Во денешниот турбулентен свет, економската сигурност зависи од тоа колку земјите се потпираат на своите трговски партнери. Токму тоа во овој период сериозно отвора низа прашања што бараат брз одговор, особено во Европската Унија, која е во незавидна позиција, бидејќи силно зависи од рускиот енергетски увоз
Градењето отпорност стана нешто како мантра во последниве години, особено за време на пандемијата на ковид-19. Меѓутоа, и покрај сѐ, бавно течеа напорите за зајакнување на економската сигурност и унапредување на диверзификацијата. Сепак, по руската воена операција во Украина, ова може да се промени.
Економските и финансиските санкции станаа оружје на избор во надворешната политика, особено во онаа на САД. Затоа, не треба да изненадува што санкциите го формираа најголемиот дел од одговорот на Западот на украинската криза, особено со оглед на веројатноста дека Русија би ја третирала секоја директна воена интервенција на НАТО во Украина како објава на војна. САД и Европската Унија (ЕУ) брзо ги исклучија големите руски банки од меѓународните трансакции, исфрлувајќи ги од системот СВИФТ и замрзнувајќи ги средствата на Руската централна банка.
Со оглед на тоа што руската економија веќе почнува да се соочува со проблеми, сега е кристално јасно дека економската безбедност на една земја зависи од нејзините пошироки односи со нејзините трговски партнери, кои мора да бидат разумно доверливи и предвидливи. Ова поттикнува сериозни краткорочни предизвици, особено за ЕУ, која е во незавидна позиција да биде силно зависна од рускиот увоз на енергија.
Како што стојат работите сега, Русија испорачува речиси 40 отсто од европскиот природен гас. Стравот од губење на таа понуда значително го ограничи економскиот одговор на Западот на инвазијата на Украина. На пример, се јави првичен отпор од страна на големите земји на ЕУ за исклучување на Русија од СВИФТ, а кога беше донесена одлуката, беа погодени само „одбраните“ банки. Во исто време, Русија се потпира на нејзината продажба на гас во Унијата. Значи, можеби најмоќното економско оружје во арсеналот на Западот е она што ЕУ не може да го користи без да си наметне сериозна штета. Поради тоа имаме резултат што е сличен на „заемно сигурно уништување“.
Како што неодамна призна италијанскиот премиер Марио Драги, „скорашните настани покажаа дека било неразумно што не се диверзифицирале дополнително европските извори на енергија и доставувачите во изминатите децении“. Сега изгледа како Европа да е фатена во тесно во однос на енергијата, иако санкциите, кои не се поврзани со енергијата, се несомнено тешки и сè уште можат да се заострат. Во секој случај, трошоците за какви било санкции, вклучувајќи и изолација на Русија од глобалните пазари и губење на пристапот до производи и технологии, во значителен дел зависат од степенот до кој Кина ќе одлучи да ја поддржи Русија. Засега европските лидери едноставно ќе треба да се справат со она што доаѓа. Но за да ја зајакнат својата долгорочна безбедност во сè побурниот свет, земјите мора да изградат и економска отпорност постигната преку диверзификација во нивните стратегии за надворешна политика.
Кога станува збор за енергијата, Европа би можела да ја имитира Јапонија, која исто така е целосно зависна од увезените фосилни горива. Јапонија набавува нафта од неколку земји на Блискиот Исток и природен гас во форма на течен природен гас од Австралија, Малезија, Катар, Русија, САД и други, со тоа што австралискиот гас има најголем удел на пазарот (со 27 отсто). Доколку изворите на енергија во Европа би наликувале повеќе на јапонските, исходот во тековната игра меѓу Русија и Западот би изгледал многу поинаку, со тоа што Европа би имала моќ да наметне асиметрични трошоци за Русија преку казни поврзани со енергијата.
Вредноста на диверзификацијата се зголемува со големината на релативно неповрзаните ризици со кои се соочува. Некои ќе истакнат дека таквата диверзификација е скапа, особено затоа што ја намалува ефикасноста.
Но иако трошоците можеби не се исплатливи во стабилна средина со низок ризик, сепак ние не живееме во таква средина. Во денешниот свет, трошоците за диверзификација се помали од потенцијалните трошоци од нарушувањата. Во присуство на значајни делумно неповрзани ризици, диверзификацијата е најдобрата стратегија.
Ова не важи само за увозот. Со оглед на тоа дека пристапот до пазарот може да биде прекинат, земјите, исто така, треба да се стремат да ги диверзифицираат своите извозни пазари. Се разбира, најитниот императив е диверзификација од непредвидливите трговски партнери. Партнерите со кои правилата за ангажман се јасно договорени и веројатно ќе останат стабилни, претставуваат многу помал ризик што ги намалува придобивките од диверзификацијата. Сепак, земјите треба да избегнуваат прекумерна зависност од кој било партнер, без разлика колку е стабилен, особено поради зголемените ризици од нарушувањата поврзани со климатските промени.
Важно е да се забележи дека потребното ниво на диверзификација, односно ниво што ги подобрува економската безбедност и преговарачката позиција на земјата во случај на криза, веројатно нема да се појави како чист пазарен исход, бидејќи економските и стратегиските придобивки не се целосно изразени од учесниците на пазарот. Иако учесниците на пазарот ги препознаваат ризиците и нема да одбијат целосно да ги диверзифицираат пазарите и изворите на снабдување, тие веројатно нема да одат доволно далеку.
Имајќи го предвид ова, јавната политика и меѓународната координација мора да играат важна улога во унапредувањето на овој процес. За среќа, засега, политичарите имаат силен поттик да ги преземат неопходните чекори. Но дали нивното чувство за итност ќе продолжи или ќе избледи со намалувањето на нивото на перципирана закана, останува да се види.
Мајкл Спенс е нобеловец за економија, почесен професор по економија и поранешен декан на Факултетот за бизнис на универзитетот „Стенфорд“