Зошто беше испоганет Денот на слободата на медиумите за нечии ситни политички поени? Во вторникот, на 3 мај, се случи еден срамен настан. Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија го прославија Меѓународниот ден на слободата на медиумите со настан под покровителство на претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, кој е олицетворение на самата државна моќ и под чии ингеренции се армијата и надворешното разузнавање, две тупаници на државната моќ. Да биде апсурдот уште поголем настанот се викаше „Безбедни новинари и медиумски работници за квалитетно новинарство во Македонија“.
Во земјата што направила невиден скок во извештајот за медиумски слободи на „Репортери без граници“ чекав неколку дена за да видам дали некој ќе излезе со реакции за оваа срамота и вистинска травестија од настан.
Новинарите го бранат јавниот интерес и тие мора да имаат реска црта на разграничување со политиката и со моќта. Меѓународниот ден на слободата на медиумите може да се прославува со протест пред кабинетот на претседателот или со врачување петиција до претседателот каде што ќе бидат искажани забелешките на бранителите на слободниот збор. Но Меѓународниот ден на слободата на медиумите не може никако да биде славен под покровителство на претседателот и во неговиот кабинет. Такво нешто се случува само во тоталитарни држави за да се даде привид на слобода и да се стави демократска фасада врз авторитарната тупаница.
Ова го налага елементарната пристојност, но ајде да речеме дека ова е една апстрактна причина зошто Меѓународниот ден на слободата на медиумите не смеел ни под разно да се слави во вилата „Водно“.
Постои уште една, далеку поголема причина, зошто ваков настан не смееше да се случи под покровителство на Стево Пендаровски. Пред само неколку седмици јавноста ја потресе веста дека, по иницијатива на Агенцијата за разузнавање, Јавното обвинителство отворило истрага против Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, новинари во ТВ Алфа и водители на една од најгледаните политички емисии во Македонија, „Заспиј ако можеш“. Ни помалку ни повеќе, туку тие во 2021 година беа обвинети за оддавање државна тајна и загрозување на националната безбедност, кривично дело што повлекува казна затвор од 20 години. Во мојот живот, јас по вторпат ја искусив моќта на најдлабоката држава да тргне против еден медиум, со обвинение дека станува збор за оддавање државна тајна и загрозување на националната безбедност.
Првиот пат тоа се случи со словенечка „Младина“, неколку нејзини новинари и соработници, од кои најпознат беше актуелниот словенечки премиер Јанез Јанша. Тогаш моќната ЈНА и уште помоќната воена контраразузнавачка служба одлучи да им отчита лекција на словенечките младинци и да им испрати порака дека отишле предалеку во критиката на југословенската војска, па ги стави во притвор и ги обвини за оддавање државни тајни. Нормално, демократската јавност и во Словенија и во цела Југославија застана зад новинарите, зад медиумот „Младина“ и овој обид за покажување сила од најдлабоката југословенска држава им се искрши од главите и на ЈНА и на сите југословенски органи. Низ пукнатините на нивниот авторитет истече подоцна и целата југословенска држава. Така поминува силата кога ќе тргне против вистината.
Токму истото ни се случи и во Македонија. Вината на Горан Момировски и на Драган Милосављевиќ е само тоа што се добри новинари, што имаат одлични извори и гледана телевизија, трн во окото на целата дружина околу Зоран Заев. „Дај му на човека власт, па ќе му го видиш карактерот“ вели добро познатата поговорка, па од 2017 година многу добро се уверивме кој е карактерот на Зоран Заев и на неговите најистурени играчи, меѓу кои спаѓа и Стево Пендаровски. Во налет на семоќ, на целосна поддршка од меѓународната заедница и на скршена опозиција во државата бевме сведоци на една крвава оргија против новинарите, кои со години ги откриваа и ги разобликуваа намерите и карактерот на Зоран Заев и на неговите содружници. Новинари беа судени и прогонувани, а сопственици на медиуми беа уценувани затоа што се дрзнале на критикуваат еден политичар.
Но како што вели нашиот народ, „ниту една несреќа не трае вечно“, па испари и семоќта на Зоран Заев. Да не биде покус и Стево Пендаровски се впиша на ѕидот на срамот, и тоа при последните грчеви на разбеснетата одмазда против неистомислениците. Според зборовите на претседателот, тој бил запознаен со обвиненијата против новинарите и бил уверен од тајните служби во вистинитоста на нивните наводи, па дал „зелено светло“ да продолжат со прогонот врз Горан Момировски и Драган Милосављевиќ. Притоа, тој кажа дека дури и тие да бидат осудени, тој ќе ги помилувал. Не знам од каде да започнам да ја вивисекцирам оваа досега невидена и нечуена изјава од еден македонски шеф на државата. Прво, кога номинално највисокиот претставник на македонската држава вели дека „бил убеден во вистинитоста“ на обвинението тоа по сите можни дефиниции и разбирања на моќта е директен притисок врз судството и врз обвинителството да се пресуди на штета на обвинетите и со потврда дека се случиле оддавање државна тајна и загрозување на националната безбедност. Потоа, леснотијата со која Пендаровски ги обвини, ги испогани низ калта, па им пресуди, за на крајот да ги помилува е чудовишно.
Замислете ги семејствата и пријателите на Горан Момировски и на Драган Милосављевиќ кога слушаат како шефот на државата, врховниот командант на вооружените сили и шефот на надворешното разузнавање испраќа порака дека е господар со судбината и со слободата на двајцата новинари? Замислете ги, пак, сите други новинари, политички коментатори и интелектуалци кога слушаат како критички настроени општественици се валкаат, обвинуваат, осудуваат, па помилуваат лично од претседателот на државата?
На крајот, сепак, не беше поднесено обвинение против Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, единствено поради реакцијата на јавноста и на неколку храбри општественици, кои се ставија во нивна заштита и укажаа дека се случува грозоморен обид за замолчување на критичката јавност и на новинарството. Во меѓувреме, приврзаниците на Заев шират приказна дека власта не продолжила со прогонот поради пријателски укажувања на некои западни амбасади, но веќе никој не верува во такви гротески.
Во истата телевизиска емисија каде што претседателот Стево Пендаровски ги обвини, ги осуди и ги помилува новинарите, додека ги поганеше низ калта, тој рече и дека доколку не биде прифатено обвинението ќе побара одговорност од директорот на Агенцијата за разузнавање. Но и цели шест месеци потоа директорот топ не го бие од функцијата, а Пендаровски не собра доблест да им се извини на Горан Момировски и на Драган Милосављевиќ.
„Слободата е секогаш и само слободата на оној што мисли поинаку“ е познатата реченица на Роза Луксембург. Горан Момировски беше секогаш во првите редови кога требаше да се бранат слободата на изразување и правото на новинарот слободно да твори без закана од државната моќ или од најдлабоката држава, и во случајот со А1 и во случајот со Кежаровски и во дури и најситни случаи против медиумите. Тој нема никогаш да признае, но токму неговото ЗНМ длабоко го разочара кога не застана зад него кога лично претседателот на државата тргна против него и неговото право слободно да говори. Пардон, тие реагираа дури откако веќе беше јасно дека нема да има обвинение против него. Но не, тоа не им пречеше само неколку седмици по овој инцидент да организираат настан за одбележување на слободата на изразувањето чиј домаќин беше Стево Пендаровски. Токму затоа овој настан без невидено искривоколчување на поводот за собирањето затоа што таму немаше ниту една личност што мисли поинаку, па сето помина хармонично. Зошто Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите да го замараат шефот на државата со такви ситници и дреболии како прогон на поинакумислечки новинари, оркестриран и организиран од неговиот кабинет?
Во држава каде што Меѓународниот ден на слободата на медиумите се слави во кабинетот на шефот на државата и под покровителство на врховниот командант на вооружените сили нема слобода на изразувањето. Би сакал да бидам разуверен во спротивното, а тоа воопшто не е тешко. Нека покаже Стево Пендаровски макар и симболичен чин на извинување за ова недело кон Горан Момировски и кон Драган Милосављевиќ со тоа што ќе се одважи да им гостува во емисијата. За почеток, ќе покаже дека не е само обичен член на Заевата арамиска дружина и дека ги почитува оние што мислат поинаку. А потоа ќе зборуваме и каде и како се одбележуваат слободата на изразувањето и Меѓународниот ден на слободата на новинарството.
Автор: Ивица Боцевски