Никој нема право да се откаже од македонскиот јазик во име на европската иднина, тоа е аманет од нашите предци и завет за идните генерации. За да станеме дел од ЕУ, треба да го направиме тоа достоинствено, а не понижени. Таков еден погубен чекор значи самоуништување на македонската нација, македонската автентична историја и посебноста на македонскиот јазик.
Прифаќањето на предлогот на француското претседателство со ЕУ значи класичен чин на велепредавство на македонскиот народ и Македонија. Во предлогот се посочува на катастрофалниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија т.е. годишните прегледи и мерките за негово ефективно спроведување според неговиот член 12. А токму во тој член стои т.н. Заедничка меѓувладина комисија за решавање на надворешната политика и прашања од државен и нациoнален интерес во името на Македонија, со цел докажување и менување историски и образовни прашања. Дрскост е да се земе такво право за наводно докажување, т.е. менување на историските настани во историските читанки и литература. Погубна и понижувачка цел и намера во однос на македонскиот јазик т.е. кодификацијата на македонскиот јазик е вештачка творба, исто како што и македонскиот народ.
Понатаму стои дека Советот ја поздравува намерата на Македонија да започне и приоритетно да ги постигне уставните измени, со цел во Уставот да се вклучат и граѓаните што живеат во границите на државата и кои се дел од другите, како Бугарите. Македонија ќе ја спроведе својата заложба да ги заврши гореспоменатите уставни измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури. Дури потоа следна меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори ќе се одржи веднаш штом Македонија ја заврши процедурата за промена на Уставот заради внесување на Бугарите во неговата Преамбула.
Кога станува збор за македонскиот јазик, треба да се посочи правилно што и како е напишано.
Ако ја прочитаме Точка 3, таму е напишано: Во врска со преводите на правниот кодекс на Европската Унија (acquis), ЕУ ги нотира едностраните изјави на Бугарија и Македонија поврзани со македонскиот јазик.
Зарем не е јасно дека ЕУ веќе ја запишала во записник позицијата на Бугарија со која не го признава македонскиот јазик, т.е. според нивната теза дека е дијалект на бугарскиот јазик. Но ЕУ исто така, некаде, ја запишала и позицијата на Македонија за јазикот.
Никако и на никој начин наведеното во Точка 3 не значи признавање на македонскиот јазик.
Во Точка 22 пишува: Македонија ќе треба да го преведе Европскиот правен кодекс (acquis) на македонски во догледно време пред нејзиниот прием и ќе треба да обучи доволен број на преведувачи и толкувачи за да се осигура правилното работење на ЕУ-институциите при прием.
Или уште како што стои дека употребата на македонскиот јазик за документите ќе биде означена со еднострана декларација и на Македонија и на Бугарија, а овие декларации ќе бидат приложени кон записникот од првата меѓувладина конференција. Во однос на преводите на концептот на европското законодавство (acquis) на македонски јазик, ЕУ ја забележува соодветната намера на Бугарија и на Македонија да дадат еднострана декларација за македонски јазик.
Според предлогот, во однос на преведувањето на актите на ЕУ на македонски јазик, Унијата ги зема предвид унитералните изјави на Бугарија и на Македонија за македонскиот јазик. Бугарија, пак, сака да ја објасни својата позиција со декларација.
И овој дел не значи потврда за македонскиот јазик, туку јасно ни укажува на практичната потреба од преведување на текстот од Европската регулатива на јазикот на земјата кандидат.
Во Точката 35 од поглавјето Преговарачки процедури, поместен е уште еден дел што одговара на барањата на Бугарија. Тука е опишан Патоказот во однос на владеењето на правото, кој Владата на Македонија треба да го усвои врз база на скринингот што ќе го изврши Европската комисија. Она дополнително што се бара е Македонија низ инклузивен процес да усвои Акциски план насочен кон заштита на правата на лицата што припаѓаат кон малцинства или заедници, вклучувајќи и во делот на недискриминацијата, борбата против говорот на омраза, образованието, обезбедувањето ефективни мерки, механизми за пријавување и идентификување одговорни институции за тоа.
За да нема недоразбирања околу Протоколот, кој сè уште не е достапен за јавноста, а останува дел од преговарачката рамка, Владата треба веднаш да го објави!
Мојот став е јасен: НЕ!
НЕ – на обидот за асимилација и бугаризација на Македонците!
НЕ – за македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот јазик!
Историските прашања и Договорот со Бугарија никако не смеат да бидат дел од преговарачката рамка.
Наша обврска е да се заштитат македонските национални интереси!
За геноцид врз цела нација – гласно НЕ!
За чист етноцид – силно НЕ!
Ултиматум – НЕ, благодарам!
Оваа Влада мора да падне, само избори се решение!
Секој од нас да се придружи во заедничката борба, борба за опстојување на македонскиот народ и Македонија!
Проф. м-р Перчо Божиновски
(Авторот е член на ВМРО-ДПМНЕ)