Гледаме, тектонските геополитички поместувања не се случуваат од денес до утре. Особено големите држави за тоа се подготвуваат со години, ако не и со децении. Во меѓувреме, САД ги прават своите клучни геополитички маневри, заедно со Британија. Кина, мудрата Кина, на долг рок ќе излезе најголемиот победник, затоа што за ова се подготвува можеби најдолго…
Минатата колумна, по малку сугестивно, а по многу дури и претенциозно ја насловив „Операција Барбароса“, за низ тој круцијален историски настан да фрлам поглед на денешните состојби. Со таа колумна, всушност, некако имплицитно ја најавив серијата колумни што ќе се занимаваат со актуелната руско-украинска криза, низ геополитичка призма. Во следните неколку колумни ќе продолжам да ги анализирам актуелните настани и низ неколку други геополитички теориски пристапи. Сосема очекувано, во центарот на таа прва анализа беше теоријата на „таткото“ на геополитиката Мекиндер и неговата до ден-денес актуелна теорија за „хартленд“ и поделбата на земјите на „копнени сили“ и „водени сили.“ Таа теорија е првата геополитичка теорија и е доминантна во англосаксонската геополитика, или во т.н. атлантистичка геополитичка школа и до денес. На преостанатите геополитички идеи во англосаксонскиот свет („крајот на историјата“ и „судирот на цивилизациите“), во поголема или помала мера може да се гледа само како на своевидни „варијации на тема“ на Мекиндер.
Во оваа колумна ќе се позанимавам со идеите на континенталната (европската) геополитичка школа (главно на германската), а во следните и со современите американски геополитички идеи, а последните неколку колумни ќе им ги посветам на трите геополитички идеи никнати на руско тло (словенофили, западњаци и Евроазијци). Исто така, вреди уште на почетокот да се направи една ограда. Имено, со оглед на вжештеноста на ситуацијата и на иманентната морална димензија на секоја војна, ваквите „ладнокрвни“ анализи изгледаат премногу кабинетски и сурово, но, верувајте, токму такви се и во главите и во штабовите на стратегиските планери на секоја војна. Јас, секако, не сум стратег на војната, но сум проследувач на политичките идеи и сакам токму од таа „ладна“ теориска перспектива да ги осветлам настаните. Веројатно, со оглед на острастеноста на публиката, на многумина нема да им се допадне тоа, а некои ќе ме обвинат дека можеби заземам и „страна“, што секако нема да биде случај, но сепак, во ваква „луда“ атмосфера, можеби најдобро е човек под секој ваков или сличен текст да стави „дисклејмер“: „од човечка и од строго морална перспектива го осудувам секое насилство, го презирам секој акт на агресија и војна и жалам за секој изгубен живот“.
Но, како што реков, планерите на војната, во своите штабови, воопшто не размислуваат во овие морални категоријални рамки. Па, така, многу е веројатно дека подготовките на оваа војна траат од поодамна. Должни сме да ги осветлиме тие настани. Во едно дамнешно интервју реков дека светот повеќе нема да биде ист. Тоа беше по интервенцијата на Русија во сепаратистичките провинции Абхазија и Јужна Осетија, во август 2008 година. Тоа беше прва голема успешна интервенција на Русија во земјите од „нивниот“ поранешен геополитички простор на СССР. На Западот, а особено на САД, со тоа веќе им беше јасно „колку е саатот“. Русија ги покажа своите амбиции – враќање на контролата над поранешниот „советски простор“. Да го забрзаме филмот – „портокалови револуции“, Јанукович, Порошенко, Мајдан… и доаѓаме до 2014 година, анексија на Крим, Донецк и Луганск!
Гледаме, тектонските геополитички поместувања не се случуваат од денес до утре. Особено големите држави за тоа се подготвуваат со години, ако не и со децении. Во меѓувреме, САД ги прават своите клучни геополитички маневри, заедно со Британија. Кина, мудрата Кина, на долг рок ќе излезе најголемиот победник, затоа што за ова се подготвува можеби најдолго, да не кажам дури од Денг Сјаопинг. Русија, видовме, интензивно се подготвуваше од 2014 (најточно од Путин наваму), Британците конечно со брегзит, а Европа..? Европа главно спиеше! Да ги расветлиме овие тези, поврзувајќи ги со континенталната геополитичка теорија, за оваа пригода наречена Drang nah Osten, и да видиме дека сите овие настани, иако навидум неповрзани, во суштина се длабоко поврзани! Кога се зборува за европската, континенталната геополитичка традиција, тука во прв ред се споменуваат имињата на таткото на француската географија и геополитика Пол Видал де ла Блаш (1845-1918) и не многу популарниот (затоа што се поврзува со нацизмот), Германец, Карл Хаусхофер (1869-1946). Ние оваа анализа ќе ја извршиме низ диоптријата на Хаусхофер, ризикувајќи да бидеме обвинети за „нацизам“, затоа што Хаусхофер долго е поврзуван со нацистичката идеологија и сметан за инспиратор на Хитлеровата стратегија. Тука немаме простор да навлегуваме во детали, само ќе кажеме дека како и сè друго што злоупотребил Хитлер (дарвинизмот, Ниче, Вагнер…), така ја злоупотребил и теоријата на Хаусхофер за Drang nach Osten (Пробив кон Исток). Впрочем, на крајот самиот Хаусхофер паднал во немилост на Хитлер и бил уапсен, а подоцна и се самоубил, заедно со неговата жена – Еврејка – што сугерира дека не биле баш на иста линија со фирерот.
Накратко, Хаусхофер ја гледал континентална Европа во единство со Русија. Неговиот „пробив кон Исток“ не бил онаков каков што го замислувал Хитлер – воено! Неговата „оска“ Берлин – Москва – Токио не била воена оска, туку оска на соработка низ која единствено е можна Европа. И делумно, таа во суштина мирољубива геополитичка идеја била прифатена во тогашна Германија. Плаузабилно е да претпоставиме дека директен резултат на таа идеја бил и „Пактот за ненапаѓање Молотов-Рибентроп“! Траен и цврст сојуз помеѓу Германија и Русија, кој бил во центарот на таа геополитика. Сè додека Хитлер не се охрабрил да размислува поинаку и погрешно. Или, ако одиме по работ на теориите на заговор – сè додека можеби не го „охрабриле“ така да мисли по отстапките што му ги дозволиле со Чехословачка, поделбата на Полска и особено со „сомнителното прегазување“ на Белгија, Холандија и Франција за само шест недели, со што и самиот тој, а и германската нација, неосновано се убедиле во митот за непобедливоста на нивната армија. Доволно да се реши на таков луд чекор на прекршување на Пактот и напад на СССР! Со тоа, клучната претпоставка на континенталната геополитичка теорија на Хаусхофер, за блиска соработка на Берлин и Москва, по вторпат (првиот пат по Првата светска војна) доживува дефинитивен пораз! Оттука, во колективната меморија на Европејците, идејата за силна Европа во сојуз со Москва се врежува не само како невозможна, туку и како трагична… двапати!
Дали Европа по третпат не успеа? За одговорот на ова прашање и импликациите од овој геополитички пристап на актуелната руско-украинска криза веќе во следната колумна. Дотогаш, чувајте се и штедете, доаѓаат скапи времиња.
(продолжува)
Автор: Трајче Стојанов