Оваа порака е и до Организацијата на Обединетите нации (ООН), до светската јавност, до Европа и до нашите соседи, но и до сите нас во Македонија: македонскиот јазик е реткост, а сѐ што е ретко треба да има поголема вредност, поголема почит, поголем ангажман кон зачувување. Јазикот, всушност, е рефлексија на тоа колку се почитуваме себеси, својот идентитет, култура, историја… Важно и есенцијално е децата од мали да ги научиме за нашата историја, за битноста на македонскиот јазик – најголемото културно наследство
На една промоција за книги, додека повозрасните автори се расфрлаа со богат, сочен, импресивен речник, дојде ред на еден млад автор Македонец (потенцирам Македонец, затоа што оставаше впечаток дека е странец). Му недостигаа зборови на македонски да се изрази. Користеше англиски. Се чувствуваше како пребарува во својата глава соодветни македонски зборови, додека „на врв на јазик“ му стојат англиските термини, но не успева да ги пронајде. Веројатно имаше бркотница на зборови во главата и „срчот“ бил пребавен за да го извади од непријатната ситуација. Секако и тремата, веројатно, си го направи своето. Супер заврши излагањето, го дополнија колегите со своите раздиплени мисли и пријатната атмосфера си продолжи…
Но ваквата појава не е инцидентна, ниту пак е за осудување… Кога еден јазик не се применува често, како што би рекол младиот автор од погоре, не се „апгрејдира“, не се стимулира, нормално е да се заборава. И секогаш на памет ќе ти паѓа прво зборот што најчесто го користиш.
Но загрижува фактот што децата, основците, па и средношколците во приватната комуникација сѐ почесто го користат англискиот јазик. Не зборувам за англицизми, како „срчна“, „адна“, „френд“, „шерна“, „пост“…, кои на големо се одомаќинија. Туку зборувам за цела комуникација на течен и супер зборлив англиски. Зборуваат при игра во парк. Во замислени улоги на суперхерои си дофрлаат фрази од филмови, продолжуваат во комуникација да си зборуваат на англиски и супер се разбираат. Во нивната бајка нема простор за македонски јазик и за никаков македонски сленг. За нијанса поголемите деца си договараат средби на англиски јазик, на телефон зборуваат англиски, за писмена комуникација воопшто да не коментирам, водат дискусии на разни теми, со силна интонација и аргументација на англиски, со супер изговарање, со убедливо подобар речник од македонскиот. На час по македонски јазик, меѓусебно си шепкаат на англиски. Наставниците забележуваат дека помалку учат и знаат македонски отколку англиски јазик.
Има позитивни аспекти на овој феномен… Воопшто не е лошо што децата одлично го владеат англискиот јазик. Сѐ им е подостапно на англиски, секаква литература, брз напредок во секоја сфера, комуникација со светот… Нема грам негативности во владеењето на англискиот јазик.
Но има разочарување и себепоништување во непознавањето на македонскиот јазик. Малиот и незначителен интерес кон мајчиниот јазик, запоставеноста, летаргичноста што полека се претвора во тотална незаинтересираност имаат деструктивно влијание врз мајчиниот јазик. А ние како возрасни се однесуваме како тоа да е во ред.
Во некој изместен параметар во главите на децата им врти дека е небитен македонскиот јазик, „што ќе им е“, зошто е важно да знаат граматика или семантика, за што ќе им се најде во животот. Зошто да читаат македонски, за што ќе им служи богат речник на македонски? А, пак, за правопис? Тотално непотребен. Кој пишува сега? Уште малку и тетратки и моливи ќе се укинат…
Тотално изместени им се параметрите кога станува збор за мајчиниот јазик.
Виновник не бараме, вината не му ја префрламе никому. Едноставно децата го впиваат светот, вшмукуваат сѐ што им е атрактивно, го живеат моментот, сведочат за актуелната наша состојба во која сите сме закотвени, но наедно се креатори и на иднината.
Па оттука обврска ни е (нам како новинари, родители, педагози, автори, продуценти, државни службеници…) да ги стимулираме да го засакаат мајчиниот јазик, да им го доближиме, да им го разгатнеме, да ги едуцираме… А материјал има во изобилство.
Нашата детска литература доживува револуција. Голем број бајки, сликовници, книжулиња богати со прекрасни приказни се објавуваат, креативноста на авторите е во долга непрекинлива пролет, самоиницијативно творат и солидно ја збогатија книжевната ризница…
И многу наставници, професори, библиотекари, македонољупци на најразни начини се обидуваат да го размрдаат македонскиот јазик кај децата, да го поттикнат творештвото кај нив, да го разбудат читателот во нив, тивкиот талент што срамежливо е потиснат.
И Министерството за култура го препозна недостигот од „одличен македонски“. Па иницира конкурс „Цртај на македонски јазик“ наменет за млади автори и уметници од независната културна сцена. Со цел да ги поттикне новите генерации да говорат, да пишуваат, па и да цртаат на македонски јазик, со цел да се осовремени и раздвижи културната понуда.
– Младите имаат можност со своите креативни идеи да придонесат кон зачувување на нашето најголемо богатство, мајчиниот јазик. Ние сме должни да го зачуваме македонскиот јазик и да ги поттикнеме новите генерации, и покрај влијанието на различните странски јазици, да говорат, да пишуваат, па и да цртаат на македонски – порача министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Веќе употребуваната фраза пак ќе ја реупотребам и ќе потенцирам дека зачувувањето на јазикот е од огромно значење затоа што нѐ обединува како народ, културно нѐ зближува, со него им ги предаваме на нашите поколенија вредностите, оставината на сѐ што е македонско. Негувањето на македонскиот јазик значи постоење на македонскиот народ.
Македонскиот јазик е реткост, а сѐ што е ретко треба да има поголема вредност, поголема почит, поголем ангажман кон зачувување. Јазикот, всушност, е рефлексија на тоа колку се почитуваме себеси, својот идентитет, култура, историја…
Важно и есенцијално е децата од мали да ги научиме за нашата историја, за битноста на македонскиот јазик – најголемото културно наследство. Да ја развиваме свесноста кај децата за негово зачувување. Да го сместиме македонскиот јазик во светот на децата како модерна бајка.