Има четиринаесет пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на Македонците во Бугарија и досега ниту една од нив не е спроведена од Бугарија. Ова е силно поткопување на кредибилитетот на судот и затоа Советот на Европа мора да дејствува. Во услови на војна во Украина, кога не се почитуваат човековите права, во Европа не се потребни лоши примери, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој во Стразбур учествува на редовната сесија на Парламентарсното собрание на Советот на Европа.
– Во Европскиот суд, десетици илјади граѓани од цела Европа бараат правда која не можат да ја најдат во домашните судови кога нивните основни човекови права, правото на слобода на говор, правото на здружување, правото на национална самоидентификација и правото на употреба на нивниот мајчин јазик е повредено. Македонците од Бугарија со децении се борат за овие права. Тие отсекогаш живееле таму и сакаат да ги остварат своите национални, јазични и културни права, но за жал Бугарија одбива да го стори тоа. Одбива да ги регистрира своите здруженија преку кои сакаат да ги остварат своите права. Ќе се согласите дека ова е недемократски чин на земја членка на Европската Унија, рече Николоски.
Тој потсети дека во анализата на Секретаријатот за извршување на пресудите се изразува длабока загриженост дека во последните постапки за регистрација започнати од здруженијата на македонските апликанти во Бугарија, судовите повторно ги занемариле начелата наведени во пресудите на Судот и Привремена резолуција на Комитетот на министри.
– Бугарија постојано ја блокира Македонија на европскиот пат, Македонија не може да ги започне пристапните преговори за членство во ЕУ затоа што Бугарија постојано става вето, а во исто време Бугарија не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Тоа е лицемерната политика со која барам да се стави крај, истакна Николоски.
Тој повика државава да ги започне преговорите за членство со ЕУ, а Бугарија да ги овозможи основните човекови и јазични права на Македонците во Бугарија, посочувајќи дека само таквиот пристап може да доведе до добрососедски и пријателски односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ.