовираат како бугарски, Грција си ја присвои античката историја, ставаат плочки на спомениците тука во земјава, небаре сегашните Грци имаат некаква врска со антиката. Па на ова парче земја кај да копнеш ќе најдеш историја, но очигледно некој тука сака таа да остане длабоко закопана. Опасна е намерата да се избришат еден цел народ и неговото минато, во светлината на некаква разврска на отворените прашања во овој дел на Балканот и за задоволување на нечии туѓи стратегиски интереси. Така беше со Букурешкиот договор, така е и сега. Историјата се повторува.
Затоа боли кога државата не дава пари за археологија, за реставрација на иконите и црквите, за другите споменици од минатото, или некој тука се плаши дека ќе се открие оти во нашите цркви по ѕидовите со векови ги има Климент и Наум, Кирил и Методиј, а ги нема во бугарските. Тоа, веројатно, ќе биде во спротивност со препораките што ги даде мешаната историска комисија, која дефинитивно има намера да ја пресече папочната врска на македонскиот народ со неговото богато вековно минато.
Е, такви институции има во оваа држава, кои некој и натаму сака да ги полни по етнички клуч. Прашање е како Европа ќе преговара со Македонија кога од владеењето на правото, борбата со корупцијата, професионална и ефикасна администрација нема ниту привид. Дали во името на поширокото сценарио (за македонско обезличување) Брисел ќе замижува на овие работи и ќе глуми преговори? И што е веројатно уште пострашно и поболно, дали треба и ние да замижуваме на сите вакви обиди за наше и идентитетско и од секој друг вид обезличување?
Повеќе од јасно е дека е потребен општествен ресет, но уште појасно е дека нема волја да се направи таков ресет. А нема, бидејќи во тој случај оние што ќе загубат ќе бидат токму партиските врхушки. Тие немаат што да им понудат на сопствените гласачи, освен ветувања за вработување во државната администрација на партиските послушници и затоа си калкулираат некакви етнички проценти, а делењето на тендерите и провизиите како по обичај е резервирано за оние во повисоките ешалони.
Народот од ден на ден живее сè полошо, а некој му кажува уште да штеди. Што да штеди, му остана уште душата да им ја даде. Па тој штеди 30 години, додека некој на негова сметка се луксузира и во континуитет го краде.
Затоа, крајно време е да се заборави на балансерите, етничките процентуални математики и комбинаторики и да се ослободат институциите од паразитите што ги нагризуваат однатре со години. Време е за мудри луѓе, мудри одлуки и способни раководители, кои од институциите ќе направат двигатели на државата и на општеството. Ако продолжиме како досега, тогаш сè ќе отиде во неповрат. А веќе тргнало во таа насока.