Како сериозен нерешен меѓусебен спор на Балканот, кој ги попречува намерите и стратегијата на Западот за брза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, се наметна ветото што „неочекувано“ ѝ го наметна Бугарија на Македонија, кога западните сили „поверуваа“ дека со Преспанскиот договор со Грција се задоволени балканските држави (!?) во однос на македонското прашање и можат без други ирационални проблеми од национално-идентитетски вид да ја спроведуваат големата геостратегија. Но Преспанскиот договор ѝ ги отвори апетитите на Бугарија и ја охрабри отворено и гласно пред ЕУ да ги артикулира своите вековни аспирации спрема Македонија и македонството
И објективно, и субјективно, Балканот (сѐ почесто нарекуван Западен), а и Македонија како дел од него, ја преживува судбината на старата стратегиска дефиниција – крстопат на цивилизациите. Додека од културолошки аспект се настојува ваквата дефиниција на регионот да му биде додадена културна вредност, кога станува збор за геостратегијата, т.е. интересите на големите светски сили, „комплиментите“ од видот „крстопат на цивилизациите“ упатуваат на подигнување на безбедностите и самоодбранбени политички инстинкти и механизми за државите на оваа територија. На тоа предупредува и искуствената меморија, а уште повеќе развојната динамика во односите на големите сили поврзана со заземањето позиции за руско украинскиот конфликт. Меѓу редовите на големите геостратегиски интереси се крие ризичен потенцијал да бидат жртвувани националните интереси на малите сојузници, како Македонија.
Иако во мигов фокусот (или фронтот) на конфронтацијата меѓу Западот (САД, ЕУ и НАТО) и Русија е позициониран во Украина, сите засегнати страни даваат сигнали дека немаат намера Балканот да го остават надвор од контролата на своето влијание и интереси. Епизодата со неуспешната посета на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров на Србија, во која беа инволвирани Македонија, Бугарија и Црна Гора, кои не дозволија прелет преку своето небо на авионот на Лавров, во одредени аналитички кругови се препознава токму како манифестација на идните намери на руската политика „кога глобалните промени неминовно ќе доведат до нов однос на силите, како во Европа така и на светската сцена во целост “.
Од друга страна, кога конфронтацијата меѓу Западот и Москва го достигнува својот максимум, забележителни се напорите на САД да ја поттикнат Европската Унија брзо да го реши прашањето за Западен Балкан, односно државите што го чекаат својот ред за влез во ЕУ – Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Македонија, Црна Гора и Косово. Иако од перспективата на земјите-кандидати, па и на САД, се чини дека ЕУ бара изговори да го одложи на „неодредено“ ветувањето за прием на Западен Балкан, сега ситуацијата е променета. Сѐ погласно се слушаат гласови дека во заднината на судирот со Русија е потребно да се забрза процесот на интеграција на Балканот, за да се спречи Москва да ја замати водата во овој регион. Односно, Западен Балкан сѐ повеќе се перципира како една од зоните за конфронтација. И покрај таквите гласови за брза интеграција на Западен Балкан во ЕУ, руската политика во своите анализи сепак се потпира на општата економска ситуација во Унијата, според кои, наредните години дефинитивно нема да бидат погодни за интеграција на нови членки – за што се потребни пристојни субвенции. Уште поголем адут на руските проекции за влијание на Западен Балкан е расположението во самата ЕУ, чие население „не сакало да се обедини со овој дел од Балканот, кој сѐ уште не ги решил меѓусебните спорови“.
Како сериозен нерешен меѓусебен спор на Балканот, кој ги попречува намерите и стратегијата на Западот за брза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, се наметна ветото што „неочекувано“ ѝ го наметна Бугарија на Македонија, кога западните сили „поверуваа“ дека со Преспанскиот договор со Грција се задоволени балканските држави (!?) во однос на македонското прашање и можат без други ирационални проблеми од национално-идентитетски вид да ја спроведуваат големата геостратегија. Но Преспанскиот договор ѝ ги отвори апетитите на Бугарија и ја охрабри отворено и гласно пред ЕУ да ги артикулира своите вековни аспирации спрема Македонија и македонството. Земјите-членки на ЕУ, наводно, не ги разбираат барањата на Бугарија за отстранување на ветото, но и секогаш ѝ даваат шанса да ги рационализира своите уцени за тие да поминат како европска вредност, што може да биде вградена во преговарачката рамка за Македонија.
Сега, францускиот претседател Макрон (како сѐ уште актуелен претседавач со Советот на ЕУ) се нуди да биде гарант за спроведување на некаков билатерален договор меѓу Македонија и Бугарија, само што се чини дека и понатаму не му е јасно – што точно бара Бугарија. Во текот на изминатите три години, Бугарија во неколку наврати ја надградуваше својата т.н. рамковна позиција потврдена со декларација на бугарското собрание, а објаснувана со меморандуми до земјите-членки на ЕУ. Соочени со неразбирање на тие позиции со кои се бара национално-историско асимилирање на Македонија и Македонците, бугарските политичари се обидуваат да ја сменат тактиката со нешто што ЕУ би можела полесно да го разбере – почитувањето на човековите права, во случајот – правата на Бугарите во РСМ и нивно внесување во македонскиот устав. За таа цел, под плаштот на „почитување малцински права“ (кои никако не смеат да се спомнат во однос на македонското малцинство во Бугарија), бугарските политичари презедоа конкретни дејства со провокативен карактер – како отворање т.н. бугарски културен центар во Битола (Македонија) именуван според осведочен фашистички соработник, Ванчо Михајлов. Деновиве, македонско-бугарските односи се соочени со уште еден испровоциран предизвик (покрај сите други недоброени во изминативе три години) по опожарувањето на спорниот „културен центар“.
Во така наелектризиран билатерален амбиент се прават некакви меѓународни обиди, францускиот претседател во разговори со бугарскиот претседател и македонскиот премиер, да се издестилираат проблемите и да се договори, односно да се гарантира решение, за Софија да го деблокира интеграцискиот пат на Скопје на средбата на врвот на ЕУ на 23 и 24 јуни.
Откако го активираа ветото за Македонија во ЕУ, бугарските политичари постојано се жалат дека се под притисок на сојузниците, но тие немаат намера да попуштат и да се откажат од своите барања, ни по цена на безбедноста и загрозеноста на регионот, ниту да дадат примат на големите геостратегии пред нивните национални интереси, колку и да се ирационални. Бугарското вето за Македонија, во услови на прокси-конфронтација на големите сили во Украина, можеби изгледа како „ситна граматичка грешка“ во големите геостратегиски интереси, но за македонското национално опстојување претставува витално загрозувачки предизвик. Македонија мора да се избори да не го доживее проклетството на „крстопатот на цивилизациите“ и да стане плен на нечии асимилаторски аспирации, во име на големата геостратегија.