Ако царска Бугарија во Втората светска војна извршила геноцид врз Евреите во Македонија, сегашна Бугарија, со малку променети методи, врши геноцид врз Македонците. Нивните сегашни постапки покажуваат дека ништо не научиле од историјата, туку само продолжуваат по патот што некој го поставил пред повеќе од еден век. Македонија го памети овој црн датум и сочувствува со Евреите, но истовремено има обврска да го чува споменот за едно безумие направено на
нејзината територија од страна на бугарскиот фашистички окупатор и да не дозволува некој да го негира тоа
Денеска се навршуваат 79 години од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта во Треблинка, во Полска, при што биле депортирани 7.144 Евреи, односно 98 отсто од еврејската популација во Македонија. По тој повод ќе бидат одржани повеќе комеморативни настани во Скопје, Битола и Штип, во знак на сеќавање на еврејските страдања.
Еврејската заедница во Македонија со години била исклучително ценета. Повеќето од Евреите биле успешни трговци, лекари, адвокати, професори, како и музичари. Живееле мирен и удобен живот со своите семејства благодарение на нивната вредна и умешна работа. Таквиот нивен живот продолжил и по окупацијата на Македонија во Втората светска војна, сè до ноќта на 10 спроти 11 март 1943 година, кога окупаторските војници насилно ги истерале од нивните домови. Колони Евреи од Скопје, Битола и од Штип биле префрлени во скопскиот Монопол, од каде што кон крајот на март со товарни возови биле депортирани во логорот на смртта во Треблинка. Потресните документи се единствените неми сведоци за страшната судбина на Евреите од Македонија.
Македонија го памети овој црн датум и сочувствува со Евреите, но истовремено има обврска да го чува споменот за едно безумие направено на нејзина територија од страна на бугарскиот фашистички окупатор и да не дозволува некој да го негира тоа. Во ниеден момент и по ниедна цена не смее да се заборави дека Македонците и Евреите во Втората светска војна беа на вистинската страна на историјата, за разлика од оние што денес прават обиди да ги ретушираат историските факти и вината за своите злодела да ја префрлат врз некој друг.
Сепак, овој дел од историјата е добро документиран во европските и еврејските архиви, каде што јасно стои кои земји во Втората светска војна биле во сојуз со Германија, но и под чија окупација се нашла Македонија. Во тие документи е прецизно наведено дека Бугарија, како сојузник на Германија, добива огромен дел од Македонија, што за тогашна Софија било доживеано како остварување на санстефанскиот сон. Таа бугарска окупаторска власт ги разбуди Евреите мартовската ноќ во 1943-та и ги смести во скопскиот Монопол, пред да ги натовари во товарни вагони и да ги испрати во неповрат. Тоа е непобитен историски факт, кој Софија може колку сака да го релативизира и ретушира, правдајќи се дека тие биле на вистинската страна и дека спасиле голем број Евреи во Бугарија. Можеби таму и спасиле, но во Македонија извршија геноцид буквално врз целата еврејска популација, собирајќи ги од нивните домови и праќајќи ги во логорите на смртта.
Денешниот датум добро треба да го паметат и македонските политичари, сегашни и идни, оти ако се откажат од македонската народноослободителна борба, ја предаваат Македонија, но ги предаваат и своите сограѓани Евреи и споменот за нив. Токму затоа во преговорите со Бугарија не треба да се прават никакви отстапки за историјата и улогата што ја одиграла тогашна Бугарија. Тоа е она што сака да го постигне Софија, да го исчисти валканото минато и црните епизоди да му ги припише на некој друг и на некаков поинаков контекст.
Едно треба да е јасно, македонскиот народ нема никаква причина да се срами од сопствената историја и да оди со наведната глава, а уште помалку тоа да го прави за да му угоди на оној што во Втората светска војна палел, убивал, депортирал, вршел геноцид врз цел еден народ. Македонците не го направија тоа, туку тогашниот бугарски окупатор.
Затоа, уште подоблесно би било денеска во Скопје да дојде и бугарскиот премиер или претседател и да се поклони пред споменикот во скопскиот Монопол, од каде што беа депортирани над 7.000 Евреи. Зошто да не и да клекнат на колена, да се извинат и да побараат прошка од Македонија и македонските граѓани. Ако тоа им паѓа тешко, може и само немо да кимнат со главата и да докажат дека се вистинска европска држава, која признава дека во својата историја правела грешки, но дека знае да живее со своето минато за да гради подобра иднина со сите. Со негирањето на сопствената улога, Бугарија уште повеќе се заглавува во сопственото минато и продолжува да го практикува и денес.
А тоа најдобро се гледа од нејзиниот однос кон Македонија и ова што го прави сега со блокадата на нашата евроинтеграција. Во 21 век да се негира цел еден народ, неговиот јазик, историја, култура, е рамно на геноцид. Ако царска Бугарија во Втората светска војна извршила геноцид врз Евреите во Македонија, сегашна Бугарија, со малку променети методи, врши геноцид врз Македонците. Нивните сегашни постапки покажуваат дека ништо не научиле од историјата, туку само продолжуваат по патот што некој го поставил пред повеќе од еден век. Во тоа засега имаат премолчена помош и од Европа, која дозволува на нејзина територија да се случува ваков современ етноцид.
Несомнено, Евреите ја поднесоа најголемата жртва во Втората светска војна и им простија на тогашните непријатели, но не заборавија и никогаш не треба никој да заборави, без оглед на сите обиди за ново ретуширање на историјата. Секое трагично минато треба да е поука работите да не се повторуваат во иднина, но, за жал, продолжуваат да се повторуваат. Во Европа повторно беснее војна, илјадници луѓе бегаат од своите домови, илјадници ги загубија своите животи…
Затоа и Македонија не треба никогаш да ги заборави страдањата на своите сограѓани Евреи, а уште помалку да прифаќа поинакви историски наративи само заради својата европска иднина. Ако цената за таа Европа е откажување од себе, од својот идентитет, својата историја, својот јазик, тогаш тоа е превисока цена.
Евреите, без оглед на цената што ја платија во милиони човечки животи, останаа верни на себе и никогаш не се откажаа. Тоа е поука и за нас.