Jaпонскиот поет Шунтаро Таникава лауреат на „Златниот венец“
Добитник на „Златен венец“ за 2022 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е најзначајниот жив јапонски поет, Шунтаро Таникава, кој испрати поздравно обраќање до македонската јавност.
– Дали само јас чувствувам некаква самотија штом добијам награда или одликување? Невообичаено е чувството да се биде избран од мноштвото поети и, заедно со радоста и гордоста што ги чувствувам бидејќи сум избран за добитник, се чувствувам и уважено меѓу моите колеги поети. Но кога се присетувам на покојниот Макото Оока, мојот близок пријател и добитник на оваа награда во 1996 година, самотијата ми исчезнува и неа ја заменува љубовта кон моите колеги поети и кон оние што копнеат да станат поети, и иако живееме во различни времиња, во различни околности и со различни мајчини јазици во оваа немирна доба на нашата ранлива Земја, оваа љубов постојано расте. Староста постепено ме лишува од слободните телесни движења, но, пак, за чудо, мојот ум се движи сè полесно, како да му пркоси на ова ограничување. По некое правило, човечките години ги споредувам со прстените на едно дрво. А староста ми личи како да се движам наназад кон центарот на тие прстени со секоја наредна година. Сега сонувам да имам зборови, изнедрени од телото и умот, како некој разговор помеѓу заљубените, настрана од нормалното значење на зборовите – вели Таникава во писмото.
Во образложението на одлуката, Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на СВП, вели дека лапидарната релјефност на неговиот глас и кондензираноста на мигот, наспроти наративноста на стихот, е темелна црта што го одвојува Шунтаро од поетичките тенденции на Западот.
– Од друга страна, тивката градба на неговите стихови, обликувана на таков начин што модерноста дејствува небаре е традиционална е клучната одлика, според која оваа лирика (на Шунтаро) се издвојува како особена, меѓу повеќето поети, со потекло од Далечниот Исток – додава таа.
Шунтаро Таникава (роден во Токио, во 1931 година, како единствен син на филозофот Тецузо Таникава) е најзначајниот жив јапонски поет, чија поезија суверено патува, не само низ возбудливите „води“ на јазикот туку и во низата креативни преобразби во музика, филм, слика или калиграфско писмо. Toj е најпродуктивниот, најчитан, највлијателен и најиновативен поет од Јапонија, чии дела се преведени на многу јазици во светот. Автор е на 80 поетски збирки, за кои има добиено голем број книжевни признанија, во Јапонија и во странство. Неговите песни се појавуваат не само во угледни книжевни списанија туку и во школските учебници и масмедиумите. Шунтаро се јавува и како автор на драмски текстови, филмски сценарија, тој е плоден есеист, преведувач, автор на литература за деца. Неговата дебитантска збирка „Две милијарди светлосни години самотија“ во 1952 година ги вчудовидела неговите поетски врсници и книжевни критичари, како нешто со кое се сретнуваат за првпат и со тоа се втемелува како новата одредница на јапонската поетика по Втората светска војна.
Поезијата на Шунтаро е првично приопштена на македонски јазик, благодарение на поетскиот избор „Дребoлии“, објавен во едицијата „Плејади“ на „Струшките вечери на поезијата“, во 2005 година, во препев на Зоран Анчевски.
„Мостови на Струга“ за италијанскиот поет Џерардо Мазучо
Добитник на „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска поетска збирка од млад автор (под 35 години), кој ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ во соработка со УНЕСКO, е италијанскиот поет Џерардо Мазучо.
Џерардо Мазучо е роден во Батипаља, близу Неапол, во 1991 година. Откако ги завршил класичните студии во Еболи, се преселил во Милано во 2010 година, каде што дипломирал авторски права, а потоа и издаваштво на универзитетот „Бокони“. Од 2012 година, тој бил уредник на сериите „Каповерси“ за Бомпиани. Во 2020 година, ја основа издавачката куќа „Утопија“, која е насочена кон книжевна фикција и белетристика. „Утопија“ е италијанскиот издавач на Никанор Пара, Ана Бландијана, Ен Карсон, Ко Ун, Ида Витале, Наja Мариe Аидт и Љубомир Левчев. Неговата поезија е дел од антологии, списанија, посебни веб-страници и некомерцијални памфлети.
Неговата прва книга е „Дотука живееше човек“, која се стекнува со критички и комерцијален успех на национално ниво. Номиниран за шест книжевни награди, тој е добитник на најважната италијанска награда за поетски дебитанти – 32-то издание на „Премио Камаиоре“, како и 61-то издание на „Премио Сан Доменикино“ за најдобро поетско издание на годината (додека изданието на шпански јазик тековно се подготвува).