Деновиве се одржа првата читачка проба на претставата „Сите сме птици“, по текстот на либанско-канадскиот автор Важди Муавад, а во режија на нашиот ценет Слободан Унковски.
– Најновиот проект и соработка со Унковски сите ги очекувавме веќе подолг период, кој по девет години од последната негова претстава, повторно режира во МНТ. Ја поставува оваа моќна современа драма, која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, притоа го истражува и идентитетот за тоа кои сме или мислиме дека сме – велат од МНТ.
Во драмата на уникатниот и современ автор Муавад, додека во светот се случуваат израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сѐ што знае за својот идентитет. Терористички напад во Ерусалим го става во кома младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан, додека неговата мароканска девојка Вахида е оставена да ја открие неговата семејна тајна…
Во претставата ќе игра веќе докажана актерска екипа: Емил Рубен, Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Николина Кујача, Дамјан Цветановски, Тина Трпкоска, Петре Арсовски, Сара Климоска и други.
Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска. Унковски во изминатите децении на сцената на Македонскиот народен театар ги постави претставите што уште долго ќе се паметат: „Јунона и паунот“ (1971), „Среќна нова ‘49“ (1985), „Ништо без Трифолио“ (1986), „Гнев божји“ (1990), „Црнила 005“ (2005) и „Изгубени Германци“ (2013). Премиерата на претставата „Сите сме птици“ се очекува со почетокот на новата театарска сезона.