Првиот светски тениски рекет Новак Ѓоковиќ ја оцени својата форма по два турнира на земјена подлога. Во финалето во Белград, Србинот вчера загуби од Русинот Андреј Рубљов со резултат 2-6, 7-6 и 0-6 по сетови. Популарниот Ноле претходно испадна во второто коло на мастерсот во Монте Карло.
– Работите се движат бавно, но сигурно. Гранслемот во Париз е мојата главна цел и се надевам дека ќе бидам подготвен за Ролан Гарос. Треба да извлечеме позитивни моменти – го одиграв финалето пред домашните навивачи. За жал, во третиот сет снемав сили и не можев подобро да се борам. По четири борби во три сета, можам да кажам дека сум уморен, но среќен сум што успеав да победам на претходните натпревари. Мислам дека сето ова ќе ми помогне на следните турнири на земја – истакна Ѓоковиќ
Гранслемот Ролан Гарос на кој Ѓоковиќ ќе го брани трофејот ќе се игра од 22 мај до 5 јуни.