Здружението за култура „Транзен“ ја издаде монографијата на уметникот Ниче Василев, насловена „Сликарството на Ниче Василев – 50 години творештво“. Во книгата се застапени делата од целокупниот животен опус на сликарот, во повеќе од 150 репродукции во боја. Воведниот текст на монографијата е на ликовниот уметник и уредник на книгата Никола Пијанманов.
– Творештвото на Ниче Василев е секојдневна борба со сивилото на светот. Тој е еден од оние уметници што не мируваат, туку се во постојан грч на креација и осмислување на секојдневниот театар на животот. Неговата палета е постојано свежа, а неговиот животен простор континуирано стеснет од премногу дела. Плодните уметници од преголема креација создаваат лавиринти од платна, палети и картони низ чија мистериозна патека само тие можат да го пронајдат излезот до другата страна, до страната на совршената галерија, во која сѐ е хармонија и светлина. Гледачите се тука со мапи и каталози, во кои иако е испишан точниот распоред на делата, тие лесно можат да се изгубат. Затоа што уметноста е голема и длабока како пустина и океан, а во нив уметникот е и бунар и суша и брод и бродоломник – пишува Пијанманов.
Тој дополнува дека уметноста на Ниче е во постојана потрага по совршениот клуч што ќе ги соедини бојата, светлото и цртежот (формата). Некогаш бојата ја преплавува сликата и триумфира над силуетите, некогаш цртежот ја натсликува бојата со сета своја елеганција и раскош.

– По творештвото на Никола Мартиноски во нашето сликарство, ретко кој сликар со толкава страст ѝ се посветил на женската фигура како Ниче Василев. Жена со петел, жена со цвеќе, жена со музички инструменти, жена модел и жена творец… сите тие се толку комотно вселени во неговите слики што личи дека отсекогаш постоеле тука, во удобноста на сликарската имагинација. Стилизацијата и перфектната преобразба на моделот во симбол, во самостоен стилски ликовен јазик, даваат една раскошна музикалност во неговото сликарство. Дека една уметност треба да постои и да биде органски поврзана со местото каде што уметникот живее и твори, а во исто време да биде и светска, универзална, тоа го потврдува сликарството на Ниче – пишува Пијанманов.
Ниче Василев е роден во Дабиље, кај Струмица, во 1948 год. Академија за ликовна уметност завршил во Варшава, во 1978 година, во класата на професор Лудвиг Мачонг. Во 1971/1972 година студирал во Софија, на Националната уметничка академија, на факултетот за применета уметност. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1980 година. Живее и работи во Струмица. Добитник е на повеќе значајни државни и меѓународни признанија и награди. Тој е еден од најплодните автори на ликовната уметност во Македонија. Реализирал над педесет самостојни изложби во земјата и во странство.