Украинскиот претседател Володимир Зеленски, денеска, по повод Велигден, изјави дека ниедно „зло“ нема да ја уништи Украина и се помоли Бог да им ја врати среќата на децата и да им донесе утеха на ужалените мајки.
Во видео пораката снимена во една од најпознатите знаменитости на Украина, илјадагодишната Света Софија во Киев, Зеленски рече дека Украина ќе го надмине мракот што и го донесе војната.
– Денеска се уште веруваме во нова победа на Украина и убедени сме дека ордите на злото нема да не уништат. Издржуваме во црни времиња. И на овој светол ден, повеќето од нас не се во светла облека. Но, ние се бориме за светла идеја. Ние сме на светлата страна. А вистината, луѓето, Господ и светата небесна светлина се на наша страна. Минатата година Велигден го прославивме во домовите поради пандемијата. И оваа година го славиме Христовото Воскресение не како порано. Поради друг вирус. Поради чумата наречена војна. И минатогодишната и сегашната закана ги обединува едно – ништо не може да ја победи Украина – порача украинскиот претседател.
Во Украина денеска се одржуваат скромни Велигденски прослави, точно два месеци по почетокот на руската инвазија.
Украинските власти вчера ги повикаа верниците да ги следат мисите преку интернет и да го почитуваат ноќниот полициски час.
Сергеј Гајдаи, гувернерот на источниот регион Луганск, денеска соопшти дека седум цркви во таа област се уништени во војната.