Деновиве во нашето поштенско сандаче пристигна необична пратка, која нѐ убеди дека соработката со „Колибри“ за сите е нешто посебно, спомен што се чува цел живот.
Поетесата Гордана Каракашевска ни испрати зачувани примероци од додатокот за деца „Колибри“ во кои се објавени нејзини песни.
– Првата песна „Сеќавање“ ми беше објавена во „Колибри“, на 5 март 1991 г., кога имав 14 години. Никогаш нема да го заборавам тоа чувство кога во раце го зедов весникот и ја видов отпечатена песната со убава илустрација. Потоа песната „Мир и љубов“ ми беше објавена на 30 јули истата година, а следната, 1992 година, значи пред цели три децении, се појави и „Желба“ на страниците на единствениот додаток за деца. Подоцна ми објавуваа песни и во додатокот за уметност и култура ЛИК. На некој начин, мојата поврзаност со омилениот весник продолжи до денес, каде што по објавата на мојата нова стихозбирка „Куќа од хартија“, пред два месеца, беше објавено и мое интервју, кое го направи новинарката Биљана Стојановска – ни рече Гордана Каракашевска.
Под псевдонимот Ана Каракаш таа ги објавила и збирката раскази со наслов „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата за некои други ситни зрнца “ (2021 г.), стихозбирката „Скршен поет и други поеми“ (2021) и романот „Разголување во годината на козата“ (2021).
Се надеваме дека Гордана Каракашевска наскоро ќе објави и книга за деца.

М.Т.


Мир и љубов

Солзите на мојата земја
не можам да ги заборавам,
маките на мојот народ
се во мозаикот на вечноста.
Крвта на моите дедовци
живее во песните
на младоста.
Вербата во подобра иднина
Желбата за подобра
иднина.
Мир и љубов –
тоа е мојата татковина.


Желба

Надживеј се,
надживеј ги соништата,
не дозволувај времето
да те згази,
не дозволувај времето
да те заспие.
Не дозволувај младоста да ти ја извалка.
Надживеј ги недостојните,
надживеј го векот,
победи го злото,
уништи го стравот,
надживеј ги песните,
остани засекогаш млад…
Дури тогаш смири
се душо…


Сеќавања

Задушлив ден,
потта се лепи за телото,
правот се лепи за потта.
Во паркот зелен и чист
девојче си игра со зелено мече.
Но тоа дете не изгледа среќно.
Црното косиче со зелено панделче
му го крие лицето.
Што ли го мачи малото главче?
Ден без воздух,
сонцето гори.
Во паркот зелен и чист
расте едно девојче
во игра занесено.
Невидливо бротче
ме враќа
во пределите на детството.

Гордана Каракашевска