Во изминатите две години, 2020 и 2021, во време кога во светот, а секако и во нашата земја имавме пандемија или ковид со голем број заболени и починати лица, во многу области имавме негативни трендови во развојот. Меѓу другите дејности спаѓа, секако, и сферата на туризмот, кој бележеше негативни трендови во однос на изминатите години. Во таа насока на неколкупати коментирав, пишував и давав мислења и видувања на негативните трендови.
Меѓутоа, сега, како за месец јуни така и за шесте изминати месеци од 2022 година, сакам да ја коментирам, по направените анализи, позитивната состојба во земјава. Од ваквите позитивни трендови, секако, е јасно дека имаат приход и самите субјекти, односно позитивно финансиско работење.
За подобро, но и јасно да се забележи и согледа тоа ќе направам обид преку неколку податоци го презентирам тоа со направените анализи. Анализата се однесува на состојбите со бројот на посетители, односно туристи на нашата земја, како и бројот на ноќевања. Истовремено е карактеристично кои видови туристички места се посетени, од која земја се тие, односно колку се домашни, а колку странски гости.
Ако заклучно со месец јуни 2022 година имаме солидни резултати во однос на претходната година и ако се има предвид дека е летна сезона со зголемен број туристи во месеците јули и август, тогаш очекувањата треба да бидат уште подобри.
Поконкретно за сето напред искажано добро е да ги знаеме и бројките, а тие покажуваат дека во јуни 2021 година сме имале 47.167 туристи, а во јуни 2022 година 83.532 или тоа е 77,1 отсто пораст. Кај домашните туристи порастот е 21,3 отсто. а кај странските за 126,6 отсто. Во однос на ноќевањата, секако, е добро да се напомене дека и тука резултатите се позитивни со зголемениот број ноќевања за 60 отсто, кај домашните туристи за 19,1 отсто, а кај странските за 106,8 отсто.
Доколку, пак, сакаме да знаеме каква е состојбата за шесте месеци од 2022 година, тие се охрабрувачки и покажуваат позитивни трендови со пораст од 75,0 отсто од вкупните посетители, а 66,3 отсто кај ноќевањата. Но, секако, многу подобри и попозитивни резултати во очекувањата и состојбите има во месеците јули и август.
Ако, пак, сакаме да знаеме каде има поголема посета по туристички места, најголема посетеност има во езерските места, потоа во градот Скопје, планинските места, бањските и другите. Разбирливо е дека во овој временски период посетите се во езерските туристички места. Сето тоа придонесува за тоа каде и каков туризам треба да развива земјава и какви мерки и активности треба да се преземат за негово подобрување.
Бидејќи бројот на странските гости и ноќевања е поголем од домашните, добро е да се кажат и изнесат состојбите кои туристи од која земја се најприсутни. Најголемиот број, или 8.420, туристи во месец јуни биле од соседна Србија, потоа од Турција 7.644, од Германија 3.470, од Полска 3.015, од САД 2.522, од Грција 2.411, од Бугарија 2.211, од Романија 2.181, од Холандија 2.083, потоа од Словенија, Хрватска, Косово итн. Речиси сите земји според бројот на гости имаат дупло повеќе ноќевања или вкупно 11.5351 остварени ноќевања.
На крајот добро е што земјава има позитивен развој во оваа година, кој ќе придонесе за богато искуство кон натамошниот развој во оваа област, која има силно влијание и врз придонесот во другите гранки од стопанството на нашава земја.
Авторот е поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар