Од денес, 80.000 вработени во различни дејности и индустрии, земаат минимална плата од 18.000 денари според последните законски измени и дополнувања за раст на минималната плата од март годинава, соопшти Владата.

Владата во дијалог со бизнис-заедницата, синдикатите и сите засегнати страни во изминатиот период постигна договор за зголемување на најниските плати, а утврдена е и методологија со која истата континуирано ќе расте.

Дефинирано е дека висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57% од просечната плата. Ова значи дека растот на минималната плата во иднина ќе биде возможен без дополнителни интервенции и очекуваме многу брзо, таа да ја надмине и сегашната договорена сума. Дополнително, државата ќе го субвенционира делот врзан за придонеси, со што се олеснува процесот, за сите засегнати страни.

– Процентуално во периодот од 2012 до 2016 година минималната плата е зголемена за 25,2 отсто, а за периодот од 2016 до 2022 година 78,6 отсто – се наведува во соопштението на Владата.