ШАХ – СП ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА
Македонија ремизира со Шпанија
Македонската репрезентација ремизира 2-2 со силната селекција на Шпанија во седмото, последно коло од групната фаза на 9. Светско првенство (СП) во шах за слепи и за слабовидни лица во Охрид, и со седум бода го освои седмото место во групата. На мечот со Шпанија сите четири партии завршија со реми, Жарко Селковски (рејтинг 1.967) со ИМ Едуардо Пулвет (2.523), Миле Чапанов (1.951) со Гаврил Драгичи (2.100), Зоран Костадиновски (1.913) со Аугистин Фернандез (2.022) и Санде Атанасов (1.853) со Давид Фернандез (1.950). Полуфинални двојки се Полска – Шпанија и Србија – Украина, а дуелите за пласман се Унгарија – Израел, Индија – Романија, Франција – Италија, Германија – Бугарија, Словенија – Хрватска и Македонија – Косово. Г.И.
ШАХ – ТУРНИР НА КАНДИДАТИТЕ
Рекорд на Непомнијашчи, Лирен е втор и можеби и тој ќе игра за светската титула
Русинот Јан Непомнијашчи победи на Турнирот на кандидатите во Мадрид со 9,5 поени од 14 можни, без пораз, што е најдобар резултат од воведувањето на овој формат (двапати секој со секого), во 2013 година. Непомнијашчи, кој играше со силина на шахист од 2.902 рејтинг-поени, вторпат се стекна со право да го предизвика светскиот првак Магнус Карлсен, сега за мечот в година. Второто место го освои Кинезот Динг Лирен. Ако Карлсен одбие да ја брани титулата, како што имаше претходно најави од него, тогаш за светската круна ќе играат првите двајца од Турнирот на кандидатите, Непомнијашчи и Лирен. Резултати, 14. коло: Дуда – Непомнијашчи реми, Лирен – Накамура 1-0, Рапорт – Раџабов 0-1, Каруана – Фирузја 0-1. Табела: Непомнијашчи 9,5, Динг 8, Раџабов 7,5, Накамура 7,5, Каруана 6,5, Фирузја 6, Дуда 5,5, Рапорт 5,5. Г.И.
СП ВО СКОКОВИ ВО ВОДА
Кина ги освои сите 13 златни медали
Кина ги освои сите 13 златни медали во скокови во вода на 19. Светско првенство (СП) што се одржа во Будимпешта (Унгарија). Ова е второ СП по ред (по Гванжу 2019-та) на кое Кина ги освојува сите златни медали. Кинезите освоија по пет златни медали во машка и во женска конкуренција (поединечно и во двојки) и три златни во мешана конкуренција, во скокови од штица почнувајќи од еден метар, па до скоковите од платформа од 10 метри. На СП 2019, Кина ги освои 12-те злата во сите дисциплини во кои имаше претставници (немаше мешан тим во синхронизирани скокови). На СП 2011 во Шангај, Кина ги освои сите 10 златни медали, а на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2008, 2016 и лани освои по седум злата во осумте дисциплини. Л.Д.