Илон Маск не се откажува од намерата да се соочи со Владимир Путин на двобој чиј влог e Украина, порачувајќи преку Твитер дека рускиот претседател „би можел да ја донесе и неговата мечка“. Американскиот милијардер им понуди на Русите и 10 отсто повеќе од телевизиските права за преносот од борбата.
Маск претходно доби одговор од директорот на руската вселенска агенција „Роскосмос“, Дмитриј Рогозин, кој алудираше дека извршниот директор на „Тесла“ е сѐ уште млад за дуел со Путин, како и оти тоа би било губење на време, цитирајќи стихови од рускиот поет Александар Пушкин.
Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, пак, преку социјалната мрежа Телеграм се обиде да го одврати Маск од неговата намера.
– Илон Маск, не би ти советувал да се натпреваруваш со Владимир Путин. Многу различни тежински категории. А ниту не станува збор за боречки вештини, на пример, за џудо. Како го замислуваш ова? Ти си во црвениот ќош од рингот – бизнисмен и твитер-блогер. А Путин е во синиот ќош – светски политичар, стратег и закана за Западот и за САД. Путин нема да делува атлетски кога ќе се соочи со послаб противник – напиша Кадиров, порачувајќи му на Маск да дојде во Чеченија за да тренира.
Засега нема назнаки дека Маск ќе се откаже од твитер-кампањата за дуелот додека објавува и фотомонтажи од себе и од рускиот претседател како своевидна најава за нивната пресметка.
I see you are a tough negotiator!
Ok, you can have 10% more pay per view money. pic.twitter.com/Nrbkz9IsTP
— Elon Musk (@elonmusk) March 15, 2022