Во најгрнчарското село во земјава, Вранештица, започна осмата сесија на традиционалната Младинска керамичка работилница на која годинава учествуваат ученици од локалните средни училишта ОСУ „Мирко Милески“ и ОСУ „Дрита“. Четиринаесет ученици ќе творат во работилницата на мајстор Слободан Столески, а делата изработени на оваа работилница ќе бидат претставени на изложбата што во септември и октомври ќе биде отворена во Кичево, а потоа и во други градови од земјава.
– За првпат годинава на младинската керамичка работилница во село Вранештица, нема да учествуваат ученици од државното средно училиште за уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ од Скопје. На работилницата ќе земат учество 14 ученици од кичевските средни училишта. Учениците од овие училишта ќе се едуцираат од областа на грнчарството во работилницата на мајстор Слободан Столески, а нивни ментори се професорите Мирослав Крстески и Валдета Ибиши. Во овие три дена се очекува учесниците на работилницата да создадат над 30 дела кои ќе бидат претставени на изложбата што ќе се организира во текот на есента – истакна директорот на Центарот за култура, Мазлам Османи.
Тој наведе дека оваа годна ќе се изготвува и документарен филм од страна на професорот по ликовна уметност Јован Наумоски, кој е задолжен за собирање на видео материјал, а кој пред неколку години за филм со слична тематика ја освои третата награда на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ .
Инаку Наумоски четири години беше дел од оваа керамичкма работилница. З.А.