Во математиката има една мана, не може да се изброи љубовта на мама

Наградени творби на конкурсот на клубот на писателите „К.С. Рацин“ од Велес

Клубот на писателите „Коста Солев Рацин“ од Велес секоја година традиционално распишува конкурс за учениците од основните и од средните општински училишта во овој град. Со тоа ги поттикнува младите да го негуваат мајчиниот јазик, да творат и да го покажат својот талент кон пишувањето.
Годинава, на конкурсот пристигна 87 песни во сите три категории, па членовите на жирито имаа навистина тешка задача да ги одберат најдобрите.
Творбите беа селектирани во три категории, и тоа од шесто и седмо и осмо и деветто одделение во основно и од прва до четврта година во средно образование.
Свеченото доделување се одржа во медиотеката на локалната библиотека „Гоце Делчев“, на 8 март, во 12.30 часот.
Според резултатите од литературниот конкурс на темите: „Мајка“, „Мајчината љубов нема граници“ и „За мама“, по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената, првата награда за песната „Мајка“ во категоријата шесто и седмо одделение ѝ припадна на Јована Петрушевска 6-а одд. од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Велес, со менторката Маја Јовановска.
Во категоријата осмо и деветто одделение, со песната „Мајка“, првата награда ја освои Филип Камчев – осмо одд, ООУ „Панко Брашнар“ – Велес, со менторката Габриела Т. Шестакова.
Во категоријата средно образование, првонаграден за творбата „Мајчинската љубов нема граници“ е Леон Арсов – втора година – фармација, ССОУ „Димитрија Чуповски“ – Велес, со менторката Верица Николова.


Мајчинската љубов нема граници

Ден па ноќ.
Ноќ па ден.
Ќе ги избројам сите денови,
како бели точки во темнината
и ноќите во белината.
Ќе ги избројам во соѕвездието сите ѕвезди
додека месечината
во својата лулка се вгнезди.
Ќе ги избројам сите школки во морињата
и дождливите капки во висината.
Ќе ги избројам сите насмевки на дечињата,
и долгите патишта во далечината.
Но, во математиката има една мана
не може да се изброи љубовта на мама.
Ете тука граници нема, ниту пак
некоја хемиска шема.
Безгранична љубов мајчинска мила,
основа за моја животна сила.

Прва награда:
Леон Арсов втора год. фармација
ССОУ ,,Димитрија Чуповски“ – Велес
Ментор: Верица Николова


Мајка

Мајка – жената која ме родила
и живот ми подарила,
грижа безусловна,
љубов возвишена.

Мајка – жената која живее за мене
и ме сака каде и да сум,
колку и да сум блиску или далеку,
секогаш сум во нејзиниот ум.

Јас сум нејзиниот здив,
воздухот во нејзините гради,
отчукувањето на нејзиното срце,
нејзиниот живот, нејзиното сè.

Сè друго можеби има множина
и може да се замени,
но таа е една и единствена,
мајката е незаменлива!

Благодарам мајко моја,
за сè што си направила.
за сите твои добрини,
за сите твои нежности.

Прва награда: Филип Камчев 8-a
ООУ „Панко Брашнаров“ – Велес
Ментор: Габриела T. Шестакова


Мајка

Ноќта полека пристигнува на прагот,
тишината и мирот се чувствуваат во градот.
Таа неуморно, насмеана сѐ уште стои,
залутана во мислите, нешто на глас брои.

Одговори ми едно нешто само,
од каде овој сјај во очите, мамо?
Ме прегрна и проговори тивко,
за да го разбереш тоа, сѐ уште си мала,
мајчинството мило мое не е шала.

Ама, мамо, погледот ти е толку мил
како ниедна тага да не скрил.
Тој поглед љубов дарува
за во мене среќа да царува!
Од тие две прекрасни очи
само добрина се точи!

Сакав да ја прашам уште нешто,
но, таа темата ја затвори вешто.
Мило мое, кога и ти ќе бидеш мајка
ќе ја разбереш оваа прекрасна бајка.

Прва награда: Јована Петрушевска 6-а одд.
ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Велес
Ментор: Маја Јовановска