Манипулациите и пропагандата преку промоција на лажните вести се секојдневие на кое се навикнавме. Тоа е резултат на изгубените вредности, трката по брза и инстант гратификација, брзи резултати и во сето тоа загубени човечки вредности, во кои алчноста наместо „еснафлукот“ и моралот е главна водилка во градењето ставови и перцепции по одредени прашања. Веќе во неколку наврати потенциравме дека за време на конфликт или војна прво што умира е вистината. Оттука многу информации што ги добиваме за она што се случува во војната во Украина или, пак, во издвоени воени операции околу светот мора да се земат со резерва. Тука е паметно да се провери кој ги дал информациите, која е намерата за тоа и, секако, да се споредат ако тоа е можно со локални извори, кои на најавтентичен начин може да ја потврдат или негираат веста. Во тој дух една од подебатираните теми и, секако, која ќе буди интерес е автентичноста за информациите околу загубите. Во таа насока бројката на загуби во секојдневните „кулоари“ треба да каже кој добива, а кој губи, иако мора да се биде крајно претпазлив со тоа или што воопшто значи тоа во целиот контекст. Дополнително, да се каже дали супериорноста на едната страна е голема или, пак, работите укажуваат дека на терен односите се изедначени. Од друга страна, моќта на информациите, особено околу артикулација на одредени статистики, може да биде голема. На пример, во една од школите за тоа како да се прават револуции или контрареволуции, покрај другото сериозно се изучува и пропагандата или како што се вели оформување на јавното мислење. Не дека за мајсторите на перото што кај нас имаат „дрес“ ќе кажеме нешто ново, ама добро е во контекст на муабетот да се спомене дека една вистина кажана од различен агол може да има различно значење или да се интерпретира поинаку. Во таа линија, да речеме вие да ја кажувате вистината ама да ја кажувате од, на пример, лев агол, не од десен агол. Тоа во пракса, на пример, е како да кажете дека има пет килограми овошје, а не дека имате три килограми мушмули и два килограма јаболка. Во суштина сте безбеден бидејќи пак сте кажале една иста работа. Ама квалитетот на податоците што сте ги нагласиле се значително различни и таквата информација има различен впечаток кај оној кај кој треба да побудите ефект.
Слична е работата и со статистиката. На пример како една од вештите манипулации со статистиките е онаа кога во поранешните социјалистички земји една од државите сакајќи да покаже прогрес се послужила со компарација и статистика – ама гола. Така, истакнувајќи го порастот во производството во повоениот период (периодот е по Втората светска војна) во една од анализите и вестите се нагласило дека земјата Х има сто проценти пораст на домашното производство на, да речеме, круши, подвлекувајќи притоа дека исто толкав пораст од сто проценти има и една Јапонија – која се посочувала како пример за вредна и продуктивна нација.
Е сега, квалитативната анализа на статистиката во суштина дала малку поинаква слика за ефектот што се предизвикал со статистиката. Во превод на процентите информаторот не излажал ништо ама не ја кажал правата вистина докрај. Така, ако земјата Х произведувала една круша, наредната година произвела две круши. Јапонија во истата таа година произвела двесте круши што било за сто проценти повеќе од претходната година кога произвела сто. Статистички во тој контекст работите се еднакви. Во пракса, драстично различни. Во таа насока, играта со информациите е посебно важна кога нивото на медиумска и уште повеќе информациска писменост кај публикана е ниско. Во таква ситуација ако не ја дообјасните статистиката може да биде мошне корисна манипулативна алатка за да постигнете ефект.
Оваа дебела увертира, драги мои е само вовед во она за што многу ќе се дебатира, па дури ако сакате ќе се прават и академски истражувања магистратури и докторати – секако на светските реномирани универзитети, не овде каде што можете да си ја купите дипломата или како што веќе твитерџиите умеат да се шегуваат (па дури и да им е украдена фората им е јака) дека ако кликнете „лајк“ на пост што го објавил еден од државните универзитети ќе добиете диплома за завршен факултет, а со неколку „лајка“ веќе имате магистратура. Но, нејсе, таа тема ќе ја оставиме за други. Последната анализа е особено битна и за поларизацијата што се одвива кај нас во која гневот на локално ниво и од локалните проблеми (не комунални само туку државни, национални, па и регионални, ама се локални во однос на глобалните збиднувања да речеме судирот на вредности за кој дебело пишувавме или конфликтот во Украина) се проектира преку позиционирање за нашите и вашите – Русите или Украинците. Страшното во таа дебата е што нема рационалност на позициите бидејќи ако се обидувате да извлечете заклучок по ставот што го браните и припадноста што ја прокламирате ќе имате проблем со конзистентноста на она за што се залагате и сакате да го кажете.
Но нејсе, тоа е што е. Приказната околу информациите и како истите тие може да се користат во различни цели е неисцрпна, ама битна. Во тој дух бројот на жртвите за време на конфликт, сепак, се користи како еден индикатор за тоа како им оди на страните во судирот. Иако начинот на објава на овие информации или, пак, манипулацијата на бројките може да биде исто така индикатор што би дал друга квалитативна перцепција за предметот на опсервација.
Една од анализите што искрено мене лично ми остави впечаток на темелна (без да судам дали е точна или пак да ја фаворизирам) е онаа на сервисот Би-би-си, во која се прави квалитативна анализа на објавените и необјавените жртви од конфликтот. Истата таа, независно од тоа колку е веродостојна (или како ќе сакате да верувате дека е), е интересна бидејќи, прво, проектира заклучоци што може да бидат корисни ако подлабоко навлезете во податоците. Иако анализата на податоците е цела наука сама по себе, во која се користи дури и вештачка интелигенција за прецизни прогнози (од економски и хазардни до, да речеме, научни и прогресивни – развојни и воени), ќе се обидеме да протолкуваме една објава што ја даде Олга Ивишна, истражувачка од терен. Во таа анализа, покрај другото, интересно е дека, наводно, 20 проценти од загубите се офицери. Тоа, да бидеме искрени и претпазливи, назначи дека секоја петта од жртвите е офицер. Тоа може да значи дека асанацијата на боиштето е побрза за офицерите или, пак, за нив се дава поголем простор во руските медиуми. Исто така, она што е интересно според оваа анализа е дека руските локални медиуми, до кои нема допрено насоката да не се објавуваат жртвите, ќе објават информација што за еден-два часа ја снемува (ако не се фејк постојат докази со „скрин-шат“ техника). Во тие потврдени загуби досега има над 10 ГРУ-борци (што најверојатно се припадници на специјалните сили на Русија – бидејќи ГРУ не би требало да оперира таму, освен ако не е изместено сѐ, бидејќи една жртва е регистрирана како припадник на елитните единици Витез). Русите досега официјално потврдија загуби на 10 воени пилоти или, како што објавија тие, припадници на военото воздухопловство (што може да вклучи и навигатори, или технички придружен персонал како дел од посадите на леталата). Најголемиот дел на потврдени загуби или преку кои се добиени податоците генерално се од Дегестан и Јужна Осетија. Ова можеби е резултат на фактот што културата и религијата има сериозен импакт за односот кон мртвите.
Во таа насока, властите на овие региони се упорни и ѝ пркосат на Москва (кои се области со главно муслиманско население) во инсистирањето да ги добијат телата назад и каде што властите присуствуваат на погребите. Во другите делови, на пример, каде што 15 од 85-те региони во Русија не објавиле неколку недели информација за загуби – може да значи дека немало или, пак, дека имаат поинаков однос кон Москва – таков е случајот со Кемерево каде што, според Би-би-си, имало седум погреби, кои иако се појавиле во локалните медиуми за еден-два часа информациите биле избришани. Интересно во оваа насока е што од интервјуата што се водени таму, резултатите од одговорите на родителите се различни. Во секој случај, духовите на војната во Украина допрва ќе нѐ прогонуваат додека се прашуваме што по ѓаволите отиде поинаку со светот.
Методи Хаџи-Јанев
Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот
универзитет во Аризона, САД.