Фото: Влада

Бугарскиот премиер Кирил Петков вели дека Македонија ќе биде во Европската унија (ЕУ) најрано за 10 години, бидејќи не е само ветото, туку дека Скопје има многу поглавја на патот кон Европа.

Петков ова го изјави во неговото денешно интервју за бугарската државна телевизија БТВ, на прашањето за односите со Македонија. Тој рече дека има многу луѓе кои се обидуваат да ги разнишаат, како што рече, добрите односи меѓу Бугарија и Македонија.

– Нашата влада нема да подлегне на вакви лесни провокации, кои се обидуваат да се случат од двете страни. Имаме една заедничка цел – Македонија да биде европска земја, добар сосед. Заедно можеме да создадеме економски раст и сите овие националистички повици и провокации само треба да ги игнорираме за да одиме напред – рече Петков.

Според него, гаранцијата за правата на Бугарите во Македонија може да се обезбеди и преку европскиот процес.

– Во реалноста, ако ги ставиме во Европскиот договор за Македонија, не само што Бугарија повеќе нема да ги брани овие права, туку договорот со ЕУ ќе ја даде оваа гаранција за овие права. Значи, укинувањето на ветото, како што сите велат, дали да се укине или не, е погрешен начин на размислување. Овде мора да кажеме – Македонија ќе биде во ЕУ најрано за 10 години. Има многу поглавја на нејзиниот пат кон Европа. Треба само да си поставиме услови, на пример, за Уставот пред првото поглавје. На овој начин, со укинувањето на ветото, ѝ отстапуваме место на Македонија. Но, во овие посебни поглавја можеме да ги ставиме сите услови кои ни се неопходни и така нема да го решиме проблемот, кој моментално постои една или две недели, а ние ќе имаме 10 години да работиме заедно за да може Македонија навистина да биде европска земја и сите права на Бугарите таму да се целосно заштитени. Значи, пристапот треба да биде попаметен – рече Петков во интервјуто за БТВ.

Тој во интервјуто нагласува дека тешко може да има таен договор меѓу владите на двете држави, бидејќи, како што рече, ќе има отворен дијалог и се ќе оди преку Парламентот, каде очекува поддршка не само од коалицијата, туку и од опозицијата, бидејќи се работи за национално прашање.

Петков и вчера зборуваше на оваа тема во интервју за бугарската ТВ Нова, во кое рече дека не станува збор за укинување на ветото за Македонија туку за негово поместување. Бугарското вето за Македонија веќе подолг период го кочи стартот на пристапните преговори со ЕУ, а еден од условите на Софија е внесување на Бугарите во Македонија во македонскиот Устав.