Снимените разговори помеѓу Никола Груевски и Орце Камчев нема да бидат докази во предметот „Плацови на Водно“, одлучи судот прифаќајќи ги тврдењата на одбраната на бизнисменот дека бил незаконски сниман, откако т.н. „бомби“ ги испорача правниот застапник на поранешниот премиер, пренесуваат медиумите.
Обвинителката Лиле Стефанова беше категорична, нагласувајќи дека очекува сите „бомби“ да бидат докази, ако разговорите помеѓу Груевски и Камчев бидат признаени како докази.
Одбраната на Камчев и судечкиот совет се придржуваа на тврдењето оти разговорите што вчера беа објавени на Јутуб, се прибавени незаконски.
Груевски преку Фејсбук ја потврди автентичноста на разговорите, тврдејќи дека преку нив се докажува оти тој нема вина за обвиненијата со кои се соочува во судскиот случај. Во објавените разговори, може да се слушне како Камчев наводно му зборува на Груевски за исказот што го дал пред обвинителството.
Според обвинението за случајот „Плацови на Водно“, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
Денеска заврши доказната постапка за „Плацовите на Водно“. Завршните зборови се закажани за 12 април.